КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: Време на хумор

376

Отвори телевизор, отвори портал, отвори весник, циркусот Медрано е постојано во нашиот град. Поплава од небулози, од изјави кои се забиваат како нож во мозокот. Човек се прашува што се случи со нашево образование, култура, со нашава елементарна логика, писменост?! Само некои изјави се доволни еден професор или било кој здраворазумен човек да падне во депресија. Од онаа дека од правото на живот произлегува обврската да се умре – прафразирана изјава на директор на ургентно одделение во државните клиники на смртта, до таа на ЗЗ дека Британија и го топлела столчето на Македонија за влез во ЕУ. Се плашам дека и Америка ни го топли столчето за во НАТО. Кога сите напуштаат, нашиве на бело магаре, држејќи си ја главата под мишка, влегуваат. Зарем заслуживме да чуеме: “Не ми чепкајте по жицата за алишта или гитара“, инаку ќе одам по македонската жица (која самиот експресно ја пукна). Или скромниот извадок од урнебесното интервју на ЗЗ изведено на перфектен есперанто: “„Граџани свакој земљи носе одлуку и њихови лидери треба да следе одлуке граџана“. Се мисли на 36% “граџани“ со вклучен поприличен фалсификат. Додека дишам, ќе ве лажам. Имате право на чист ајро. Ајро, Ајро друже мој. Бисери, бисери,…

И многу други, и уште пострашни изјави. И воопшто не е смешно. Страшно е. Па какви тоа луѓе ние избираме да не водат, што можеме да очекуваме од нив, за какви тоа реформи се зборува?! Зарем не сме свесни дека таквите божем наивни шарлатани во недостаток на елементарни знаења и самодоверба, а охрабрувани од ним слични, ќе посегнат по чисто насилство?! Тоа и го направија, така и опстануваат. Пред светот ќе глумат “божји“ човечиња, Ганди со најмодерни скии, овде ќе газат по закони и луѓе. Потплатуваат, уценуваат, се осветуваат, судството го докусурија, Собранието не постои.

Гасете светло, доста е. Ајде да започнеме со ментална хигиена, инаку сите ќе се штрапнеме. Да им го препуштиме овој народен гениј на следбениците кои кршат керамиди од глава, на градоначалниците кои сега укапирале дека живеат во Илирида, на Микеланџело Бонапарта, на женска слава Св.Сава и Св. Ѓурѓа, на избањатите мозоци, на многуте кои не се далеку од него ниту во умот, ниту во есперантото, ниту во духовната матрица. Нека отворат универзитет “IQ 33“, нека ги одбира професорите Господ лично со црпнување од нива, и нека ги шират хоризонтите до бескрај. Фондот за иновации секогаш може да помогне со некоја банка за поддршка на малоумните, а МОН ќе им даде стипендии за изучување на вуду магии на Хаити. Во нивниот паралелен универзум, во кој се делат награди на вакви, ниту имам намера, ниту имам право да се мешам. Скраја да е.

Станавме луда држава по секоја основа. Станавме за мајтап на целиот регион и пошироко. Со секоја наредна награда на квислинзите, само се потврдува тезата дека нас не седнуваат на маса само за да се развеселат коцкарите и пијаниците. Ги шетаат како мечка на свадба. А овие, цупкаат по такт и се подмочуваат од среќа. Така го шетаа и Јелцин по рушењето на Советскиот Сојуз. Дури и пијан кај Англиската кралицата го истопорија. Браво дечко, ти си ни идол! А тој растеше како пирошка во тава. Нашиов, како зрела френка пред гмечење за лутеница.

Ги шетаа и трине консензуални кокони од СЈО и се обидуваа да ни ги продадат како експозитура на Елиот Нес. Им ги креваа акциите, ги фалеа, се заколнуваа на верност, им ги криеја дипломите со оценките, ги учеа да читаат пред камера, ги позлатија, море и стајлинзи им правеа. И одеднаш ги ќофнаа. А таман се залауфаа со “силни“ предмети. Претходно вежбаа на шамари и останата боранија. Специјалност им беше пуштање од притвори на “фамилијарни“ луѓе. Половината им се разбегаа, главниот тие го “побегнаа“. Но, со промената на името на државата, мандатот им стана излишен. Мисијата, онака како ја замислија и договорија во Пржино, им заврши. Ајде сега масните пари назад и марш во смоквините градини. Кај и да е, барем слатко можат да прават. Со 6.24 просек, ако не обвиненијата, тогаш шербетот ќе биде погоден. Ах, колку ќе ми недостигаат реалните шоу програми со кукливе кои Пржино ги истопори да гонеле “организиран криминал“. Заедно со вдомената булумента која пред тоа мереше улици и потпираше трафики. Еве, мирни сме. Криминалот е изгонет во дозирана мера (колку е наредено), за да отстапи место на новиот. Ниту ССЈО (Супер Специјално Јавно Обвинителство) нема шанси во држава која нема намера да биде правна.

Го имаме тука и градоначалникот на Скопје кој загадувањето ќе го реши со доаѓањето на март. Одлична мерка. Како никој не се сети досега?! Откако проба со обука на оџачари, па вети некакви налепници кои не ги видовме, па се сети на заборавениот трамвај, реши да се потпре на мајката природа и да изигра еден ритуален танц со цел да ги повика духовите на помош. Во меѓувреме, чекајќи го март, во слободно време суфлира на министри, објаснувајќи им за тоа колку новинарите ништо не разбираат. За разлика од него кој разбира се што не треба.

Крајно време е како народ да почнеме да се смееме и да си играме Итарпејовски мајтап. Ако овие вакви какви што се, ги земаме за сериозно, ќе имаме голем проблем. Да, направија огромни зулуми, но ако сме умни, се ќе поправиме. Макотрпно и упорно ќе стигнеме до целта. Во меѓувреме да се научиме да се смееме. Ваква прилика се создава еднаш во милениум. Па и Самка се пријавил за претседател. Има ли поголем виц?! Има, се разбира. Во Северен Медрано смеата е загарантирана.

И да не заборавам: ликовиве погоре, ги поздрави професорот Френсис Ентони Бојл од Универзитетот во Илиноис, со членот 46 од Виенската конвенција, кој посочи уште една правна основа за поништување на договорот за Северна Македонија. Кој на крајот се смее, најслатко му е. Ќе се стрпиме уште малку. Еве ги изборите на врата. Часот на вистината стига. Бегање нема ниту за народот, ниту за кандидатите.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)