И нашите работници сакаат повисоки плати, во регионот минималецот веќе е над 400 евра

Работниците во Македонија, кои се „на минимална плата“ добиваат 367 евра месечно. За разлика од кај нас во земјите од регионот минималецот веќе е над 400 евра. Минималната плата во Србија во 2025 година ќе изнесува 458 евра, Црна Гора има минимална загарантирана плата од 450 евра, која од октомври треба да биде 700 евра, од јануари 2024 година минималецот во Хрватска е 677 евра, во Бугарија минималецот сега изнесува 477 евра, а од наредната година ќе се зголеми на 500 евра, а Словенија е убедливо на врвот со 1.253,90 евра минимална плата

2019

Работниците во Македонија кои се „на минимална плата“ добиваат 367 евра месечно. За разлика од кај нас во земјите од регионот минималецот веќе е над 400 евра. Минималната плата во Србија во 2025 година ќе изнесува 458 евра, Црна Гора има минимална загарантирана плата од 450 евра, која од октомври треба да биде 700 евра, од јануари 2024 година минималецот во Хрватска е 677 евра, во Бугарија минималецот сега изнесува 477 евра, а од наредната година ќе се зголеми на 500 евра, а Словенија е убедливо на врвот со 1.253,90 евра минимална плата.

Од ССМ велат дека борбата за повисоки плати продолжува. Тие не отстапуваат од барањето за раст на минималната плата на 450 евра, а ќе бараат раст и на сите останати плати.

– Ние баравме да се зголеми и нашата минимална плата согласно со зголемувањето на минималецот во регионот. Минималецот треба да се зголеми побрзо, а не да чекаме до март наредната година кога ќе има усогласување на минималната плата со трошоците за живот. Во земјите од регионот минималната плата се зголемува согласност со зголемувањето на инфлацијата. И ние бараме процентуалното зголемувањето на минималецот колку инфлацијата. Не можеме да чекаме до март, бидејќи цените ќе се зголемат за поголем процент и инфлацијата ќе го изеде зголемувањето, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски, од Сојузот на синдикати на Македонија.

Синдикатот бара пристојни плати за да се врати достоинството кај работниците, бидејќи како што велат ако не се зголеми минималната на 450 евра, а со тоа и останатите примања – ќе нема кој да работи. Дури и увезените работници бегаат од државата.

 – Ако не се зголемат платите на работниците, работниците ќе си заминат од Македонија поради тоа што имаат можност да работат во Црна Гора за 600 до 800 евра, во Бугарија за 500 евра, во Србија за 500 евра, БиХ за 500 евра, а да не зборуваме за Хрватска и за Словенија, изјави Слободат Трендафилов, претседател на ССМ.

Од ССМ велат дека околу 35 илјади работници земаат минимална плата од 22.500 денари, 9.000 пак на сметка добиваат од еден до 5 денари повеќе од минималецот, што е спротивно на законот. Газдите  со неплаќање придонеси и давање плата во плик, годишно го оштетуваат буџетот за 250 милиони евра, вели Трендафилов.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека покачување ќе биде можно од следната година со оглед дека Владата претходните два месеца го направила ребалансот на буџетот, со кои се обезбедиле средства за законските усогласувања на платите, но не и за зголемување на минималната плата.

-Од 10 земји кандидати и потенцијални членки на ЕУ, седум имаат национална минимална плата – Македонија, Црна Гора, Молдавија, Албанија, Србија, Турција и Украина кои се движат од 185 евра во Украина до 568 евра во Турција, се наведува во извештајот на „Евростат“.

Минималната плата во Србија во 2025 година ќе изнесува 458 евра, што е за 13,7 отсто повеќе од минималната плата за тековната година. Според последните податоци, 114.000 работници во Србија земаат најниски плати. И со договореното зголемување на минимумот за следната година, Србија остана на средината на листата во однос на земјите од регионот и далеку под развиените земји од Европа.

Според податоците на Управата за статистика, во Црна Гора во 2023 година имало 244.484 вработени, а околу 50.000 од нив земаат минимална загарантирана плата – 450 евра. Но, владата на Црна Гора најавува нова фискална стратегија со која минималната плата од октомври 2024 година во просек треба да биде 700 евра.

Од јануари 2024 година, минималната плата во Хрватска е 677 евра нето месечно.

-Владата донесе Уредба за висината на минималната плата за 2024 година, со која таа плата е 840 евра бруто, а нето минимумот треба да биде околу 677 евра. Сегашниот износ на минималната плата е 700 евра бруто, така што минималната плата ќе се зголеми за 140 евра бруто или 20 отсто, истакна во октомври минатата година хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Според податоците на Министерството за труд на Хрватска, во октомври минатата година минимална плата земале околу 21.000 работници, што е значително помалку од една година порано кога минимална плата земале 100.000 работници.

Минималната плата во Словенија во 2024 година изнесува 1.253,90 евра бруто. Лани беше 1.203,36 евра бруто. Минималната плата во Словенија е одредена во согласност со Законот за минимална плата на оваа земја.

Во 2022 година минималната плата во Словенија беше 1.074,43 евра, а во 2021 година минималната плата беше 1.024,24 евра. Пред десет години – во 2014 година, словенечката минимална плата беше 789,15 евра.

Минималните плати во земјите на Европската унија се движат од 477 евра месечно во Бугарија до 2.571 евро месечно во Луксембург. Оваа година е многу важна и за сите работници во земјите од Европската унија бидејќи новата директива на ЕУ за минимални плати треба да стапи во сила до 15 ноември. Целта на оваа директива е минималната плата на меѓународно ниво да биде 60 отсто од просечната плата. Дваесет и две од 27 земји членки на Унијата имаат воспоставено национален минимален приход, што значи дека работодавците во овие земји се обврзани со закон да не плаќаат помала од националната минимална плата.

(А.С.)