Кој ќе ни го бере грозјето, сезонците кои останаа ќе заминат на берба во Италија?!

Голем дел од помладите сезонски работници ќе отидат на берба во соседните земји, а Италија веќе одобри дозволи за 40.000 сезонци за берба на грозје и јаболка. Лозарите се надеваат на  постарите од околните села кои се останати во државата и кои се уште можат да работат. Освен проблемот со работна сила лозарите ги мачат и откупните цени, бидејќи на стартот на бербата на винското грозје се уште не се знае по која цена ќе се откупува. Се надеваат дека оваа година цените ќе бидат двојно повисоки од лани, бидејќи и родот е намален за над 50 отсто

524

Почна бербата на винското грозје, но берачи нема. Голем дел од помладите сезонски работници ќе отидат на берба во соседните земји, а Италија веќе одобри дозволи за 40.000 сезонци за берба на грозје и јаболка. Лозарите се надеваат на  постарите од околните села кои се останати во државата и кои се уште можат да работат. Освен проблемот со работна сила лозарите ги мачат и откупните цени, бидејќи на стартот на бербата на винското грозје се уште не се знае по која цена ќе се откупува. Се надеваат дека оваа година цените ќе бидат двојно повисоки од лани, бидејќи и родот е намален за над 50 отсто.

-Како и секоја година и оваа мака мачиме да најдеме работници за берба.  Младите си заминаа во странство, а работна сила што е останата по селата е постара и веќе ќе не може да работи. Моментално имам 30 берачи од околните села кои се над 50 години. Дневницата за седум часа работа од 6 до 13 часот е 1.300 денари, а товарачите земеаат и по 1.500 денари, вели за весникот ВЕЧЕР Васка Мојсовска претседател на Националната федерација на фармери.

Таа вели дека климатските промени годинава предизвикаа големи штети врз лозовите насади. Така поради дождовите и болестите родот е намален на 60 до 70 отсто. Некој лозови насади цели се уништени, а кај некој има останато само 50 отсто од родот. Поради намалените количини се надеваат дека откупните цени годинава ќе бидат повисоки. Меѓутоа бербата на винското грозје веќе почна, а се уште не се знае по која цена ќе се откупува.

-Некои од винарските визби имаат објавено цени, но тие се многу ниски и понижувачки. Нафтата, горивата, работната рака се е покачено, а откупните цени на винското грозје 25 години не се променети. Ние како НФФ очекуваме откупните цени годинава да бидат двојно повисоки од лани, додава Мојсовска.

Освен кај нас и во регионот има помали количини на винско грозје. Во Србија, Црна Гора, Грција, Италија…каде исто така климатските промени си го направија своето и значително го намалија родот.

Познавачите велат дека државата мора да се имплементираат мерки што ќе помогнат да се намали одливот на сезонските работници во странство за време на сезонските интензивни берби. Кога станува збор за старосната структура на сезонските работници, најзастапена е групата од 50 до 60 години. Помладата популација не е толку заинтересирана да се занимава со сезонски работи.

Инаку Италија усвои закон со кој се овластува издавање дозволи за 40.000 сезонски работници од земји кои не се членки на ЕУ и кои ќе бидат ангажирани пред се во земјоделскиот сектор за берба на грозје и јаболка. Сезонските работници ќе се вработуваат врз основа на апликациите поднесени до локалните канцеларии за имиграција, а нема ограничување во однос на националностите.

Најголем дел од земјоделците ќе работат во областите на Верона, Фриули, Трентино, Пиемонт, Емилија Ромања и Ломбардија за бербата на грозје, јаболка…

(А.С.)