Кога судбината ќе си поигра… “Господ не сакаше да бидам таму”

336

“Господ не сакаше да бидам таму”, со солзи во очите вели инженерот Пајазит Шеапи вработен во Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), кој секој ден од работа се враќа  со автобусот на “Дурмо турс”, кој ја имаше страшната сообраќајна несреќа кај Карпалак , во која загинаа 14 лица. Тој, кобниот ден, службено со колеги од РКЕ бил на увид во Тетово, кај субјекти за одобрување на лиценца.

– Во Тетово бевме да направиме увид на резервоари за нафта за да може да одобриме лиценца. Работата ја завршивме порано и јас не го дочекав автобусот, порано заминав дома, а не со автобусот кој секој ден ме враќа од Скопје во Гостивар. Господ не сакаше да бидам таму – со многу горчина и солзи кажа за ВЕЧЕР, Шеапи.

Тој кажа дека во автобусот имало многу негови пријатели, меѓу кои и најдобриот, момче на 33-годишна возраст (Р.А), кое работело во Дирекцијата за образование на возрасни лица во Скопје.

– Секој ден со него се враќавме заедно и си правевме муабет. Тој пред само пет месеци доби син и беше многу среќен, ама ете судбината беше сурова со него и не му дозволи да гледа како расте неговото потомство и да му се радува- со липање кажа Шеапи и дополни дека не може да се помири со фактот дека неговиот пријател не е меѓу живите.

Судбината се поигра и со дел од вработените во ЕВН Македонија, кои живеаат во овој крај и секој ден патуваат на релација Скопје-Гостивар.
Една од нив е и Вјоса Селими, портпарол во ЕВН Македонија, која е хоспитализирана во Градската општа болница “8 Септември” со фрактура на рамото. За среќа таа е надвор од животна опасност и закрепнува по првичниот стрес.

Вјоса јасно се сеќава како автобусот скршнал од патот, како се тумбале и потоа не се сеќава ништо. Кога ја освестиле само го држела телефонот во рака, а чантата и другите работи не биле покрај неа. Во целиот хаос таа се јавила за да каже дека е жива…

Со неа бил и нејзиниот колега од правниот сектор кој исто така се здобил со фрактура на рамото и е хоспитализиран Градската општа болница “8 Септември на одделот за интензивна нега, но и тој е надвор од животна опасност.

За жал, нивниот колега од ИТ-секторот е меѓу починатите лица. Се работи за 25-годишниот инженер Јовица Трпевски, кој пак е син на пратеникот Благојче Трпевски од СДСМ.

Од ЕВН Македонија потврдуваат дека две колешки од финасискиот сектор кој секојдневно го користат овој автобуски превоз, кобниот ден си заминале со автомобил со некои пријатели и така ја избегнале тешката сообраќајна незгода.

Меѓу починатите е Дејан Ристоски, ИТ-систем инженер во Народна банка на РМ, кој претходно работел во Управата за јавни приходи на РМ. пријателите го нарекуваа компјутерски махер со голема љубов кон фудбалот.

Адела Попстефанија: Трудницата е кај нас и е во добра здравствена состојба

Повредената трудница, која што по сообраќајката беше примена на Ургентниот центар, веќе е префрлена на Клиниката за гинекологија и акушерство, на одделот за патолошка бременост.
– Трудницата е хоспитализирана кај нас и засега е во добра здравствена состојба – вели за ВЕЧЕР, д-р Адела Поп Стефанија од Гинекологија и појаснува дека жената е на 30-годишна возраст, со втора бременост, која е во петтиот месец.
Според неа трудницата е стабилна, бебето е добро и нема никакво крвавење. Но сепак таа вели дека и понатаму будно ќе се следи нејзината состојба.

 

 

Починати 14 лица, а 7 се во критична состојба

Министерот за здравство д-р Венко Филипче постојано е на терен, прави се да се спасат животите на повредените пациенти од страшна сообраќајна несреќа која се случи на автопатот Скопје-Тетово и во која починаа 14 лица.

Четири од повредените пациенти се сместени во болницата “8 Септември#, тројца повредени пациенти се хоспитализирани во Ургентниот центар во Скопје и се во стабилна, но критична здравствена состојба. Неколку лица од повредените, меѓу кои и возачот на автобусот, се на домашно лекување, а едно полесно повредено лице е сместено во тетовската болница.
Христијан Костов, директор на “8 Септември”, во врска со здравствената состојба на повредените, информира дека четворицата пациенти кои се во критична состојба и се во Одделот за интензивна нега во ГОБ се ставени на апарат за механичка вентилација и се под 24-часовен лекарски надзор.

– Ќе се оперираат и две млади жени со повреди на ‘рбет и карлица. Тие се во стабилна состојба и не се во Одделот за интензивно лекување. За нив се планирани операции, треба да се санираат скршениците за да може да почне процесот на рехабилитација – вели д-р Костов и дополни дека во нивната болница во моментот има доволно количества крв од сите групи за потребите на повредените пациенти.

(В.Ма.)