Македонија на породилни маки

31

Критични моменти во политичкиот пазар за обезбедување на 80 пратеници. Низа средби, нова неизвесност, кого ќе добие, а кого ќе го изгуби Зоран Заев, ако прифати тоа што се бара од него. Иако беше најавено дека ќе продолжи, собраниската седница  не продолжи до затворањето на весникот.

Дел од медиумите пренесуваат дека политичките пазарења траеле цел ден, но оти договорот уште е неизвесен.
Според информациите, Заев во Уставниот закон не го прифаќа определувањето на државјанството на следниов начин: државјанство на Македонија/државјанин на Република Северна Македонија, како што побарале од БЕСА.
Во врска со барањата на БЕСА околу државјанството, Заев рече дека се бара техничка формулација околу државјанството, да се задржи идентитетот во државјанството за Македонците, но да не се почувствуваат Албанците, Турците Србите и другите обесправени.

Не е точно дека Беса е против „македонско“ во државјанството, изјави за медиумите Кастриот Реџепи, потпретседател на Беса.
– Она што сакаме е како тоа да биде одвоено од граѓаните што се Албанци и да се најде некаков модалитет. Еден од предлозите е за нив да стои само граѓани на Република Северна Македонија#, е барањето на БЕСА кое го искомплицира политичкиот пазар меѓу СДСМ и БЕСА.

Во член 1 од Договорот од Преспа, стои дека државјанството ќе биде македонско/државјанин на Република Северна Македонија. За професорот Љубомир Фрчковски, ова е една од главните придобивки на Договорот која нема шанси да не се урне, доколку се усвои амандманот на БЕСА. Негирањето на терминот „македонски“, вели, воопшто не е наивна работа, како што тие ја претставуваат.
Фрчковски за Телма појаснува дека, расправата за амандманите од легалистички аспект не е спорна. Расправа, вели, е можна до последен момент, до пред самото гласање, како и преформулација на амандманите, доколку предлагачот прифати сугестии.

Од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да гласаат за уставните измени ако се прифатат барањата на Беса и инсистираат државјанството да остане само македонско.
Премиерот Заев рече дека доколку нема мнозинство, секој што треба ќе понесе одговорност за тоа и додаде дека ако се случи да нема 80 пратеници најмалку ќе следува состанок на Централен одбор на Социјалдемократскиот сојуз.

„Ако нема мнозинство следува состанок на Централен одбор на Социјалдемократскиот сојуз и понесување на одговорност, друго нема. Ако има продолжува процесот и готово. Ставивме се на оваа карта и апсолутно во политиката како се зема бенефит така се носи и одговорност. Немам предрасуди растоварен политичар сум и дојде моментот на одговорност. Или ќе не има 80 најмалку или ќе следува одговорност”, изјави Заев.

Премиерот најави дека во оваа фаза, очекува поддршка и од пратеникот Панчо Минов од ГРОМ, кој работел на предлог амандманите.

Одговорајќи на новинарско прашање за позицијата на пратеничката Елизабета Канческа-Милевска, Заев рече дека таа е длабоко навлезена во процесот, запознаена е со сите детали. Одлуката, вели, ќе ја носи лично таа, нејзината пратеничка група и секој пратеник поединечно.

-Не можам да кажам дали ќе гласаат 80 пратеници, или пак ќе бидат 79 или 82 или 88, никој тоа сега не може да го каже. Верувам дека процесот на разговори кој течеше дава можност да веруваме дека ќе се обезбеди потребниот број од 80 пратеници, тоа е конечната цел и за тоа разговараме, дополни Заев.

До затворањето на весникот, и покрај најавите пленарната седница на чиј дневен ред се уставните измени не започна. Договор немаше, а од партиите кратко одговорија дека состаноците ќе продолжат на партиско ниво.