Уште двајца македонски ракометари ги завршија натпреварите од групната фаза во Европската лига на ЕХФ. Покрај победата на нашиот Алкалоид против Ла Риоха, свои настапи имаа уште Филип Талески и Бојан Маџовски.
Португалска Бенфика ги загуби шансите за прогрес во следната фаза, но сепак, успеа со победа да ја комплетира групата А и триумфираше на гостувањето кај Кристијанштад со конечни 27:31.
Екипата на Ловќен загуби убедливо со 42:19 на гостувањето кај германскиот гигант Фленсбург. Кај црногорскиот претставник во тимот беше и Македонецот Бојан Маџовски, кој остана без учинок на овој меч, а Ловќен од Цетиње го забележа вкупно шестиот пораз во групата Е и без ниту еден освоен бод го завршува учеството во овогодишната Европска лига.