Казна од 30 евра ќе заработат неодговорните сопственици на нечипирани миленици

7

Oстануваат уште две недели за исполнување на обврската за ставање чип на секое домашно куче и маче. Заклучно со 14 март, во модулот за домашни миленици на Информациониот систем на Агенција за храна и ветеринарство евидентирани се вкупно 44.063 микрочипирани кучиња и 1.751 микрочипирана мачка. До 1 април микрочипирањето на домашните миленици е бесплатно, а по истекувањето на овој рок ќе се наплатува и казнува.


На први април завршува седуммесечниот рок во кој сопствениците на домашни животни (кучиња и мачки) се должни да направат микрочипирање на своите миленици. По овој рок, комуналните инспектори имаат право да ги казнуваат сопствениците кои не вградиле чип на својот миленик.

Кампањата за бесплатно микрочипирање ја почна Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од септември минатата година која набави 100.000 микрочипови. Во овој рок постапката е бесплатна и се спроведува по принципот “Прв дојден – прв услужен”. Микрочипирањето на милениците го спроведуваат ветеринарни станици со кои АХВ склучи договор и тие се задолжени податоците за чипираното животно да ги внесат во Информациониот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Заклучно со 14 март, во модулот за домашни миленици на Информациониот систем на Агенција за храна и ветеринарство евидентирани се вкупно 44.063 микрочипирани кучиња и 1.751 микрочипирана мачка. По истекувањето на овој рок, микрочипирањето на домашните миленици – кучиња и мачки ќе се наплатува – велат од АХВ.

Исто така, оние сопственици кои во предвидениот рок не го микрочипираат својот миленик ќе бидат санкционирани со 30 евра. АХВ ќе спроведе зајакнати контроли за да провери дали сопствениците извршиле идентификација и регистрација на нивните миленици. Проверка ќе се прави доколку животното биде заловено и однесено во прифатилиште. Доколку се утврди кој му е сопственик ќе се стапи во контакт со него, а доколку не било микрочипирано, а било пуштено на улица, казната изнесува од 50 до 75 евра.

Надлежните очекуваат оваа акција да придонесе кон значително намалување на бројот на бездомните кучиња и мачки. Чипот кој се вградува во животното во пределот на грбот и е со големина на зрно ориз содржи бројче и преку него се обезбедуваат основните податоци на миленикот со што се овозможува негово следење, како што се информации за сопственикот, расата на кучето, полот, редовна вакцинација и третирање со паразити. Така што, при евиденција на животното, комуналниот инспектор ќе има право да му го врати на неодговорниот сопственик, а тоа ќе придонесе и за намалување на проблемот со кучињата скитници. Доколку сопственикот на микрочипираниот домашен миленик сака да го носи надвор од земјава, треба да плати по 120 денари за издавање на пасош.

– Кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците е дел од тригодишната стратегија што ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство за да се обезбеди здравствена заштита и благосостојба на животните, но и за да се поттикне одговорното сопствеништво, како и да се намали бројот на кучињата скитници по улиците низ државата – истакнуваат од АХВ.

Со Правилник ќе се става под контрола размножувањето на кучињата

Во подготовка е Правилник за регистрација на сопственици на куче, одгледувачници и продавници на домашни миленици, кој треба да ја утврди постапката за регистрација на оние кои поседуваат куче, како и барањата во однос на условите, просториите и опремата кои треба да ги исполнуваат одгледувачниците и продавниците за миленици. Нацрт-текстот на Правилникот деновиве беше разгледан од Комисијата за заштита и благосостојба на животните која врз основа на Законот за заштита и благосостојба на животните ја формира АХВ.

– Целта на донесувањето на овој правилник е да се стави под контрола неконтролираното размножување на кучињата, а краен резултат треба да биде намалување на бројот на бездомни кучиња. Овој подзаконски акт ќе биде донесен по усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на животните, со кој ќе се доуреди одговорното сопствеништво на домашните миленици. Предвиден е преоден период за имплементација на правилникот, а за обврската и постапката за регистрација на сопствениците на куче, одгледувачниците и продавниците на домашни миленици, граѓаните ќе бидат навреме известени преку информативна кампања која ќе ја организира АХВ, информираат од Агенцијата.
(С.Бл.)