Лекот што е наменет за лекување на желудникот е повлечен од повеќе држави од регионот, меѓу кои и Македонија, Србија, Црна Гора, Грција бидејќи содржел опасна материја што може да предизвика сериозни здравствени проблеми
Лекот „ранитидин“, наменет за лекување на проблеми со желудникот, деновиве е повлечен од аптеките во Македонија, но и во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Грција…, бидејќи содржел опасна материја што може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Овие лекови имаат широко распространета употреба кај пациенти кои имаат проблеми со гастритис, со киселина и ждригање или чир на желудник.
Екипа на весникот „Вечер“, беше во обиколка на скопските аптеки од каде што не информираа дека лекот е повлечен деновиве. Според фармацевтите, на нивните рафтови во моментов го нема лекот „ранитал“ на лек Љубљана и „ранитидин“ на „Хемофарм“.
Од Агенцијата на лекови МАЛМЕД, за редакција „Вечер“ информираат дека на територијата на Република Северна Македонија достапни се и други лекови за третман на истите состојби кои може да се применуваат како заменска терапија. Пациентите треба да се обратат кај својот лекар или фармацевт во случај на какви било прашања во врска со терапијата.
Тие потврдија дека од промет го повлекле лекот од на ЛЕК-Скопје Лек д.д. Љубљана ДООЕЛ, ранитал 150 mg филмобложена таблета и на „Хемофарм“ „ранитидин“ 75 mg шумлива таблета
Официјалното повлекување е на барање на Европската комисија, Европската агенција за лекови (ЕМА), бидејќи тие почнуваа со преоценување на лековите што содржат активна супстанција на ранитидин. Проверката почнува зашто во некои лекови што ја содржат оваа супстанца е најден загадувач наречен Н-нитрозодиметиламин (НДМА), материја која може да предизвика рак, што е потврдено при испитување на животните.
Од агенцијата информираат дека оваа материја ја има и во некој вид на храна и вода, но доколку се внесува во помали количини не е штетна.
-Европската агенција за лекови, во тесна соработка со националните агенции за лекови, ќе ги провери сите готови лекови што содржат активна супстанција ранитидин хидрохлорид од различни производители. Контролата е почната на 12 септември…Наодот веќе го почитува и фармацевтската фирма „Хемофарм“, кој работи во согласност со европските принципи – се вели во соопштението од српската компанија за лекови која деновиве го повлече лекот.
Од Хемофарм појаснуваат дека „поради предострожност и со цел заштита на јавното здравје“ одлуката е донесена доброволно и превентивно.Тие ги повлекле сите серии на лекот ранитидин од пазарот, откако Европската агенција за лекови предупреди дека се пронајдени нечистотии во супстанцата на хидрохлорид – со назив Н-нитрозодиметиламин.
Фармацевтите велат дека пациентите не треба да се грижат оти за нивната терапија има и други лекови.
Со квотите заминаа и турканиците во аптеките
Квотите за лекови од вчера, 1 октомври се укинаа во сите аптеки низ земјава и заминаа во историја. Бенефитот не е само за фармацевтите туку и за пациентите, бидејќи сега сите граѓаните можат лекот на рецепт да го подигнат во која сакаат аптеки и во било кој период од месецот, оти лекови ќе има во доволни количества, а не како досега само во првата недела од месецот.
При вчерашната обиколката на неколку аптеки во централното градско подрачје регистриравме дека првиот ден од новиот начин на подигање на лековите немаше гужви како вообичаено на стартот на секој месец. На шалтерите секој што имаше рецепти, здравствена книшка и лична карта за идентификација без проблеми ја земаше неопходната терапија.
Со стартот на овој месец новина е што граѓаните при земање на рецептот кај матичниот лекар и при подигање во аптека треба да се идентификуваат со сопствената лична карта. Тоа значи дека лековите за децата до 18 години и за старите лица може да ги подигне кој било од семејството со негова лична карта.
-Лековите на рецепт наменети за хронична терапија, за мојата возрасна мајка ги зедов со нејзина здравствена книшка и моја лична карта – вели една скопјанка која ја затековме во една од аптеките.
Премиерот Зоран Заев е задоволен од новата мерка, бидејќи се очекува импактот од неа да донесе од 100 до 300 милиони денари, односно сите ќе бидат задоволни, но најмногу пациентите од повозрасата група оти во иднина нема да има недостаток на медикаменти.
(В.Ма.)