ЛЕГЕНДАРНИОТ НИКОЛА БАДЕВ ЗА УШТЕ 200, 300….ГОДИНИ!!!

11

Македонската опера и балет вчеравечер беше претесна да ги прими сите оние луѓе кои дојдоа да уживаат во незаборавните песни на легендата на македонската народна музика Никола Бадев. На свечениот концерт, по повод одбележувањето 100 години од раѓањето на вечниот Бадев (и 70 години откако е присутен во етерот со своите преубави песни и ако физички не е меѓу нас), настапија многу познати и оние најпознати македонски пејачи кои пееја во живо, меѓу кои и:

Наум Петрески, Ванчо и Александар Тарабунов, Виолета Томовска, Сузана Спасовска, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Дуле Георгиевски, Добрила Ивановска-Чубриќ, Круме Спасовски, Елена Андоновска, трио “Гранде”… сите тие придржувани од професионалците Бајса Арифовски и Милан Зафков па, така ја имавме исклучителна можност да ги слушнеме во нивната интерпретација фолк-евергрините: Збогум мајко, Сношти минав покрај вази, Разболе се мома Ирина, Ацано млада невесто… додека концертот заврши со настапот на Мишко Крстевски, која со колегите ја испеа феноменалната “Песна за Бадев”.


И навистина на организацијата, изборот на пејачите и песните нема што да им се забележи. Единствената замерка и тоа со причини ја упатуваме до медиумите, со исклучок на Македонската телевизија која го снимаше концертот, кои скоро да не покажаа интерес да го следат овој концерт и ако голем број од медиумите беа поканети.

Дојдовме само ние од “Вечер”, од пишаните медиуми! Незаинтересираноста на македонските медиуми за својот Никола Бадев зборува дека и понатаму останавме исти во погледот на тоа, дека повеќе си го сакаме тоа што ни доаѓа од север или исток по прашањето на фолк-музиката, од колку ова овде домашното.
Затоа и беше сосема на место горчливата замерка на еден од учесниците: сега да беше овде Лепа Брена со “Ситније Циле, ситније” нема да можеше да се дојде на ред за земање изјава од оваа поранешна југословенска пејачка за која ништо чудно доколку воопшто и слушнала за легендарниот Бадев…

Како и да е се случи еден вонсериски вистински концерт, кој ни под кое оправдување не смееше да се испушти. Песните на Бадев не се само за душа на македонските сладокусци, бидејќи тие не ги познаваат границите онака како што и самата музиката не ги знае. Се пеат од душа, тоа со сигурност знаеме, и кај публиката во Србија, Бугарија, Босна, таму на нивните прослави, свадби и родендени, но и пошироко во дијаспората.

Дуле М./foto:vecer.press