Проф. д-р Солза Грчева

ЈП “Водовод и Канализација“ исплатила фантастични половина милион евра за адвокатски услуги на “доверливи и блиски“ до Владата адвокати, кои плус ја советуваат Владата . Истите оние, кои како балерини танцуваат по една сезона, помеѓу најмасно платените компании како МЕПСО, ЕЛЕМ и ним слични. Еден таков, веројатно “најспособен“ и “најкомпетентен“, а најважно  и  “доверлив“ адвокат во државата и пошироко, само од Водовод испумпал 77.000 евра. И се е по закон. За морал не станува збор. За социјална правда и неправда пак, воопшто. Ниту за конфликт на интереси. За грабеж пак, ич.

Станува збор само за озаконета корупција во која пливаат како риби во море и ништо немаат намера да променат. За какви реформи зборуваа? Попрво се спремни да деформираат и нешто што останало, одошто навистина да реформираат.

Секое јавно претпријатие кај нас, уште од бившиот систем, има Сектор за правни работи со еден куп правници. Со промената на системот, тие бројки на вработени правници станаа фантастично големи. Во некои претпријатија, најпогодени од партизацијата поради својата атрактивност, бројките на правници изнесуваат и до 200. Замислете што тие прават, пред кого ја застапуваат фирмата, со какви “страотни“ предмети  се занимаваат! Замислете, цели две стотини правници под еден покрив. За утеха, многу од нив седат дома, зјаат во таван, мијат џезвиња од кафе и бистрат политика. Појдете на страницата на ова конкретно, традиционално  криминогено претпријатие, кое за празен стан наплаќа астрономски суми за вода (па нека оди граѓанинот да докаже) и ќе ги видите сите (околу 60-тина) функции кои се во надлежност на Секторот за правни работи и за кои вработените земаат плати. Помеѓу нив е и фамозната активност: платни налози. Потривијална, поедноставна работа за еден дури и полу приучен правник не може да се замисли. Но, горе споменатиот владин адвокат, како и други негови “најкомпетентни“, а уште поважно “доверливи“ колеги сега, исто како и во претходната гарнитура, си ставале во сопствените џебови незамисливи суми пари, се на грбот на нашата сиромаштија. Како да го застапувале ЈП “Водовод и Канализација“ во спор со светскиот гигант од Канада, Хидро Онтарио. И се е по закон.

Бивши министри за правда, сега владини советници, добивале “ситни“ пари од околу 80.000 денари месечно за правни совети. За споредба, редовни универзитетски професори со највисоки квалификации во државата, одат во пензија со цели 36.000 денари. Некои и со помалку.

Се прашувам зошто оваа “најкомпетентна“ екипа на правни советници не ја советувала владата да ги промени законите кои озаконуваат корупција?! Наспроти тоа, тие самите станале практично консументи на криминогените закони кои не се обидуваат да ги променат. Во лице ни се потсмеваат и велат: се е по закон. Еве им патоказ од еден правник аматер: итна промена на Законот за конфликт на интереси, за инспекторат, за јавни претпријатија…ги има повеќе точно од оваа сфера. Да не заштитат нас граѓаните од арчењето (читај крадењето) на нашите пари. Најголемиот дострел на оваа Влада, која за само две години покажа неверојатна способност за лижење на се што плукала претходно,   е што сега, замислете сме ги дознавале работите за разлика од претходната која не била транспарентна. Или како што ми срежа во очи една нивна прилично фолклорна функционерка, проследено со гримаса извадена од комичен хорор филм: “Ааааа….ама сега не фаќате“. Демек, направиле драматичен исчекор во однос на претходниот режим. Токму нивната извитоперена претстава за тоа што е, и зошто е потребна транспарентноста кога трошат мои и ваши пари,  која се сведува на тоа “кога ќе не откриете  веќе е доцна и ништо не ни можете“ ме збеснува. Аман не бидете транспарентни! Да ви препорачам да бидете чесни и нормални, знам дека е невозможна мисија. Метастазите не се лечат, барем не без хируршки рез.

Наивните ја чекаат “метлата“ која ќе заиграла. Всушност се работи за две метли во државата која полетно ќе одела кон етничко и секакво помирување. Истата таа држава, со за мене непристојно име,  во која Заев е премиер, рамо до рамо со засилениот премиер во сенка, Ахмети. Еден ќе го чистел својот двор, а другиов неговиот. Значи, немаме премиер на целата територија на државата. Имаме само “консензуален“ претседател со најмал можен легитимитет досега. Дали на целата територија, останува да се види. Можат и нему да му смислат резерва, како на градоначалникот на Град Скопје. Вон закон, се разбира.

Еве како јас ги замислувам овие две метли. Рајко ќе го замени Петко, а Петко ќе седне во столчето на Трајко. Трајко оди на уште подоходовна позиција, ама малку ќе биде невидлив. Има уште места во надзорни, управни и какви се не одбори. Да не зборувам за јавните претпријатија, каде во нормална држава за директори се одбираат луѓе според образование, референци и на јавен конкурс, а никако не со партиски книшки и заслуги. Таму ќе биде најголемата гужва пред голот. Ќе се растрчаат како буба шваби кога ќе се запали светлото и ќе се раскараат на мртво. Не исклучувам и метливе малку меѓу себе да се испотепаат. Онака братски. Бидејќи таму им се “консултантските“ услуги, договорите на дело, па и некој тендер. Голем чекор за нив, а за сите други ќе остане транспарентноста.

И навистина е веќе дегутантно да се зборува дека ни е потребен систем кој постојано, одржливо и системски ќе се мете самиот себе. Систем кој самиот ќе ги отфрла оние кои според мерливи показатели покажале слаби резултати, кои немаат капацитет за работата. Систем во кој поради вработениот роднина, функционерот веднаш дава оставка, а не само роднината. Но, ова да го објаснуваш на влада која ја советуваат естрадни ѕвезди, вечни отпадоци кои се одговорни за странски инвестиции и останати кловнови, е трошење на време.

Конечно,  ако во првиот квартал имате само 6,2 % реализирани капитални инвестиции од предвидените, на целава инфраструктура која се распаѓа, тогаш целата влада треба веднаш да се смете. Европска влада не би преживеала еден ден со ваков неверојатен показател на неодговорност, немоќ, неработење и незнаење. Народна банка јасно го проектираше растот на 3.5%. Надвор, на уште помалку: 3%. Знаете што е тоа за Македонија? Незапирливо тонење. Се ветуваше просечна плата од 30.000 денари. Јас мислам дека до тоа и ќе дојде. Но, кваката е во тоа што трошоците на живот кои растат секојдневно, ќе ја девалвираат во старт таквата плата. Да речеме, трговците во малопродажбата кои ќе им исплаќаат таква зголемена плата на вработените ќе имаат две можности: да отпуштаат вработени или да ги зголемат цените на мало на производите. И повторно дупло голо. Се работи за чист популизам од кој бегавме, непоткрепен од реалната економија. И левиот и десниот популизам, се подеднакво штетни и опасни. Едноставно го разградуваат и она малку здраво ткиво, кое како пиреј се обидува да никне и опстане.

Затоа, потребна е промена на политичкиот систем. Зборот “реформа“ веќе звучи вулгарно.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)