Интервју со министерот за здравство Венко Филипче: Вакцините се безбедни, лажните вести ќе се третираат како загрозување на јавното здравје

225

Епидемијата на мали сипаници ги вознемири граѓаните на Скопје, кои со различни коментари реагираат на социјалните мрежи за и против имунизација на децата од МРП вакцината која штити од морбили, рубиола и заушки. Во пунктовите за имунизација гужва од дечиња кои чекаат да бидат вакцинирани и чија бројка постојано расте и достигна 939 вакцинирани дечиња. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани неколку дечиња со компликации од морбили за која се грижи стручен тим, а колкава ќе биде бројката само може да се стравува, бидејќи инкубацијата на заразените се уште трае. Градинките пак ги затворија вратите за невакцинираните деца за да ги заштитат најмалите до година кои се уште не се имунизирани бидејќи за прв пат МРП се става на возраст од 13 месеци. По тој повод, за оваа сериозна состојба во главниот град зборувавме со министерот за здравство Венко Филипче.

Министре Филипче, имунизацијата со МРП вакцината е во тек, се поголем број на родители ги вакцинираат своите деца, дали тоа ќе го спречи ширењето на епидемијата?

-Бројката на невакцинирани деца е навистина голема, станува збор за популација во градот Скопје на деца од околу 11.000 кои не се вакцинирани, пред се деца на возраст од една до пет-шест години. Интересно е што процентот на невакцинирани е најголем околу 50% кај децата што се на возраст од околу една година, тогаш кога треба да се вакцинираат. Родителите плашејќи се од тоа да не се појави аутизам почнуваат да ги вакцинираат откога ќе проодат и прозборат, па така децата што се во прво и второ одделение се веќе вакцинирани при што тогаш опфатот е околу 94%, што не е така лош резултат. Наша фокус група сега за вакцинирање се децата од една до пет години. Зошто навистина е голем процентот на невакцинирани деца, а доказ за тоа е што токму морбилиите се јавија во градинка. Со една ваква акција и ваква мерка која се презеде откога се прогласи епидемија е за да не се пуштаат во градинка невакцинирани деца. Резултатот, се надевам, дека ќе биде добар, бројката ќе се зголеми, а трендот што почна ќе продолжи и во следните денови. Се надевам дека ќе има ефект да ја прекинеме оваа епидемија на самиот почеток, бидејќи ако дозволиме да се шири епидемијата и понатаму, резултатите можат да бидат катастрофални.

Добар дел од родителите се уште даваат отпор и одбиваат да ја стават оваа вакцина од која се плашат заради можноста да предизвика аутизам. Можете ли како прв човек на здравствениот сектор и пред се како врвен лекар специјалист да им гарантирате за здравјето на нивните деца, односно дали Вие како министер потврдувате дека вакцините се сосема исправни и дека ниту едно дете нема да има негативни последици од тоа?

-Тврдам и стојам на тоа дека вакцините се квалитетни од европски производител со сите потребни сертификати и се користат во земјите на ЕУ. Во моментов распишавме тендерска постапка за набавка на вакцини затоа што ние сега имаме програма во Министерството за здравство за имунизација на населението. Наша законска основа е да набавуваме вакцини за целото население во земјава. Проструи веста дека главен критериум е цената, што не е точно. Покрај цената бараме да биде европски производител, да се користат во европските земји и да ги имаат двата сертификати за квалитет со кои се гарантира и самиот процес на производство дека е согласно стандардите и дека финалниот производ откога излегол од фабрика ги има карактеристиките кои се пропишани и во таа смисла ние гарантираме за тоа.Не постои во светот никаков препарат, лек, вакцина кој може да гарантира нешто, зашто некогаш има и несакани ефекти, како што се лесна форма на настинка, температура што е очекувана реакција кај мал процент на деца, при вакцинација, бидејќи што е вакцинација? Тоа е внесување на ослабен вирус за да се стекне имунитетот, тоа е суштината на имунизацијата. Но, да не ги мешаме работите едно е многу важно дека е гарантиран квалитетот, а во однос на реакциите тие се опишани во упаството и во книгите, меѓутоа тоа што ги плаши родителите е аутизмот. Има огромен број на студии што ја исклучуваат поврзаноста на оваа вакцина со аутизмот. За да вие публикувате некоја студија во еминентни списанија за медицината тоа е сериозна работа. Доказите се сериозно издржани. Медицината е сериозна наука, егзактна и се темели на медицински факти.

Рековте дека е времена мерка за во градинките да се примаат само вакцинирани деца, значи ли тоа дека подоцна ќе ја укинете, бидејќи во нашата редакција се јавуваа родители кои велат дека се подготвени да платат казна на државата ама дека нема да ги вакцинираат децата?

-Ова е времена мерка согласно законот за заштита на населението од заразни болести и се препорачува кога има епидемија. Кога нема епидемија важат законските прописки кои во овој момент велат дека согласно правилникот за имунизација секое дете за да биде примено во градинка или во училиште мора да даде потврда дека е вакцинирано. Доколку нема таква потврда или доколку родителот одбие вакцинација тогаш може Државниот санитарен и здравствен инспекторат да преземе постапка против родителите и е предвидена казна од 300 до 650 евра заради тоа што не сакаат да го вакцинираат своето дете. Сметам дека вака како што е сега законот е апсолутно недоволно строг на некој начин што всушност ова што сега ни се случува и го докажува сето тоа. Сметам дека треба да преземеме искуство од други земји кај што имаше вакви сценарија како што се Франција, Италија, Финска, Германија и во опкружувањето Србија и Романија. Разговаравме со Израел кои исто така го имаат овој проблем. Тие вовеле задолжителна имунизација, а во градинка или училиште може да се запише дете кое е вакцинирано.

Значи, неопходно е да се измени законската регулатива? Но дали тоа ќе донесе резултат оти има и родители чии деца немаат примено ниту една вакцина.

-Верувајте дека тие се многу малку на број. Фактите велат дека за другите вакцини опфатот е голем како што се тетанус, Ди-Те-Пер …проблем е само оваа за морбили, паротит и рубеола. Тоа што излегува во јавните мрежи се парамедицински информации и во најголем број случаи се лажни вести кои ги изнесуваат луѓе кои немаат ништо со медицината. Несериозно е да ги коментираме пишувањата кои излегуваат во јавните мрежи, бидејќи само создаваат паника.

Има ли капацитет Клиниката за инфективни болести да ги прими сите комплицирани случаи доколку епидемијата ескалира?

-Она што ме плаши е што се уште трае инкубацијата и кој знае уште колку дечиња ќе се разболат. Искрено се надевам дека сепак тука ќе запре затоа е и оваа наша имунизација.Имаме инфективно одделение во Клиничкиот центар и во “8 Септември” и сме подготвени да сервисираме поголем број на пациенти, а ако има потреба ќе се активира и нивното инфективно одделение. Но, само со зголемена имунизација можеме да ја спречиме оваа епидемија. Токму заради тоа, да не ни се случуваат вакви работи, но и да го сведеме ризикот на минимум, ќе го менуваме законот, но не со цел да ги зголемиме казните туку да не се дозволи дете невакцинирано да оди во градинка или школо.

Родителите се доста вознемирени од актуелната ситуација, министре дали сметате дека навреме од ваша страна се е преземено ?

-Да, бидејќи во Романија и Србија имаше смртни случаи. Ние навистина ги преземаме сите мерки за нерационалните стравови да ги разбиеме. Неприфатливо е да се има страв и недоверба во нашите совети и сугестии. Не може да се темели мислењето врз основа на јавните мрежи. Повторувам, медицината е сериозна работа бидејќи кога ќе се презентира нешто како доказ или факт тоа е докажано за здравјето на човекот, особено кај лековите и технологијата. Пред 50 до 60 години од некои болести се умирало, а сега со имунизацијата тие се искоренети. Помошта на многу африкански земји е токму со вакцини. Ние имаме на располагање вакцини со врвен квалитет и под влијание на некои социјални мрежи, парамедицина го враќа јавното здравје три-четири чекори наназад. Тоа е апсолутно недозволиво.

Како да се делува во иднина за да нема забуна кај родителите и тие да го изберат најдоброто за своето дете?

-Јас сметам дека некои треба кривично да одговараат, од тие што пишуваат во јавните мрежи, заради загрозување на јавното здравје. Кој е тој што може да преземе одговорност така јавно да излегува и користи парамедицински информации против вакцините и притоа е заболено осуммесечно бебе кое уште не стигнало да биде вакцинирано заради некое дете кое не го вакцинираат. Каде е тука одговорноста. Ако умре детето што правиме, ако се искомплицира… кој ќе ја преземе одговорноста. Ние ги разгледуваме во моментов сите аспекти вклучително и правните аспекти. Има и мала група на деца кои имаат контраиндикација за вакцина кои исто така можат да бидат загрозени. Колективното здравје е врвен приоритет, никој не може со сопствениот став за сопственото здравје да загрозува колективно или јавно здравје. Дополнително на сето тоа исто така сметам дека правото на детето да биде вакцинирано е поголемо од волјата на родителот. Тој не може да му го загрозува здравјето додека не може да решава сам за себе. Тоа се многу сериозни работи. Сериозно размислуваме во министерството да ги разгледуваме и другите правни механизми некој да понесе одговорност заради тоа што се шират невистини врз основа на неточни информации и парамедицински информации притоа се загрозува јавното здравје. Луѓето треба да бидат малку внимателни и што пишуваат и што зборуваат.

Министре, дали вашите деца се вакцинирани, бидејќи во јавноста кружи информација дека децата на лекарите не се вакцинирани?

-Имаме едно дете и тоа е вакцинирано со сите вакцини според календарот. Во Поликлиниката Млин балкан му беше матичниот лекар и таму се реализираше имунизацијата. И јас лично сум вакциниран, бидејќи како лекар имам ризик во операционата сала од хепатит Б. Сум патувал на мисии во Африка, сум се вакцинирал и од жолта треска и од хепатит А. Вакцинирањето е здравствена култура.

фото;Ѕ.Плавевски

Валентина МАРЈАНОВИЌ