Општина Карпош е рангирана како прва локална самоуправа во најголемиот, скопски регион според нивото на активна транспарентност во истражувањето „Индекс на активна транспарентност 2020“, спроведено од Центарот за граѓански комуникации во соработка со УСАИД.
Како што информираа општинските власти, Карпош е и втората најдобра општина според активната транспарентност на национално ниво, веднаш по Велес, а при рангирањето на сите институции е трета, по Министерството за одбрана (1) и Велес (2).
– Под активна транспарентност се подразбира објавувањето на информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Утврдено е дека Карпош ги има објавено најголемиот дел од потребните информации: контакт од лицето координатор за пристап до јавните информации, податоци за градоначалникот, надлежностите на општината, листа на раководители на сектори со контакти, статут, службени гласила, донесени ДУП-ови- се наведува во соопштението од локалната самоуправа.