КОЈ Е ВО ПРАВО: Пробиен нов пат на Водно или порамнет е теренот за пристап до село Грчец?

4

Од “Го сакам Водно” кои се најгласни против изградбата на гасоводната траса им се обратија на властите преку Фејсбук потсетувајќи ги дека некој “непознат” сторител успеал да пробие 1.500 метри нелегален пат низ планината од село Грчец, па се до ископаната гасоводна траса.

– На сите мега пропусти и покрај вашите “строги” надзори, секојдневно присуство на работници кои пробиваат гасоводна траса, патролирање на шумската полиција, инспекторирање од сите можни инспекции – сепак успеа непознат сторител да ви пробие нелегален пат од цели 1,5 километри. Законот за Водно, кое толку сакавте да го заштитите, ќе го донесете откако Водно целосно ќе се искасапи или откако ќе се пробие уште некој булевар?! – прашаа тие.

Од Град Скопје ги демантираат тврдењата на здружението „Го сакам Водно“ во однос на обвинувањата дека е изграден нов пат на Водно со што е уништено зеленило на планината.

– На посоченото видео во дел се прикажува постоечка патека, додека во дел се прикажува пристапен пат до постоечки имоти (ниви) кој изминатиов период е исчистен (порамнет). На 1 ноември екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ направија увид во активностите на овој потег, каде е утврдено дека не станува збор за изградба на нов пат, туку станува збор за чистење на патека (порамнување на терен) во должина од околу 550 метри, каде се отстранети гранки, грмушки и камења, со цел да се овозможи пристап до имотите (ниви) на лицата. Лицата, претставници од месната самоуправа Грчец, поседуваа уредна согласност издадена од страна на општина Сарај за оваа активност. За време на порамнувањето на теренот, во текот на сите теренски активности присуствуваа вработени од ЈП „Паркови и зеленило“ и можеме да потврдиме дека за време на чистењето на теренот не е оштетено ниту зеленило ниту едно дрво. Оваа патека која е исчистена се поврзува со веќе постоечка патека и не станува збор за никаков пат или уништување на планината Водно, велат од Град Скопје.

(С.Бл.)