Македонизација или бугаризација – што ќе значи внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав?!

Од СДСМ велат дека доколку е потребно, за членство во ЕУ до 2030 година и подобар животен стандард на граѓаните, тие се спремни да ја платат политичката цена. Според потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев концептот за влез во ЕУ е концепт на македонизација. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, пак, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека таквата македонизација, во суштина значи сечење на неговите корени. Тој предупредува дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав значи почеток на уништувањето на македонизмот однатре

277

Расправата за уставните измени почна и заврши за еден ден, а ниту власта ниту опозицијата не отстапуваат од цврстите ставови – првите за усвојување на измените, вторите дека нема да има уставни измени во овие услови, под бугарски диктат. И двете страни имаат свои поддржувачи меѓу познавачите. Во исто време константен е притисокот од меѓународната заедница, која дипломатски вели дека одлуката е на политичарите во Македонија, но предупредуваат дека напредокот на земјава кон членството во Европската Унија, ќе биде одложен додека не се усвојат амандманите.

Од СДСМ велат дека доколку е потребно, за членство во ЕУ до 2030 година и подобар животен стандард на граѓаните, тие се спремни да ја платат политичката цена. Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев рече дека концептот за влез во ЕУ е концепт на македонизација.

-Концептот на влез во ЕУ е концепт на македонизација. Концептот на изолација е концепт на бугаризација и принудување на нашите граѓани во очај да вадат бугарски пасош. Сега за првпат од нас зависи дали ќе одиме во концептот на Европа, концептот на македонизација или ќе останеме во изолација. Ако треба ние да платиме со нашиот политички рејтинг, лично како политичари и партиски, ама државата да оди напред, затоа велиме и министерства и институции ќе ви отстапиме, влезете заедно да ги донесеме уставните измени заедно Македонија да ја турнеме напред во процесот на европеизација, порача Богоев телевизиско гостување и се повика на пораките од меѓународната заедница дека нема шанса Македонија да добие подобар договор и подобра шанса во иднина.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека таквата македонизација, во суштина значи сечење на неговите корени. Тој предупредува дека внесување на Бугарите во македонскиот Устав значи почеток на уништувањето на македонизмот однатре.

-Македонизацијата, кои, некои забегани, ја најавуваат како јакнење на македонизмот, во суштина значи сечење на неговите корени. Очигледно некои политиканти кои или не разбираат или се прават дека се неуки, ни тврдат дека промената на Уставот е спас за земјата, се работи за внесување на противниците на оваа држава и на овој народ, чија цел е да ги уништат. Внесување на Бугарите во Уставот најпросто кажано, значи почеток на уништувањето на македонизмот однатре. Не може некој да биде дел од македонскиот Устав, кој се борел против оваа држава, не ја признава, и го игнорира нејзиниот мнозински народ. Внесувањето на Бугарите во Уставот значи само почеток на затворањето на македонското прашање, бидејќи со тој чин сами ќе се согласиме дека не постоиме како народ и дека Софија е во право кога тоа го тврди. Ако веќе нема македонски народ за Бугарија и ако во Уставот на оваа држава фигурираат Бугари, кои ќе ги бараат сите права, според Бадентер, балансер, правична застапеност… ќе значи ново и дефинитивно рекомпонирање на македонската држава, вели амбасадорот Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Во меѓувреме, власта тактизира со процедурите и го поместува рокот за уставните измени. Иако се тврдеше дека тие треба да бидат донесени до крајот на ноември, кога завршува скрининг процесот, одлагањето минатиот месец го најави собранискиот спикер Талат Џафери, кога рече дека има можност изјаснувањето за отворање на највисокиот правен акт да се одлага сè додека не се обезбедат потребните 80 пратеници. Потоа и премиерот Димитар Ковачевски изјави дека кога земјава ќе го заврши процесот на скрининг, тогаш Европската Унија ќе чека да ги завршиме уставните измени. Најдолг рок за промена на македонскиот Устав даде министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој рече дека реалниот рок за уставните измени е крајот на мандатот на овој Парламент, до кога власта ќе бара поддршка кај пратениците.

Од меѓународната заедница, најгласни се ЕУ и САД. Тие не отстапуваат од ставот дека преговарачката рамка за Македонија, усвоена лани летото, е најдобрата зделка и дека за неа не може одново да се преговара. Последната порака ја испрати амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, која порача дека е лажна вест оти некој може да го репреговара договорот постигнат лани и дека е можен подобар договор. И амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР порача дека преговарачката рамка „беше најдобриот договор што можеше да се постигне во овие околности“. Евроамбасадорот предупреди дека ако уставните измени не поминат, земјава ќе го изгуби моментумот и напредокот кон ЕУ ќе биде одложен додека не се усвојат измените. (В.С.Н.)