Дипломатската офанзива за признавање на автокефалноста на МПЦ‒ОА е непотребна, бидејќи МПЦ‒ОА со децении е каноски и правно-устроена, а овластувањата за разговарање на „моќните дипломати“ мора стриктно да се пропишани во „стратегиски документ“, изготвен од Светиот архиерејски синод. Документот треба да е одобрен во црковно-народна процедура, кој, како конечен авторитет, ќе ги содржи и барањата на народот. Вака, владиката Григориј во интервјуто за весникот ВЕЧЕР го објаснува статусот на МПЦ во православниот свет. Во неговото прво медиумско појавување откако застана на чело на Кумановско-осоговската епархија, разговараме за актуелните црковно-политички превирања кои одлично ги познава. Владиката Григориј не сакаше да ја коментира одлуката на неговиот претходник, владиката Јосиф, да даде оставка и да се повлече од високата позиција, но вели дека е почестен што токму од него е предложен за нов митрополит. Доктор на науки е, а во Синодот важи за врвен интелектуалец. Епископскиот крст го носи достоинствено со голема духовност, пожртвуваност, целосна предаденост и љубов. Автор е на неколку научни студии од областа на статусот и автокефалноста на МПЦ‒ОА |
Елизабета АРСОСКА
Признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е прашање кое со децении се поставува, но нема никаков одговор. Кои се, според Вас, основните претпоставки или правила кои ја градат парадигмата за нејзината одржливост?
МПЦ‒ОА мора да избере најповолно решение кое ќе биде и канонско и уставно. МПЦ‒ОА со децении има изградено сопствен извор на уставно право; во период од неколку децении е уставно-правно устроена, меѓудругото и со перемпторни норми, од кои никогаш не е дозволено никакво отстапување. МПЦ‒ОА не се владеела и не владее со какви било причини за нејзина ништовност, таа има законско наследство и нема никаков договор со Српската православна црква (СПЦ) за враќање (restitutio in integrum). Така што, нејзиното правно постоење не подлежи на конвалидација ‒ немала и нема тужбени пречки од СПЦ, освен што постои секуларна (политичка) причина за нејзино оспорување, што, пак, е невалиден и некаконски институт за оспорување. Решението за МПЦ‒ОА мора да биде производ на подлабоко разбирање на правното расудување за црковно-судската практика во Православната црква. Непотребни се егзалтации и ентузијазам, кои обично се поттикнати од обучените црковни дипломати на „моќните“ Православни цркви. Таквите претходно подготвени решенија за статусот на МПЦ‒ОА, од „моќните“ дипломати, користејќи го правниот опортунизам, најчесто се мамка за наивните. Затоа, овластувањата за разговарање мора стриктно да се пропишани во „стратегиски документ“, изготвен од Светиот архијерејски синод (САС), а одобрен во црковно-народна процедура, кој, како конечен авторитет, ќе ги содржи и барањата на народот, тргнувајќи од познатата парафраза: „Народот ги поставува условите, што царот треба да ги исполни“.
Погледите ни се свртени и кон Цариградската патријаршија каде во изминативе години имаше голема дипломатска активност од страна на македонскиот државен врв. Можеме ли наскоро да очекуваме некое поместување од статус кво состојбата во која се наоѓаме?
МПЦ‒ОА во разговорите треба да пристапи со огромна почест кон Цариградската патријаршија (ЦП), но антиавторитарно, и преку потенцирање на легитимната и врховна функција на Вселенскиот собор (ВС). На ЦП треба да ѝ се признае координативна улога, што ја има во организирањето на ВС. ВС историски и канонски се управува од сите автокефални Цркви, и во однос на догматските, но и при дисциплинарни прашања помеѓу автокефалните Цркви.
МПЦ‒ОА мора да стои цврсто против агресијата за правното наследство на древната Охридска архиепископија. Нашите „непријатели“ посакуваат да отпочнеме со дерегулација. МПЦ‒ОА е канонски и уставно-правно регулирана. Наш најголем сојузник е православниот народ во Македонија. Ретко која друга Православна црква има таков сојузник како што има МПЦ‒ОА. Затоа, не смееме да увеземе егзогени фактори (преговарање за статус, апелација…), кои ќе го дестабилизираат нашиот цврст став за автокефалност, и не смееме да дозволиме на верниот народ на МПЦ‒ОА лукаво да му биде дестабилизирана совеста, и поради тоа да отпочне дестабилизирачка анархија. Освен за автокефалноста, за сè друго може да се разговара. Повикувам на цврстина пред агресијата. Позицијата на МПЦ‒ОА мора да се доведе до status quo ante („како што порано беа стварите“), потоа да отпочнеме создавање формулирана, долгорочна стратегија против немилосрдното непријателство кон МПЦ‒ОА.
Дали постои канонска основа СПЦ да се меша во внатрешните работи на МПЦ‒ОА?
СПЦ, во 1959 год., донела пресуда дека нејзиниот Устав не важи во јуриздикцијата од МПЦ. Таа повторно, по 79 год., побарува јуриздикција, што претставува незаконска основа за стекнување сопственост со присвојување на недвижни ствари (окупација). Постапката е неоснована, бидејќи стварта се смета за напуштена кога нејзиниот сопственик, на несомнен начин, ќе изрази волја дека не сака повеќе да ја поседува.
Тоа значи дека, претходно донесената правосилна судска одлука од Архијерејскиот собор на СПЦ, веќе не може да се побива со т.н. „редовни“ правни лекови, меѓудругото истекле роковите за да може да се поднесе жалба против пресудата на друг суд или самостојно да ја измени. Освен со „вонредни“ правни лекови, со жалба (тужба) до ВС, кој има функција за испитување на законитоста на судските одлуки помеѓу помесните православни Цркви (или помеѓу автокефалните и автономните Цркви), но во случајот, само МПЦ‒ОА може да поднесува тужба против СПЦ. Не постои никаква правна можност за измена на пресудата од страна на судот кој ја донел ‒ СПЦ, бидејќи таа се смета за неотповиклива. Овој принцип значи, дека судијата (СПЦ) што ја донел одлуката, општо земено, веќе не може да постапува по прашањата за кои донел одлука. Каноните 17 од IV ВС и 25 од VI ВС произведуваат права дека пресудата од СПЦ има res iudicata ефект, поточно дека СПЦ ги изгубила правата во предметниот спор со МПЦ‒ОА поради истекот на пропишаниот рок, од каде што, пак, МПЦ‒ОА ги стекнува правата врз основа на застареност на предметот.
Во медиумите беше објавено дека МПЦ‒ОА поднела барање за апелација за признавање на автокефалноста до ЦП. Каква корист може да се очекува од поднесеното Барање?
Немаме такви сознанија дека МПЦ‒ОА употребила такво деволутивно правно средство. Напротив, нашите сознанија се, дека МПЦ‒ОА од ЦП бара посредништво/координација на предметниот спор. Не постои митрополит, управен или законодавен орган, што би побарал судско преиспитување (апелација) на автокефалноста на МПЦ‒ОА.
Инаку, какво било поднесување барање за примена на апелација до ЦП, значи отфрлање на апостолското преемство (канонски фактор за автокефалност), така што, тоа би било признание дека МПЦ‒ОА сторила противканонско (противправно) дело ‒ раскол, извршено во 1967 год.
Во случај да била поднесено барање за апелација до ЦП, на тој начин, би се срушило делото и на блаженоупокоениот архиепископ Доситеј. Ниту еден митрополит на МПЦ‒ОА не би навлегол во таков парадокс. Поточно, никој не се осмелува да врши прејудицирање на делото од архиепископот Доситеј, на Одлуката за автокефалност, донесена на III Архиепископски црковно-народен собор (АЦНС), бидејќи меѓу митрополитите на МПЦ‒ОА постои општ консензус, дека правните дејства од III АЦНС биле легални во моментот на нивното извршување, така што не би смееле сега, ex post facto или ретроактивно, да им ги менуваме правните последици, и во еден момент да ги прогласиме за нелегални. Во кривичното право тоа се нарекува криминализирање на дејствијата што биле легални кога се сторени.
Останува нејасно, зошто воопшто се спомнува апелација? Кому му е потребно судење на МПЦ‒ОА? Зошто се побарува алтернативна постапка на решавање на спорот? Постапката на медијација е подобра за решавање на еден спор, во однос на судската постапка. Судењето е принуда, бидејќи тужениот (МПЦ‒ОА) е ставен во ситуација да се брани од тужителот (ЦП). Ризикуваме да го изгубиме спорот. При апелација, одлука за решавање на спорот ја донесува судијата (ЦП), при што странките (МПЦ‒ОА и СПЦ) немаат никакво влијание во донесувањето одлука. Може и воопшто да не дадеме исказ пред судот при решавањето на спорот. Спротивно, медијаторот (ВС ‒ сите автокефални Цркви), дава предлози за решавање на спорот, но и спогодбените страни за решавање на спорот ја имаат активната улога за спогодба.
Колку е корисно МПЦ‒ОА да се вклучи во изборот на една од двете политики во Православието?
Применуваните модели и на ЦП и на Московската патријаршија (МП) се конфликтни (полиморфизам во црковниот правен поредок). Првиот определува „супрематија ‒ синодалност“ (supremacy and synodality) или полусамоуправувани (semi-selfgovernment) митрополии, а вториот „самоуправување со широки права на автономија“. Полусамоуправуваните митрополии, создавани од двете Патријаршии, сите свои функции на организирање и регулирање ‒ супсидијарен Синод, мора да ги извршуваат согласно одлуките на надворешен врховно-законодавен орган ‒ централна Патријаршија. На тој начин, митрополиите би имале институционална автономија во однос на централната власт на автокефалните Патријаршии. Таквите митрополии, што се обидуваат ЦП и МП да ги одржат во суверени држави, се неканонски, и од аспект на Божјото право (Дела 6, 5) и од канонски аспект (38. канон од VI ВС), но и од канонското начело „една држава ‒ една Црква“, кое е нормирано со 8. канон од III ВС. Ако се оствари замислениот модел од која било од двете патријаршии, тогаш митрополиите мораат своите целокупни капацитети да ги стават на располагање ‒ за имплантирање и за извршување службени активности кои законодавецот (Патријаршијата) ќе ги пропише. Таков пример постои во автономните Цркви во Естонија и во Финска.
Што доколку ЦП побара од МПЦ‒ОА да добие некој манастир или Црква под своја управа, како што е случајот во Украина?
МПЦ‒ОА не треба да биде наивна во однос на т.н. „ставропигијално право“ (екстериторијалност/изземање од македонското законодавство), бидејќи и тоа како и еклитонот (апелацијата на ЦП), потекнуваат од документот „Епанагога“, кој никогаш не влегол во канонскиот кодекс на Православната црква, затоа не се смета за извор на право (не е канонско право), за што се согласни и најавторитетните каноничари и црковни правници (Зонара, Валсамон, свети Никодим Светогорец во „Пидалион“). Сепак, ако подворјето е услов за почеток на сослужување со ЦП, тогаш никој не треба да размислува дека, и преку внатрешен консензус, на ЦП, на трајно користење, треба да ѝ се отстапи некаков црковен објект.
Ќе го докаже ли МПЦ‒ОА правното наследство на Охридската архиепископија?
МПЦ‒ОА е единствениот правен наследник (nominatio auctoris) на Охридската архиепископија. Но, интересот за правното наследство е трипартитен ‒ СПЦ, БПЦ и ЦП. Оттука, сите понуди за „соработка“, од СПЦ, од БПЦ и од ЦП, се во функција на воведување патријаршиска доминација врз ОА (МПЦ), статус на црковно потчинет (автономен или полунезависен) црковен регион, во различен степен, и во рамките на јуриздикцијата на една од набројаните патријаршии.
МПЦ‒ОА е Црква која верува дека Исус е Христос. Таа исповеда вистинска и спасителна Божја наука без лажни примеси. МПЦ‒ОА е Црква, која се разликува од „расколничките“ гранки, кои немаат канонска хиротонија на јерархијата, и се наоѓа на самото „соборно“ стебло. Никој не може да пресудува дека МПЦ‒ОА е во раскол!
Како гледате на моменталната позиција на МПЦ-ОА во православниот свет?
Ако ЦП примени ист модел како во Украина, тогаш таа ќе пресуди дека МПЦ‒ОА е во раскол, притоа ЦП, согласно решението во Украина, ќе побара МПЦ‒ОА да биде решена преку следните постапки: обновувачки Синод (combinatio nova), организациски ќе ја детерминира МПЦ‒ОА како митрополија (деградирање на древната Охридска архиепископија), ќе создаде Синод на МПЦ‒ОА без право на повисоко организирање во Собор (ќе побара да го укине постоењето на Архиепископскиот црковно-народен собор), избор на нов митрополит на Скопје (како и во Киев) со утврдена изборна постапка од страна на ЦП, воведување Егзарх ‒ кој непосредно би бил управуван од ЦП,… заклучоци кои, сепак се изведени од познати премиси какви што ѝ се доделени на Митрополијата на Киев (деградирана од Патријаршија), и кои повеќе од 150 год. ги применуваат и ЦП и МП. Ако, пак, ЦП нема намера да употреби ист модел, тогаш зошто применува правна максима „одложена правда, е одбиена правда“ (justice delayed is justice denied), наспроти канонски непротивречната основа на МПЦ‒ОА за правото на брзо пресудување преку меритумот (арбитерот) на ВС? Во случај ЦП да употреби т.н. апелација, тогаш не станува збор за автокефална МПЦ‒ОА. Во тој случај, целиот Устав и останатите системски закони на МПЦ‒ОА, во случај да отпочнат и внатрешни противуставни дејства, ќе мора целиот Устав да подлежи на аброгативно ‒ дерогативни процеси (изменување и поништување). Оттука, МПЦ‒ОА самата навлегува во фаза на уставно-правен спор.
Што можеме да очекуваме од мајката црква БПЦ во моментов кога официјална Софија го негира македонскиот јазик, историја и идентитет?
Исто како што СПЦ и ЦП супремативно настојуваат да го решат предметното прашање за МПЦ‒ОА, и БПЦ покажува квазисопственост врз Охридската архиепископија, која никогаш не била под бугарска сопственост, и затоа не може да пројавува интерес кон туѓа сопственост. БПЦ е ex regula (надвор од нормите), бидејќи статусно Трновската патријаршија извршила анексија на дел од Охридската архиепископија, така што самоиницијативно издале наредба (interdictum utrubi) за субординирање на нејзини делови, оттука не вреди да се анализира прашањето за нивната квазисопственост. БПЦ ниту била, ниту може да биде мајка црква на МПЦ. Намерата и на БПЦ беше устројство на примат ‒ патријаршија која ќе го дава својот еклисиолошки статус на Синодот на МПЦ ‒ ОА, а не само чест, како што беше првичната измама. Единствено македонскиот народ во својата независна држава ја возобнови неканонски укинатата Охридска архиепископија.
Политички, пак, Бугарија е во заблуда која произлегува од докажување на погрешна смисла. Бугарските политичари имаат целосно непознавање на природата на побивањето. Измама е невозможно да се докаже. Политичката стратегија на Бугарија за спротивставување на политиките кон македонскиот политички субјективитет, е политика на опструкција, која свои корени има во Врховизмот, сега во нова форма. Контраревулуцијата конечно ќе успее, доколку премолчиме, и ќе изврши инверзија на Македонија, историската борба за неа ќе стане инволутивна во однос на репресивната бугаризација. Опструкцијата на Бугарија во европскиот напредок на Македонија е надворешно-политички филибастеринг, не почитувајќи ги правото на народите (law of nations) и законите на нациите (jus gentium).
Од Фанар се бара посредување, но и сослужување!
Дали САС на МПЦ‒ОА има право ‒ самостојно и без волјата на народот да решава за статусот?
Предметното прашање (преиспитување на автокефалноста) е исклучено од нормативната надлежност на обичната законодавна власт ‒ Синодот (САС) на МПЦ‒ОА. МПЦ‒ОА не бара апелација од ЦП, бара посредување од ЦП за проследување на спорот до надлежниот суд ‒ меритумот ВС, но бара и сослужување со ЦП. Но, нема индиции дека некој од МПЦ‒ОА би покренал постапка за преиспитување на автокефалноста, воопшто нема активности за резигнација (доброволно или лесномислено откажување од стекнатите автокефални права).
Во Уставот на МПЦ‒ОА е предвидено, дека само со Уставот можат да се уредат извесни прашања, односно се изменуваат или повторно се регулираат по строго утврдена постапка (чл. 199 и 200), предвидена за промена на Уставот. Исто така, член 1 од Уставот поставува одредба ius cogens, како (перемпторна) норма од која не е дозволено отстапување, дека „МПЦ самостојно ги уредува дејностите“. Ваквите случаи се нарекуваат уставни резервати (riserva di legge constituzionale). Тоа значи, дека предметните прашања (автокефалност и апелација надвор од јуриздикцијата на МПЦ‒ОА) се исклучени од нормативната надлежност на обичната законодавна власт, како што е САС, и исклучителното право на уставно-правниот орган АЦНС. Една таква постапка, во МПЦ‒ОА би предизвикала судир на надлежностите помеѓу уставно-правните и законодавните органи.