Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, е оптимист дека одредбите од Законот за административни службеници оспорени пред Судот, а познати во јавноста како балансер при вработување во администрацијата, ќе бидат укинати. Тоа значи дека во иднина, под секој оглас за вработување во администрацијата нема да стои националната припадност. Минатата недела, балансерот беше замрзнат до конечно одлучување, кое треба да се случи во среда, на седницата на Уставниот суд.
Претседателот на Уставен за весникот ВЕЧЕР изјави дека каква и да биде одлуката на Судот, нема да е политичка, туку правно издржана. Имаме чиста правна ситуација, смета Костадиновски, кој, пак, истовремено е и судија известител по иницијативата поднесена од Државната комисија за спречување корупција.
На последната седница, Судот донесе одлука да поведе постапка за одредби од Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници , Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавниот сектор – во делот „припадност на заедницата“, Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, како и методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување.
Против иницијативата се изјасни уставниот судија Осман Кадриу, кој рече дека со укинување на балансерот ќе немаме никаква застапеност и правата на немнозинските заедници ќе бидат укинати.
– Мора да констатирам дека ако се случи тоа и се донесе одлука на штета на немнозинските задници, ќе бидеме донесени, како суд, во една мошне штетна состојба за односите меѓу заедниците во државата – изјави Кадриу.
Дали евентуалното укинување на балансерот ќе ја отвори Пандорината кутија во политичките блокови?
Министерот за администрација, Минчев, за ВЕЧЕР вели дека нема да коментира до конечната одлука на Уставниот суд.
– Неколку пати зборував во јавноста за злоупотреба на дигиталната алатка и националната припадност на обрасците за вработување. Имавме случаи каде што Македонци се пишувале Албанци, Албанци се пишувале Македонци, припадници на други етнички заедници, што значи балансерот практично ја загуби својата намена за што беше создаден.
Одлуката за поведување постапка за балансерот предизвика реакции кај партиите од албанскиот блок, особено на оние во опозиција. Од Демократската унија за интеграција ја оценија одлуката како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што ќе отвори нови проблеми, кои, како што наведоа од партијата, ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор.
Од друга страна, пак, вицепремиерот од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, коментирајќи ја одлуката Уставниот суд, изјави дека овој механизам е девалвиран, дека неговото време е завршено и дека со евентуално негово укинување, Албанците во државава не губат ништо. Според него, при формирањето на новата Влада, политичкиот договор меѓу „Вреди“ и партнерите од ВМРО-ДПМНЕ бил да биде унапреден балансерот во закон за соодветно претставување на малцинските заедници и забележа дека Уставниот суд не го погодил тајмингот за да поведе постапка. Премиерот Мицкоски не ја коментира одлуката на Уставниот суд.
Конечното одлучување по иницијативата е прва точка на дневниот ред на седница во среда. Претседателот најави дека лично ќе ја образложи одлуката по тајното гласање на судиите. За конечно укинување, потребно е да гласаат петмина од уставните судии. (П.А.)