Новата ставката „надомест за пренос и дистрибуција на електрична енергија“ во месечните сметки за месец јуни-јули ги збуни граѓаните. Во новите сметки за струја дел од граѓаните забележале дека ставката за мрежарина, односно за пренос и дистрибуција била повисока од потрошената електрична енергија. Така на пример едно семејство за мрежарина во јули платило 1.092 денари, а за струја 700 денари, што за дел од експертите не е логично и ЕВН не треба да наплаќа толку висока мрежарина.
Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека преку новата ставка за мрежарина власта всушност сака да го прикрие поголемото зголемување на цената на струјата. Како е можно на сметка од 3.000 денари, а мрежарината да биде 3.500 денари…
-ЕВН нема никаков трошок и не треба да наплаќа толку висока мрежарина. Новата ставка на ЕВН дистрибуција за мрежарина, односно за пренос и дистрибуција во некои сметки е скоро дупло повисока од потрошената електрична енергија, што е нелогично. Така на пример ако државата троши годишно 8 теравати електрична енергија, а за пренос и дистрибуција ЕВН наплаќа 3,74 денари за киловат час излегува дека има годишна заработка од половина милијарда евра за кои нема никаков трошок, изјави за ВЕЧЕР, Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија.
Според него, цената на електричната енергија ќе се дуплира во август, а во септември ќе се триплира. Во моментов на Хупекс берзата еден мегават-час чини 750 евра, а од септември се очекува да биде над 1.000 евра за магават-час. Слична е и состојбата со гасот, цената не престанува да расте и во моментов изнесува 3.500 евра за метар кубен.
-Во јуни кога цената на гасот беше ниска и се движеше од 350 до 500 евра за метар кубен ние и сугериравме на Владата да набави поголеми колични, но таа не не послуша сега ќе мора да набави по далеку повисока цена, додава тој.
И енергетскиот експерт Константин Димитров вели дека во мрежарината се вкалкулирани загубите во дистрибутивната мрежа, оваа ставка порано беше вклучена во вкупната цената и граѓаните не беа оптеретени со тоа колку плаќаат за струја, а колку за мрежарина. Сега бидејќи тоа е посебна ставка, па им изгледа како дополнителен трошок.
– Регулаторна комисија за енергетика треба да направи правилна распределба на трошокот за мрежарина со цел да ги заштити граѓаните, но не верувам дека тоа го прави, изјави за ВЕЧЕР Димитров.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски неодамна изјави дека не се работи за нова давачка, туку во крајната цена што ја плаќаа граѓаните влегуваа и овие ставки, односно трошоците за дистрибуција, за набавка и за пренос.
-Со новиот концепт за пресметки во сметките посебно се наведени цената што се плаќа за енергија, за пренос и за дистрибуција. Ако се погледнат сметките за јуни, ќе се види дека киловат час во скапа тарифа е 7,32 денари, а во евтина 3,67, односно дека во тоа влегуваат и трошоците за „надомест за пренос и дистрибуција на електрична енергија“. Во новите сметки за јули, трошокот во скапа тарифа е 4,3484 денари, а во евтина 0,6193 денари, а одделно се пресметани сумите за таканаречената мрежарина. Ако се соберат овие сега одделени суми, се добива истата крајна цена, појасни Бислимоски.
(А.С.)