И годинава како што стојат работите јагнешкото нема да го има на секоја трпеза за Велигден. Во месарниците јагнешкото моментално се продава од 600 до 800 денари за килограм.
Сточарите се бесни, бидејќи, како што велат, од нив го откупуваат по 230 – 240 денари килограм жива мера, а го продаваат по 800 денари. Според нив, единствено трговците имаат ќар, бидејќи тие ја регулираат цената на пазарот и одредуваат по која цена ќе сточарите ќе ги продаваат јагнињата.
– Откупната цена на јагнешкото моментално се движи од 230 до 240 денари за килограм жива мера. Трговците се тие што ја регулираат цената и се богатат на наш грб. Ние со години апелираме дека откупната цена е многу ниска. Во месарниците цената на јагнешкото стигна до 800 денари за килограм, а откупната цена на остана иста како лани. Освен месото зголемени се цените и на овчото млеко и сирење. Не е фер други да се богатат на грбот на сточарите во време кога нема доволно јагниња, вели за весникот ВЕЧЕР, Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес.
Тој додава дека се поголем број сточари се одлучуваат да ги продадат јагнињата, бидејќи се разочарани од ниската откупна цена и од лошата политика на државата. Сето ова придонесе до драстично намалување на бројот на стадата и на сточниот фонд во државата.
За 10 дена ќе почне извозот на македонското јагне, а годинава освен на традиционалните пазари Хрватска и Италија се очекува дел од македонското јагне да се најде и на бугарскиот пазар.
– Ако нема некое ограничување како пред две години, кога беше забранет извоз поради присуство на тешки метали во месото, што подоцна се потврди дека не е точно, дел од македонското јагне се очекува да се најде и на бугарскиот пазар. Тие немаат доволно домашно производство па недостигот ќе го надополнат со увоз. Нашиот пазар им е најблизок и нашето јагне е далеку поквалитетно од бугарското, велат сточарите.
Во споредба со лани кога беа извезени околу 200 илјади јагниња оваа година се очекува бројката да биде далеку помала поради намалениот сточен фонд.
Во месарниците низ градот јагнешко тешко може да се најде, а таму каде што го има, цената му достигнува и до 800 денари за килограм.
– Не ни се исплати јагнешкото да го продаваме под 800 денари, бидејќи набавната цена ни е 600 денари за килограм. Од друга страна јагнешкото месо е специфично и не се продава за килограм, туку мора да купите најмалку четврт јагне, бут, половина јагне или цело јагне. Најмалку што може да купите се околу 4-5 килограми, па човек треба да издвои околу 4.000 денари за да купи јагнешко месо, велат од една скопска месарница.
И граѓаните велат дека поради високата цена се откажуваат од јагнешко и покрај тоа што месото е многу здраво и е традиција, особено за Велигден да се јаде јагнешко. Велат дека со малите плати не можат да си го дозволат ова традиционално јадење.
Според статистиката, цената на јагнешкото месо во Македонија е највисока во регионот. Во соседна Србија, јагнешкото месо се продава за околу 400 денари за килограм, додека во Грција за околу 500 денари за килограм.
(А.С.)