Инспекторите на Државниот инспекторат за земјоделство се постојано на терен и го контролираат откупот на тутунот. Досега до Второстепената комисија се поднесени околу 90 приговори од тутунарите од кои повеќе од половина приговори се позитивно решени. Приговорите главно се однесуваат на квалитетот и ниската проценка на класите. Годинава истиот квалитет на тутун откупувачите го проценуваат за една класа подолу.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ ги демантира тврдењата на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ дека инспектори не го контролираат процесот на откуп на тутунот и оти има увоз на тутун кој ја спушта цената на домашниот и го загрозува домашното производство.
-Не е точно дека инспекторите не го контролираат откупот на тутунот. Со оглед на состојбата со корона и фактот дека многу од инспекторите се позитивни, постојано има инспектори на терен. Освен инспекторите од регионот, се ангажираат и инспектори од другите градови во државата за да им излезат во пресрет на тутунарите. Ние ги охрабруваме производителите да приговараат. Вистина е дека откупувачите велат дека квалитетот на тутунот е послаб од ланскиот и им го проценуваат за една класа подолу. Сознанијата од терен покажуваат дека навистина откупувачите годинава се многу построги во однос на проценката на квалитетот на тутунот, изјави за весникот ВЕЧЕР, Шапуриќ.
Тој додава дека Државниот инспекторат за земјоделство постојано е во контакт и со откупувачите и со производителите на тутун и реагира на пријавите на тутунарите. Освен количините на откупениот тутун, проценката на тутунот, инспекторите проверуваат и дали навреме се отвораат откупните пунктови, дали се лиценцирани вагите и дали навреме се врши исплата на откупениот тутун согласно рокот на пропишан во договорите.
Според Шапуриќ, откупната цена бележи благ пораст од почетната, а досегашна придобивка од договорите е што одбитоците се сведени на пет проценти. Просечната откупна цена на тутунот е зголемена на 167 денари, за разлика од почетната која беше 162, па 164, 166 денари.
И министерот за земјоделство Арјанит Хоџа се согласи дека тутунарите имаат право да се лутат зашто, како што посочи, скоро 65 отсто од проценката е лоша и тоа е докажано преку Второстепената комисија.
-Точно е, откупот на тутунот почна лошо, но веќе е постигнат напредок и има подобрување. Просечната цена е зголемена од 162 на 167 денари. Преземањето на договорените количини не смее да запре, процесот мора да продолжи, а за тоа е неопходна флексибилност од двете страни. Ситуацијата постојано ја следиме, разговараме и со производителите и со откупувачите, постојано комуницираме и нашата интенција е да најдеме најдобри решенија за двете страни, изјави Хоџа и додаде дека до крајот на откупот може да се достигне и ланската цена од 220 денари за килограм.
Сепак тутунарите велат дека тутунот не се откупува по тие цени. Во моментов имаме за класа до две пониска проценка со што цената на тутунот е за повеќе од 60 денари пониска од истиот период минатата година.
(А.С.)