Кој ги контролира фабриките за канабис?

Последната акција на МВР, во која се опфатени и партиски активисти, укажува на примамливоста и огромните нелегални профити од овој вид легализиран криминал, велат од Демократскиот сојуз. Оттаму посочуваат дека состојбите со илегалната трговија со канабис во Македонија се загрижувачки и прашање е кога ќе добиеме сериозна критика и одлука за забрана на производство на канабис и од Организацијата на обединетите нации. Укажуваат дека треба да се забрани овој „најпрофитабилен бизнис" и наведуваат дека во илегалната трговија со дрога се вклучени и носители на високи државни и политички функции во земјава. Викендов, МВР спроведе акција под кодно име „Чибук“, во која на удар се најдоа десетина лица кај кои беше пронајдено околу 100 килограми марихуана

739

Во Македонија, над 70 фирми произведуваат канабис без ефикасна контрола од институциите, при што канабисот, кој декларативно е наменет за медицински цели, се злоупотребува и се пласира на нелегалниот пазар и на тој начин се шири наркобизнисот. Ова го посочуваат од партијата Демократски сојуз на поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, од каде што укажуваат дека треба да се забрани овој нај профитабилен „бизнис” и наведуваат дека во илегалната трговија со дрога  се вклучени и носители на високи државни и политички функции во земјава.

-Последната акција на МВР, во која се опфатени и партиски активисти, укажува на примамливоста и огромните нелегални профити од овој вид легализиран криминал, велат од ДС.

Алармираат дека состојбите се загрижувачки и дека прашање е кога ќе добиеме сериозна критика и одлука за забрана на производство на канабис и од Организацијата на обединетите нации.

Викендов МВР спроведе акција под кодно име „Чибук“, во која на удар се најдоа десетина лица кои се осомничени за вклученост во „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции“. Меѓу приведените, како што објавија дел од медиумите, е и Боро Стојчев, познат како Боро Марлборо поради тоа што тој своевремено се занимавал со шверц со цигари, а во актуелниот момент тој е осомничен за поврзаност со шверц со марихуана. Интересно за јавноста е дека Стојчев, инаку е поранешен градоначалник на Ново Село, (во периодот октомври 2017 до декември 2018 година). Како што беше објавено во медиумите, во 2020 фирмата „Еко-енерџи космос“, управувана од синот на Боро Стојчев, Виктор Стојчев, ја сменила дејноста за одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија за употреба во фармацијата, и добила лиценца за одгледување канабис од Министерството за здравство, односно од Владата. Инаку, фирмата е основана во 2019 година, веднаш по пуштањето од затвор на Боро Стојчев, кој тогаш издржувал казна поради шверцот со цигари.

Стојчев заврши во притвор откако викендов полицијата изврши претреси на повеќе локации во Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Струга, КПУ Затвор Прилеп и неговата околина и притоа кај приведените вкупно 8 лица беа пронајдени 13 јутени бели вреќи со 193 вакуумирани кеси, со околу 100 килограми марихуана.

Според обвинителството во повеќемесечна предистражна постапка било утврдено дека во периодот од октомври 2023 до март 2024 година, осомничените се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога марихуана и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба на канабис.

Инаку и билтенот на Министерството за внатрешни работи, пак, секојдневно се полни со полициски рации за откривање на криумчари со дрога, во некои дури и со инволвирани млади, па дури и малолетници.  Последен случај е во Тетово каде што обвинителството почна истражна постапка против 18-годишен жител на Тетово, во чиј дом е пронајдена марихуана наменета за продажба.

Според податоците на МВР, за пет години вкупно 263 деца влегле во евиденцијата на Министерството за внатрешни работи како сторители на кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога. Според овие податоците  за период од 2019 до 2023 година во рамки на откриените кривични дела во најголем дел од случаите кај децата била пронајдена марихуана. Сепак, од полицијата посочуваат дека од 2019 година, па сè до минатата година бројот на деца фатени со дрога бележи благо намалување, односно ако во 2019 таа бројка била 75, во 2023 е 45 сторители на дела поврзани со дроги.

М.С.