ИНТЕРВЈУ СО ОРЦЕ ЃОРЃИЕВСКИ: Го сопревме урбаното дивеење со максимум четири станови во индивидуалните згради!

1327

Претворањето на куќи во мини-згради е тренд низ Скопје, но во ридските населби во подножјето на Водно, како Црниче и Пржино, се оди чекор подалеку. Инвеститори ги пријавуваат улиците над нивните парцели како почетни коти, па теренот им овозможува да изградат уште еден до два ката надолу, како „подрумски“ простории. Практично „приземјето“ на „куќата“ е всушност прв или втор кат. Со цел тоа да не се случува, а на барање на жителите на овие населби, општина Кисела Вода го ограничи бројот на станови по објект, на максимум четири. Дали одлуката се спроведува, како и до каде е меѓународниот конкурс за урбанизација на Расадник, но и на други теми поразговаравме со градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој воедно е и претседател на ЗЕЛС

*Во општина Кисела Вода, од април 2022 година, на сила е одлуката дека на местата каде што градежното земјиште е наменето за индивидуално домување, максималниот број станбени единици е четири. Пред одлуката, инвеститорите беа многу послободни во дефинирањето на поимот индивидуална куќа, а локалните власти отворени за нивните слободни толкувања. Како се спроведува оваа одлука во пракса?

– На барање на најголем број од граѓаните не само во Пржино, Црниче, туку и во други населени места каде во минатото се случуваше урбанистичко дивеење и оневозможување на хумано живеење, каде што инвеститори добиваа одобренија за градба на А1 дозволи и намена (дваесет, односно триесетина имаше во одредени места) и тоа сериозно претставуваше оптоварување на инфраструктурата, и подземна и надземна, проблем создаваше со паркирање и се уништуваа цели населби. Најпрактичен пример за тоа беa Црниче и Пржино каде што тоа се случуваше.

Она што ние се обврзавме пред изборите да го направиме и останавме доследни на тоа е да направиме ограничување на бројот на станбени единици во А1 намената – да биде четири станбени единици максимум, а колку што и законот тоа го дозволува. Тоа беше прифатено од страна на координаторите на советничките групи во прва фаза. Подоцна во втора фаза кога беше гласањето, за жал, сегашната опозиција на локално ниво – СДСМ не го поддржа тоа, додека сите други политички партии во советот го поддржаа и гласаа за истото. Практично беше спроведено автентично толкување со одлука на Совет, каде што направивме ограничување на бројот на станбени единици  да не може никој да добие одобрение за градба  со повеќе од 4 станбени единици и тоа сега функционира така.

Сите граѓани се задоволни од овој процес што го спроведовме бидејќи тоа беше нивно барање. Моја обврска беше да го испорачам тоа што сум го ветил. Имам апсолутна поддршка од граѓаните таму во таа моја борба заедно со нив. Но, се појавува личниот интерес на одредени градежни компании и кои имаат желба, како во минатото што правеле со купување на некоја трошна куќа или помал објект да заработат големи средства. Имам информација дека една или две градежни компании ја обжалуваат одлуката пред Уставен суд, но верувам дека уставните судии ќе покажат разумност во овој процес. Сите кои сме државни функционери земаме плата од тие граѓани и треба да се бориме за застапување на интересите на граѓаните , а не за застапување на интересите на поединци, како што е случајов со тие што обжалуваат пред Уставен суд. Мислам дека каква и да биде одлуката на Уставниот суд, а верувам дека ќе биде разумна, мене нема да ме поколеба и попречи во намерите она што сум се обврзал пред граѓаните до крајот на мојот мандат да го спроведувам во пракса. Така што не планирам отстапки во тој дел ниту пак, било кој од моите соработници. Одиме до крај со она што сме се обврзале да го реализираме и времето ќе покаже дали ќе останеме доследни на тоа.

*Што бараат градежните фирми пред Уставен суд?

– Тие бараат да се поништи оваа одлука и да можат и понатаму да дивеат и на улички со 3 метри ширина да можат да никнат пет згради во кои треба да се вселат 20, 30 или 50 семејства, па ќе треба уште 100 возила да донесат на улицата. Тие си го гледаат нивниот личен интерес, но тоа мене не ме интересира. Мене обврска ми е да го штитам интересот на колективот, односно граѓаните. И не отстапувам од тоа.

*Што би се случило доколку Уставен суд ја укине одлуката на општина Кисела Вода. Што би правеле во тој случај?

– Има правни лекови и ќе се бориме, нема да се откажам. Тврдам дека во мојот мандат таму нема да биде издадено одобрение за повеќе од четири станбени единици.

*Што мислите за иницијативата за конфискација на дивоградбите која наиде на нож во јавноста бидејќи добар дел од граѓаните и стручната фела сметаат дека конфискацијата не го решава проблемот, туку дивоградбите треба да се уриваат. Ова особено за објектите што се изградени на исклучително ризични места, како што се падините на Водно, Црниче, Пржино…и каде постои опасност од свлечиштата и се доведуваат во опасност животите на цели семејства. Исто така, постои опасност утре конфискуваниот имот сопственикот на дивоградбата преку друго лице да го откупи од државата за „евтини” пари и од нелегален да му стане легален. Што мислите за ова?

– Иницијативата на Општина Центар не е за класична конфискација на дивоградби туку барање на решенија за дивоградбите кои продолжиле да се градат и покрај  донесувањето на Законот за легализација од 2011 година. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски јавно ја изнесе на седница на ЗЕЛС, а деталите потоа ги испрати до одделните општини, вклучително и до Општина Кисела Вода, за стручните служби да ја разгледаат и да дадат свое видување.

Моето размислување е дека решението треба да биде во насока на реупотреба на посочените дивоградби, но со вклученост на одредено тело, составено од стручни лица од централните и локалните органи кое ќе врши проценка и ќе одлучува дали објектот може да се користи за нешто, или треба да биде третиран како другите дивоградби, односно да треба да се врати во првобитната состојба. Бидејќи колку што ни е важен развојот на општината, уште поважно ни е осигурувањето на безбедноста на граѓаните.

Исто така, сметам и дека оваа иницијатива треба да биде поттик до централната власт, а тука мислам и на законодавната и извршната, дека мора во соработка со ЗЕЛС да се најде решение за овој повеќедецениски проблем. Непочитување на Законот за рамномерен регионален развој, државниот интервенционизам без никакви критериуми од страна на Владата во поедини општини, нееднаквоста на законските можности на централните даночни власти визави локалните, лошата фискална децентрализација, енормното зголемување на цените за изработка на урбанистички планови одобрени од централната власт, доведува до тоа многу општини да немаат финансиски средства за изработка на урбанистички планови, а тоа значи неможност на граѓаните во легална постапка да дојдат до одобрение за градба. Затоа иницијативата ја гледам и како еден крик до централната власт која ги носи законските решенија да се освести од зимскиот сон.

Како градоначалник и претседател на ЗЕЛС, ги поддржувам сите оние иницијативи кои нудат системско решавање на проблемот со градењето на дивоградби и силувањето на одреден простор. Потребни се детални стручни проверки и анализи за да се осигуриме дека законот ќе биде ефикасен и спроведлив, а безбедносните ризици ќе бидат сведени на нула. Потребни се да се имаат чисти и јасни процедури за спроведување на законот, имплементација на механизми за надзор и контрола, кои ќе ги препознаат и спречат сите облици на корупција и неправилности. Треба да се промовира транспарентност и отвореност во процедурите, така што граѓаните ќе можат да видат како се спроведува законот и да имаат доверба во системот. Велам дека е неопходно системско решение, бидејќи најмалку што е потребно е тоа да создаде дополнителен проблем, каков што посочувате. Тоа би било неприфатливо.

*Кажете ми нешто за меѓународниот конкурс за Расадник?

– Конкурсот беше повторно објавен откако не успеа првиот пат. Комисијата одлучи да направи измени во второто објавување. Во првиот конкурс баравме да има пристигнато минимум седум трудови затоа што сакавме да има поголема конкуренција и да пристигнат што повеќе трудови. За жал, пристигнаа само 4 апликации на трудови. Имавме пред еден месец група студенти од Торино, Италија со кои имавме целодневен настан, потоа беа и во Расадникот да ја разгледаат на лице место состојбата и моменталните услови таму.

Целосно сум оттргнат од тој процес, има стручна комисија во која има застапници од граѓаните на Расадник, има и од сопственици на земјиштето таму, затоа што тоа земјиште не е целосно државно. Така што во една најотворена, најфер и најтранспарентна граѓанска постапка ќе се заокружува целиот процес во кој влијание нема да има ниту еден политичар. Или било која политичка партија.

Верувам дека вториот пат ќе биде успешен. Многумина беа скептици по тоа прашање, дека тоа ми се само декларативни заложби до изборите. Покажавме и во тој дел, како и во делот со А1 намената за одобренијата за градба и бројот на станбени единици.

*Рековте дека очекувате овој пат да биде успешно, што Ви говори дека ќе биде така?

– Очекувам, затоа што нема ограничување на број на трудови, како што беше минатиот пат. И еден труд да стигне може да биде земен во предвид, нормално ако ги исполнува условите и ако е решение што нуди хумани услови за живеење, а не да стигне предлог против кој се боревме сите, да има 99 згради и бетонизација, што не ние на крај на памет. Такво нешто не би прифатил. Но, овој пат има поголем интерес од минатиот пат. Мислам дека и начинот на презентација сега го направивме на повисоко ниво. УНДП се вклучи во целиот процес и во промоцијата на овој меѓународен конкурс, така што мислам дека ќе биде успешен овој пат.

*Претставници на „Лидл“ минатата година беа на разговори кај вас и постојано доаѓаат. Кои се вашите информации што можете да ги споделите со јавноста во врска со влезот на „Лидл“ кај нас?

– Секоја инвестиција што се случува во Кисела Вода или во било која друга општина е добра за нашата држава. Не е само „Лидл“ како инвеститор изминатиов период присутен кај нас. Има компанија со која имаме одредени преговори и гледаме да и излеземе во пресрет, што е и моја заложба – да има инвестиции во Кисела Вода. Веќе имаше неколку, но се обидуваме да има и поголеми инвестиции кои што ќе отворат нови работни места. Политиката на преговорите е да не се изнесуваат детали до моментот додека нема нешто конкретно.

*Од информациите што ги имам, „Лидл“ се заинтересирани за две локации на територијата на општина Кисела Вода, едната за дистрибутивен центар, а другата е за голем маркет. Можете ли нешто поконкретно да ни кажете?

– За одредена инвестиција треба да се исполнат одредени услови – уредување на земјиште, а тоа е процедура која не е од денес за утре и одзема време, но можам да споменам дека минатата недела имав состанок со мојот тим задолжен за инвестициите во општината со претставници на „Лидл“. Исто така, имавме состанок со уште една многу сериозна компанија за која би обзнаниле во наредниот период  и која во првата година од работењето би требало да отвори околу 300 работни места.

За секој кој ќе пројави интерес и со чесни намери ќе сака да влезе со инвестиција во нашата општина и да помогне во намалување на стапката на невработеност и развивање на економијата, нашите врати се отворени. „Лидл“ не разговараат само со нашата општина, туку и со многу општини низ Македонија и тоа е процес што го водат подолги години, само што динамиката на преговори е сега побрза со одредени општини со кои имаат комуникација, меѓу кои сме и ние. Каде и да инвестираат е добро за економијата на државата било која странска инвестиција да дојде.

Имам ветено дека во мандат од 4 години во општината ќе имаме илјада нови вработувања, но и дека ќе ја надминеме таа бројка на нови работни места.

*Претседател сте на ЗЕЛС. Како општините се снаоѓаат со подмирување на обврските за електрична енергија и многу од општинските комунални претпријатија низ Републиката имаат проблеми со подмирување на обврските за вода?

– Како општини изминатиов период самите се справуваме со сите предизвици.  Апсолутно, немаме никаква помош од страна на Владата и де факто има одредени општини, особено помалите, кои имаат тешкотии со подмирување на своите обврски. За жал, од она што досега го гледаме во пракса, во Владата нема расположение да помогнат во тој дел. Ако земеме предвид дека во минатото Владата давала помош за подмирување на долгови на општини, конкретно Кисела Вода земала еден милион евра. Ако тогаш земале толку големи средства, сега јас имам проблем, барам да се спроведе постапка, а од Владата нема интерес.

Значи до толку е драматична состојбата во тој дел и тоа не е добро за нашето општество. Затоа и моите заложби како претседател на ЗЕЛС, но и од другите мои колеги, таму сме од сите политички партии, сите имаме обединет став околу тоа прашање. Затоа што денес е СДСМ централна власт, за многу кратко време ќе биде ВМРО-ДПМНЕ централна власт, за да не се случува политиката да се меша во функционирањето на општините, мојот став и на колегите е зголемување на децентрализацијата, особено во делот на фискалната децентрализација по примерот на многу европски развиени земји, но и светски општини и градови  каде ќе биде спречен простор за манипулација на одредени функционери од централна власт, а сите располагаме со народни пари. Не може Владата сама или премиерот да одлучуваат кога тие ќе се задолжат и ќе земат обврзница без никој да консултираат, а кога ќе дојде редот општините да побараат, да не даваат. Еве јас не барам задолжување за општината, но морам да се солидаризирам со моите колеги бидејќи ги знам проблемите со кои се соочуваат. На пример, на колегите од Штип и од Аеродром, не им беше дозволено да издадат обврзници затоа што тоа било убедување на премиерот и неколку негови соработници дека не треба  тоа да биде така. А премиерот по извесен период издаде обврзница и драматично ја задолжи државата.

Средствата што ги бараат моите колеги не се за луксузирање, туку се за капитални инвестиции во услови кога централната власт не помага. Средствата што ги земате од даноци и друго, а што ги прибира државата и од граѓаните кон општината се многу мали. Вие морате да најдете начин нешто да реализирате. Секако не се издава обврзница претходно ако не се направи анализа и да имате систем во којшто ќе предвидите и негативните страни од сето тоа, како и да видите на каков начин ќе го исплаќате кредитот. Интервенцијата на Владата, претпоставувам е заради политика, да не дозволат во многу од општините каде во моментов имаме градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да се реализираат капитални инвестиции. А гледаме дека во тој дел Владата е многу слаба и ги погодува моментот што општините во изминатиов период од 1,5 година имаат засилено темпо на реализација на капитални проекти и сакаат да спречат тој тренд да продолжи. Не може централна власт да диктира и да наложува каде ќе се насочуваат капитални инвестиции. Ако во Кисела Вода имаме потреба од уште една градинка или училиште, тоа не може да се реализира затоа што премиерот решил, да не ми замери колегата од Валандово со кого се почитуваме, иако е од друга политичка партија, не може во Пирава во Валандово да се прави основно училиште каде што нема потреба, а во населено место како Драчево да не сака Владата да инвестира во основно училиште, иако има потреба и се работи за место со околу 30.000 жители.

Значи, политиката не смее да се меша во делот на инвестиции кои што се наменети, практично за граѓаните. Јас сериозно се борам децентрализацијата да ја доведеме до степен да не може Владата да интервенира по лични убедувања и чувства и да спроведува политички реваншизам кој паѓа врз грбот на граѓаните само затоа што е различна политичка партија централната власт од локалната власт.

*Каква е соработката со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска?

– Јас лично немам соработка со неа. И како што гледам нема ни да имам до крајот на мандатот. Имаме одредени опструкции, некогаш се посериозни, некогаш се помали и сето тоа го гледаат граѓаните. Ќе дојде денот кога ќе се соочиме и граѓаните ќе кажат кој бил во право, а кој грешел.

Светлана БЛАЖЕВСКА