Со едно ново име и еден повратник, селекторот Александар Јончевски го објави поширокиот список за првите квалификациски натпревари за Европското првенство во 2025 година. На него, по две ипол годишна пауза се најде ветеранот Дамјан Стојановски, како и натурализираниот Итан Хап, инаку Американец по националност.

Капитенот на МЗТ Скопје последниот меч во црвено-жолтиот дрес го одигра во ноември 2021 година, по што реши да ги прескокнува репрезентативните настапи по операцијата што ја имаше. Од друга страна Итан Хап, кој настапува за шпанска Гран Канарија, има добра сезона, а игра на позицијата центар.

Инаку, на 23. февруари во Скопје ја дочекуваме репрезентацијата на Естонија, а три дена подоцна, на 26 февруари, следува гостување во Полска.

Список на кошаркари: Ненад Димитријевиќ (Уникс Казан), Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Андреј Андоноски, Марин Петков, Марко Миловановиќ (МЗТ Скопје), Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Амар Хот  (Пелистер), Адем Мекиќ (Задар), Стојан Ѓуроски, Виктор Ефремовски, Бобан Стајиќ, Андреј Шошкиќ (Работнички), Теодор Симиќ (Борац Бања Лука), Кристијан Николов (Капакли Спор), Лејсон Зеќири (Башкими), Резард Мемед (КБ Или), Андреј Митревски (Феникс), Виктор Ташовски (ТФТ), Ти-Џеј Шортс (Париз), Итан Хап (Гран Канарија).

Со оглед на тоа што на овој список има двајца Американци, Ти-Џеј Шортс и Итан Хап, Јончевски ќе мора да се определи само за еден натурализиран кошаркар.