Концерт на Филхармонија и доделување на наградата „Георги Божиков“ на Денови на македонската музика

31

Оркестарот на Македонската филхармонија, на 19 септември, со почеток во 20 часот ќе одржи концерт во рамки на 47. издание на фестивалот „Денови на македонската музика“ (ДММ).

На програмата се „Девет минијатури за симфониски оркестар“ од Томислав Зографски, Прелудиум бр.2/ Con Delicatezza од Панде Шахов, „The apple t(h)ree (to the unmercenaries)“ од Дамјан Темков, а премерно ќе бидат изведени и делата „Дијада“ бр. 2 од Јана Андреевска и „Disturbance“ од Бојана Петровиќ Алексова.

Диригент е маестро Томас Херцог од Швајцарија.
Во периодот од 2014 до 2024 година, Томас Херцог беше постојан балетски диригент во Театарот Базел. Од 2019 година, тој е чест гостин-диригент на балетски продукции во „Семперопер“ во Дрезден и Државната опера во Будимпешта. Херцог има долгогодишна соработка (повеќе од 15 години) како редовен гостин-диригент со Филхармонијата на Виртемберг во Ројтлинген, Филхармонијата на Монтевидео и симфониските оркестри во Мишколц, Сегед и Сомбатхељ во Унгарија. Редовно добива покани за диригирање со реномирани ансамбли како што се Радио оркестарот на Унгарија во Будимпешта, Државната филхармонија на Рајнска-Пфалц, Симфонискиот оркестар на Берн и Симфонискиот оркестар на Кипар. Во сезоната 2024/25, Херцог ќе дебитира во Дојче Опер ам Рајн во Дизелдорф, Музичкото театар Аалто во Есен и Операта во Рим.

На концертот ќе се додели и наградата „Георги Божиков“.

Наградата „Георги Божиков“ Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ традиционално ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешни изведби на дела од македонски композитори. За 2023 година комисијата во состав: проф. д-р Стефанија Лешкова Зеленковска, музиколог, д-р Мирјана Павловска – Шулајковска, музиколог и проф. д-р Валентина Велковска Трајановска – копозитор наградата ја додели на пијано триото во состав: Татјана Петрушевска Караскаковска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано.