Одливот на населението од државата не ја загрозува продажбата на станови, но ги погодува градежниците, зашто остануваат не само без работници, туку и без инженери. Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија вели дека поради тоа, од последен, Законот за работни односи сега е меѓу најважните за градежните компании.
– Иселувањето на граѓаните во странство влијае многу врз работата на градежните компании. Годинава, како приоритет, со Министерството за труд, ќе ни биде законот за работни односи од аспект на поголема флексибилност и плаќање на секоја прекувремена работа на градежниците. Потребни се решенија со кои ќе се обезбеди егзистенција на работниците и така ќе се спречи иселувањето, истакна Серафимовски.
Експертите, пак, велат дека за сите од градежниот сектор во државата е битно и што поскоро да се приспособи регулативата со онаа на Европската Унија, како и да се усвојат еврокодовите преку кои се овозможува проектирање на ист начин низ Европа.
– Итно мора да ги приспособиме законите, подзаконските акти и прописите во градежниот сектор и уште денес да почнеме да работиме на имплементирање на еврокодовите. Ако ова не го направиме, половина од нашите институти, факултети и компании ќе бидат нефункционални при влезот во ЕУ, предупредуваат експертите.
Вчера во Стопанската комора четири научни асоцијации од градежништвото – Друштвото за патишта, Македонскиот комитет за големи брани, Друштвото на градежни конструктори и Друштвото за геотехника склучија меморандум за соработка со Здружението за градежништво кој треба да овозможи поголемо учество на науката во активностите на градежниот сектор. Оценка е дека стручноста на домашните експерти не е доволно искористена при креирањето на законската регулатива.
Серафимовски не сака на шпекулира за тоа како во иднина ќе се движат цените на становите, особено, како што вели, затоа што сме во изборна година. Информира дека во моментов највисока е цената на становите во скопската општина Центар, каде што квадрат се продава за 1.000 евра и укажува на зачудувачки податок дека најмногу деловен простор се издава во Битола. Но, за градежните материјали вели дека се поскапени и дека со приближувањето на државата во ЕУ уште ќе поскапуваат.
– Континуитетот на поскапувањето на градежните материјали веќе трае и се очекува да биде во нагорна линија ако се земат предвид анализите на соседните пазари и податокот дека со приближувањето кон ЕУ ќе се бара висок квалитет и висока одговорност. Нашите градби се квалитетни и според признаени стандарди, но има други прописи и правила кои во материјалите диригираат специфичности кои се бараат во ЕУ, вели Серафимовски.
Градежниците оценуваат дека оваа година за нив ќе биде добра. По 2018 која се смета за најлоша во последната деценија и закрепнувањето лани, се очекува 2020 да биде година на уште поголем раст во градежништвото, на раздвижување на градежната оператива и на стабилизирање на пазарот, а со приближувањето до ЕУ се очекува да се зголеми изградбата на патна инфраструктура.
(С.В.)