Кафеаните и рестораните пред затворање, голем дел нема да дочекаат помош за плати

Мерката поддршка за исплата на плата за месеците октомври, ноември и декември, според угостителите е задоцнета и промашена. Од Независната угостителска комора велат дека угостителите се во паника и страв како ќе го преживеат крајот на септември и дали ќе успеат да опстанат до 15 ноември кога практично ќе почне да се применува и користи оваа мерка

1797

Угостителите се жалат дека се изоставени од четвртиот пакет мерки за помош од Владата. Освен рестораните за свадби кој добија грантови во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година, за другите угостители нема никаква помош. Угостителите стравуваат дека со заладување на времето нагло ќе им опадне прометот и ќе бидат принудени да ги затворат објектите, а 35.000 работници да останат без работа.
Од Независната угостителска комора велат дека во Националната класификација на дејности не постои шифра на дејност со која некој угостителски објект е регистриран или лиценциран за организација за свадби, во секој хотел кој има ресторан и во секој угостителски објект може да се организираат свадби.
-Ако овие грантови се доделат за периодот март-септември 2020 година тоа значи дека секој ресторан за свадби ќе добие просечно по 500 евра месечно. Овој грант не може да помогне на некој маалски локал, а не на угостителски објекти кои можат да сместат од неколку стотина до илјада гости. И доколку се поделат вакви грантови на дел од угостителските објекти што правиме со сите останатите угостителски објекти кои не работеа од март до мај 2020 година. Зарем ним не им следува исто така грант кои ќе им помогне да ги намалат загубите и штетите што ги претрпеа поради пандемијата, забраните и ограничувањата за работа, вели за весникот ВЕЧЕР, Здравко Јосифовски претседател на НУК.
Според него, за овие ресторани многу поголема помош ќе беше ако навреме се донесоа протоколите за свадби, наместо да се организираат „на диво“ без никакви контроли и протоколи.
Што се однесува до мерката поддршка за исплата на плата за месеците октомври, ноември и декември, од НУК сметаат дека е задоцнета и промашена. Угостителите се во паника и страв како ќе го преживеат крајот на септември и дали ќе успеат да опстанат до 15 ноември кога практички ќе почне да се применува и користи оваа мерка.
-Мерката веројатно ќе биде условена да бидат исплатени претходните плати што повторно ќе го отвори прашањето за кого е наменета оваа мерка, дали на тие што имаат големи загуби и не можат да ги исплатат работниците или на тие што работат добро. Од друга страна, угостителите кои ќе ја користат оваа мерка ќе бидат принудени седум месеци, односно до 31 јули 2021 година да ги задржат вработените, што ќе биде невозможно со оглед на тоа што ќе бидат затворени во јануари, февруари, а веројатно и март и нема да остваруваат никаков приход, вели Јосифовски.
Угостителите се жалат и дека нема никакви мерки за поддршка на секторот за месеците за јули, август и септември и оти погрешен пристапот со мерките да им се помогне на финансиски подобрите угостителски објекти, а другите да пропаднат. И според угостителите најдобро ќе биде мерката да се насочи директно кон работниците, а не да се задолжуваат фирмите преку државни мерки за помош од кои самите угостители во овој случај ќе немаат никаков бенефит.
(А.С.)