КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Показна вежба

126

Европо, гледај и запишувај што се случува во твоето прекрстено милениче. За волја на вистината никогаш не бевме милениче, но наеднаш станавме. Да се чудиш. Не го сакав кучето додека се вика Диди, ама кога го прекрстив во Џони на барање на комшијата, се создаде љубов до небо. Чиста перверзија. Па добро, Европа одамна ја кити епитетот на декадентна. Во тој контекст може и да се толкува овој драмски пресврт.

Европо, тебе ти сметаше народот македонски, ти сметаше името, ти сметаше историјата наша, ти сметаше секоја културна трага која ја оставил овој народ на еден поголем простор од ова залче земја кое ни остана. Но, затоа тебе Европо, со стари демократии, со втемелени правни држави, со традиции на неселективна казнивост, не ти смета и замижуваш на двете очи на се она што се случува во оваа Балканска Крчма. Проголта кршење на Устав, проголта отворен поткуп на пратеници, проголта неуспешен референдум, проголта фалсификуван договор. Проголта и твоја злоупотреба со ставање на европски знаменца на тоалетна хартија, проголта и прашање на референдумот каде срамниот пораз на спогодбата директно го врзаа со тебе (и ти изгуби, заедно со спогодбата и со тајфата која дрско те лажеше за некаква 75% поддршка која ја обезбедиле) . Ништо тие не обезбедиле. Само насилство, прогон, закани, етикетирања, урнисување на кревкиот правосуден систем и се разбира, огромни привилегии на насилниците. И ти Европо, таква демократска за каква се продаваш, за чудо не се задави. Многу збунувачки и разочарувачки дури и за твоите верни, преостанати поддржувачи. Се помалку се. Не ти веруваат повеќе. Твојата верна марионетска тајфа, токму со референдумот, поддршката од над 80% ја сведе на фантастични 36%. Оние кои едвај те чекаа да стапнеш на овие простори, се дават од коската во грло која им ја зашвајсуваа. Нема мерак во целава приказна. А кај нас меракот е важна работа.

Европо, дали воопшто се заврте да видиш каде отидоа парите од твојот божем иновациски фонд?! На иновации? Ако е иновација селска печатница (која можеби како утре ќе печати нови документи за сите граѓани и ќе натепа невидени пари), тогаш јас се извинувам. Јас мислев дека иновација е некакво иновативно решение за енормново загадување, некоја изолација за енергетска ефикасност, некој уникатен производ од ова поднебје. Но, сум се излажала очигледно. Иновација била се што се произведува во фирма на пратеник. Или според зборовите на несреќниот Хан, и иновациите се на Балкански начин. Европо, дали гукна за ова?!

Деновиве сме поплавени со информации за тоа колку и чии деца, браќа, сестри и швалерки на функционери се вработиле во јавната администрација. Права лавина. Се отплаќаат долговите кон оние кои “своеволно“ гласаа за промените во Уставот и кои наеднаш се просветлија за нашата НАТО и ЕУ перспектива. Ако перспективата се проектира низ нивните вработувања, тендери и привилегии, ексик да е. Министерот за администрација, кој додека беше во опозиција ја броеше секоја прекубројна глава во администрацијата, сега дрско ни објасни дека тие напатени чеда доста чекале на вработување. Цели 10 години чисто патење. Не видов такво нешто гледајќи ги истите бивши опозициски фаци како не се симнуваат од луксузни џипови, но нејсе. Не гледам ниту сега дека нешто многу им фали на оние бившите. Единствено му фали на обичниот човек кој не е припадник на ниту една од сектите, или поточно на картелите. Тие взаемно си ги простуваат криминалите и непотизмот и тераат натаму, се на грбот на оние проколнатите кои не гледаат ама трошка надеж и иднина во небиднинава.

Костадинов, во улога на портпарол на СДС ќе рече: “Партизацијата која со децении беше пракса во Македонија, конечно е на колена“. Рече и остана жив. Ама какви колена, човече?! Кажи дека е на грб превртена како отруена буба шваба. Европо, забележи го, те молам, овој огромен успех. Веќе нема партизација. Таа заврши успешно, сега се на ред роднините на “непартиските“ војници. Па кој нормален би гледал партизација и непотизам во вработувања во режимски телевизии на, да речеме, децата и внуците на Ката Специјале?! Откога ја помножија со нула со нарачани притвори и ист број на отпуштања од притвор, редно е државата да ги вдоми докажаните и единствено способни таленти. Како талентката со стипендија од 40.000 евра, ќерка на Министерот за договори (во народот познат како Никиликс), за да студира во своето домашно огниште во Холандија. Или на Мира Дизел целото тесно и пошироко семејство. Па навистина овој народ е злобен и никаков, ако во ова гледа партизација и непотизам. Такво нешто, едноставно повеќе нема. Цркната буба шваба.

Уште “поубедлива“ беше изјавата на оној кутар Османи, кој божем треба да не интегрира во Европа. Тој талент ни порача дека не можеле да чекаат да се симнат од власт, па потоа да ги вработат сите свои роднини и комшии. Да, точно е. Што би рекле децава од моево маало :“не е ферски“. Па ајде да речеме , нека се вработат на јавни конкурси, наместо на државни јасли, во приватни фирми. Еве како на пример во една од многуте (непостоечки) инвестиции кои нели тие таленти ги донесоа кај нас. Нека ги вработат во празните ливади или во веќе постоечките странски фирми за 9000 денари месечна плата. Или во текстилната индустрија каде во лето, дежура амбулантно возило да ги однесе оние кои паѓаат во несвест од пареата и жештината во халите со тавани од метро и половина. Европо, овој не носи во твоите прегратки?! Хааааа…. За орлињата и да не зборувам. Допрва се спремаат да летаат, но не кон Европа, туку кон шалтерите во Берово. Толку дал Господ, а богами толку дало пред се “началството“. Важно таблите се променети, на број се, и чувани како Алкатраз. Непријателот никогаш не мирува. Може некој ќе се сети да нацрта по некој орган како на таблите на автопатот “Пријателство“. Нека си дреме таму полицијата, а исчезнатите ќе ги бараат самите роднини.

Но, добро е ова што ни се случува. Сето е една показна вежба која веднаш, тука и сега ни ја проектира “светлата иднина“. Европските фондови ќе бидат ограбени, малкумина ќе се офајдат, рекетот ќе царува, правда западно од Пекос, роднините спастрени со работа во “гломазната“ администрација (сега веќе не е), тендери само во фамилиите, стипендии само за таленти на функционери (од толку таленти сме на дното во се), образование во раце на послушници кои се самите недоучени, здравство кое самото изумира заедно со осудените пациенти, цени кои растат вртоглаво, па ветената плата од 500 евра ќе стане со реална вредност од 250 за многу кусо време и така натаму и така удолу.

Важно е да повторуваме: нема партизација, нема корупција. Ајде сите заедно: нема партизација, нема корупција. Ова можеби ќе допре само до упорниот и кутар Хан кој не успеа да ја прошири Унијата ниту за една педа. До другите, со малку ум и разум не доаѓа. Не дека и во Европа нема корупциски скандали и неправди. Но, самата идеа дека некој камшикар од надвор ќе не извлече од оваа беда, е безочна лага. Сепак, ако и оваа година повторно стигне некаков “позитивен“ извештај од Комисијата, јас се нафаќам ритуално да го запалам на плоштадот Македонија. Доста со лажењето! Или самите можеме да се спастриме без идеализирања, или немаме држава.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)