Лелек и пискотници на сите страни, ги фрлавме болните преку прозорци

Се случи одеднаш, беше нешто страшно, имавме толку време колку да излеземе преку прозорецот, кој се спаси се спаси, само што изрипавме и пламенот веќе влезе во просторијата, изјави за весникот ВЕЧЕР сопругата на пациент кој лежел во модуларната болница и благодарение на која заедно успеале да се спасат.

2418

Поцрнети прозорци, изгорени кревети и расфрлани остатоци од внатрешниот мебел е сè што останало после пожарот во кој вчеравечер целосно изгоре ковид-центарот во Тетово, при што загинаа 14 пациенти. Само брзата реакција на дел од луѓето кои биле внатре и помогнале во евакуацијата на пациентите спречило бројот на жртви да не биде уште поголем.

Се случи одеднаш, беше нешто страшно, имавме толку време колку да излеземе преку прозорецот, кој се спаси се спаси, само што изрипавме и пламенот веќе влезе во просторијата, изјави за весникот ВЕЧЕР сопругата на пациент кој лежел во модуларната болница и благодарение на која заедно успеале да се спасат. Жената била негова придружничка во болницата. Вели дека видела и други луѓе кои набрзина бегале преку прозорците од огнената стихија која за час се распламтила низ целиот објект. Пожарникарите стигнале бргу меѓутоа пожарот веќе бил секаде проширен. Таа со нејзиниот сопруг и останатите повредени биле префрлени на Интерното одделение во тетовската болница.

Увидот на тимот на јавното обвинителство, за утврдување на причините за настанатиот пожар, денеска сè уште траеше кога екипата на весникот ВЕЧЕР пристигна на местото на настанот, само неколку часа по страшната несреќа. Околу објектот беше поставена лента за да се овозможи непречена работа на истражната екипа. Луѓето кои живеат во непосредна близина не можеа да најдат зборови за да го искажат своето жалење и длабока потресеност од немилиот настан.

Командирот на противпожарната бригада во Тетово, Ука Алити нè информираше дека пријавата за пожарот ја добиле во 21:02 и веднаш се упатиле кон Клиничкиот центар.

„Бидејќи знаевме дека во болницата се наоѓаат луѓе кои се болни и се под третман излеговме сите на терен, освен диспечерот. На лице место дојдовме со три противпожарни возила. Две возила влегоа внатре низ медицинскиот центар за да интервенираат од десната страна на објектот, а целиот објект веќе беше опфатен со пламените јазици. А со едно возило се доближивме од левата страна, значи од двете страни да интервенираме бидејќи пожарот веќе беше проширен во сите внатрешни простории на модуларниот ковид-центар. Моравме да работиме многу брзо бидејќи се работеше за човечки животи за да го ставиме пожарот што побргу под контрола, но и да направиме евакуација на луѓето“ – изјави Алити.

Тој додаде дека штом го ставиле пожарот под контрола почнале да вадат луѓе од објектот и живи, но за жал и мртви, а истакна дека голема помош добиле од лекарите и медицинските сестри кои во тоа време биле на работа, но и од граѓаните.

Сцената на немилиот настан е навистина страшна, причините на пожарот останува да бидат утврдени. Екипата на ВЕЧЕР и покрај настојувањето не успеа да добие изјава од лекарите за состојбата на повредените во пожарот, кои се префрлени на нега во тетовското интерно одделение.

(И.С.)