Ковид не беше главната причина за смрт во ЕУ во 2020 година – повеќе луѓе починаа од друга болест

216

И покрај пандемијата на коронавирус, кардиоваскуларните болести беа главната причина за смрт во сите земји на ЕУ во 2020 година, освен во Данска, Ирска, Франција и Холандија, каде главната причина беше ракот.

Овие две групи на болести останаа водечки причинители за смртност и вкупно 1,7 милиони луѓе починаа од болести на циркулацијата, а речиси 1,2 милиони починаа од рак, објави денеска Евростат.

Меѓу членките на ЕУ, најголем удел на смртни случаи од срцеви и циркулаторни заболувања е забележан во Бугарија (61 отсто), а најмал во Франција (20 отсто), додека најголем удел на смртни случаи од рак е забележан во Ирска (29 отсто) и најмал удел во Бугарија (15 проценти).

Болестите на циркулаторниот систем и ракот заедно претставуваат 55 отсто од причините за смрт во ЕУ, од 42 отсто во Белгија и 76 отсто во Бугарија.

Во годината кога изби пандемијата, корона вирусот беше трета водечка причина за смрт во ЕУ, со вкупно речиси 439.000 смртни случаи.

Најголем удел на смртни случаи од Ковид е регистриран во Белгија (18 проценти) и Шпанија (15 проценти), додека најмал е во Финска и Естонија (и двете по еден процент).

Бугарија имаше највисока стапка на смртност во ЕУ во 2020 година, а потоа следат Романија, Унгарија, Литванија и Летонија.

Најниска стапка на смртност во земјите на ЕУ е забележана во Франција, Ирска, Луксембург, Финска и Шпанија.