Не мислам дека ќе има предвремени избори, бидејќи Владата не избира со кого и зошто коалицира. Но, исто така, не мислам дека ќе дојде до уставни измени. Да имаа мнозинство за измените, и досега ќе беа изгласани. На македонската опозиција ѝ се вршат големи притисоци, но мислам дека нема да се попушти за ова прашање. Според мене, измените не се толку страшни колку што се отвора преговарачката рамка со вградениот протокол и практично со вградената Декларација изгласана во бугарското Собрание. А, тие се веќе погубни за нас, Македонците, и за нашиот идентитет. Според мене, веднаш по заминувањето на оваа власт, кое е неминовно, треба да се распише задолжителен референдум за ова прашање. И сега околу 78% од граѓаните се против уставните измени, вели Солза Грчева во интервју за весникот ВЕЧЕР. Со лидерката на Глас за Македонија разговаравме за актуелните теми на македонската политичка сцена, за прегрупирањата на политичките субјекти и за владината реконструкција, за промената на Изборниот законик, за европерспективите, но и за корупциските скандали, за секојдневните дојави за бомби, за сајбер-нападот на ФЗОМ… На прашањето како се подготвува Глас за Македонија за избори и има ли скриен адут, Грчева одговори потврдно. „Советниците на Глас за Македонија во градовите се едни од најдобрите, и луѓето го оценуваат тоа. Зошто? Бидејќи работат не по партиски директиви, туку во блиска соработка со луѓето кои реално имаат проблеми. Принципиелни се, а не нечија гласачка машинерија“
Елизабета АРСОСКА
– Веќе четири месеци училиштата се под закани за бомби, дојавите го нарушија секојдневието, а граѓаните, учениците, наставниците, родителите, сите се под притисок. Поплавата од лажни пријави се прошири и на други институции, а надлежните се немоќни да им влезат во трага на пријавувачите. Како гледате Вие, како професор по информациски технологии, на ситуацијата?
Една работа е физичкото обезбедување на училиштата и на институциите, а сосема друга работа се пријавите за поставени бомби. Бидејќи може да биде поставена бомба и без најава. Затоа најважна работа е институциите да имаат прописно, а во овој случај и засилено, физичко обезбедување: камери, аларми, служби на чувари 24/7. Што се однесува до пријавите, не можам да разберам како по толку закани, не се пронајде барем серверот или серверите од кои се испраќаат тие закани. Под претпоставка тие да доаѓаат однадвор, во што се сомневам, ние сме членка на НАТО и уште поважно – на Интерпол. Имаме ли некаква соработка со нивните служби, имаме ли, конечно, кај нас соодветно екипирани служби за сајбер-напади? Никако не е тешко, со целата модерна технологија што постои денес, да се дојде до изворот на заканите. Проблем е што во институциите за безбедност имаме малку професионалци поради партиските вработувања, но и скромните технички можности.
– Како го коментирате сајбер-нападот на Фондот за здравствено осигурување?
Рушењето на софтверот на Фондот за здравствено осигурување не ме чуди. Не верувам дека имаме прописна заштита на базите со современи и моќни софтверски и хардверски, таканаречени огнени ѕидови (firewalls). Прашање е какво е и одржувањето на системите. Прашање се и квалитетот и староста на инсталираните системи. Но, постои и друг сомнеж. Дали тоа некој намерно, однатре не го направил да се компромитира базата на осигуреници, на пример? Да не заборавиме дека и базата на податоци на ДИК мистериозно падна за време на минатите парламентарни избори (2020 г.) и резултатите доцнеа неколку дена. Се разбира, тоа беше смислено направено за кражба на гласови и штимување на изборните резултати. Жртва на тој паднат систем беше и нашата партија, каде што исчезнаа илјадници гласови.
– Во албанскиот политички блок се случуваат поместувања. Алтернатива излезе, Алијанса влезе, а во ДУИ се издвои „огнената група”. Како гледа Глас за Македонија, како вонпарламентарна партија, на моменталното прегрупирање на политичките субјекти и со тоа – реконструкција на Владата? Дали овие рокади се подготовка за претстојните избори?
Прегрупирањето на Владата го гледам исклучиво како респиратор за дишење на веќе одамна издишаната Влада. Од самиот почеток, поради малиот број сопствени пратеници, СДСМ е заложник на ДУИ, а сега – од кого стигне. Само бројките се важни, а тие се секогаш на граница. Сето тоа ги чини државата и интересите на народот многу. Секое ново влегување на некоја партија е проследено со уцени, често непристојни и за барем малку доблесна влада, неприфатливи. Се уценува со „реорганизација на државата“, која во превод би значела закана со федерализација, со број на министри и на директори, непропорционален на бројот на пратениците на нововлезената партија. Никако не станува збор за заедничка идеологија со која бесрамно го манипулираат народот. Довчерашните непријатели, ДУИ и Алијанса, сега ќе работеле заедно на европската агенда и на реформите. Да не е трагично, ќе биде смешно. Оваа Влада уште минатата година немаше мнозинство, но методите да се задржи на власт по секоја цена ги задржа уште од владеењето на Заев. Во пресрет на седницата за недоверба, мистериозно исчезна пратеник. Исто како што со уцени, менување закони, но и преку тендери ги изгласаа уставните измени.
Мора со закон да се регулира и заостри работењето на Собранието. Не може да не се свикува тоа речиси два месеца за да не се види дека Владата нема мнозинство. Тоа, по автоматизам, би требало да нè одведе до нови избори. Впрочем, така е во развиените земји. Влади како оваа – паѓаат. Немаат зад себе капитал од гласови. Ова што се прави сега е насилство на волјата на народот, бескрупулозност и желба да се опстане дишејќи на скап респиратор до редовните избори.
– Дали може да се очекува симбиоза на вонпарламентарните партии пред избори?
Вонпарламентарните партии се обидоа и на претходните избори да направат некакво обединување, но без успех. И тие ќе личеа на идеолошка крпеница, каква што ни е во моментов Владата. Посебна приказна се изборниот модел, финансирањето на партиите, нивното медиумско претставување, кои никако не дозволуваат позначаен успех на новите или на помалите партии. Кражбата, пак, на гласови, стана вообичаена пракса.
– Власта инсистира на уставни измени, а опозицијата на предвремени парламентарни избори. Како, според вас, ќе заврши овој „дијалог на глувите“?
Не мислам дека ќе има предвремени избори, бидејќи Владата не избира со кого и зошто коалицира. Но, исто така, не мислам дека ќе дојде до уставни измени. Да имаа мнозинство за измените, и досега ќе беа изгласани. На македонската опозиција ѝ се вршат големи притисоци, но мислам дека нема да се попушти на ова прашање. Според мене, измените не се толку страшни колку што се отвора преговарачката рамка со вградениот протокол и практично со вградената Декларација изгласана во бугарското Собрание. А, тие се веќе погубни за нас, Македонците, и за нашиот идентитет. Според мене, веднаш по заминувањето на оваа власт, кое е неминовно, треба да се распише задолжителен референдум за ова прашање. И сега околу 78% од граѓаните се против уставните измени.
– Промена на Изборниот законик е тема што се отвора само пред избори. Во принцип, сите партии се „за“, но сè останува само на ветување. Ќе се отвори ли и оваа тема за некој месец?
Со Изборниот законик само се манипулира. Да се имаше барем трошка совест, барем трошка демократски капацитет, ние одамна ќе имавме една изборна единица, можеби најдобро мешовит модел (пропорционално-мнозински), ќе имавме кратење на парите за партиите и фер медиумско претставување. Дури за последново, во развиените земји, новите и малите партии имаат предност во своето претставување. Кај нас, по некоја секунда во медиумите, едвај да можеш да кажеш од која партија си. Мизерно.
Не верувам дека ќе се промени нешто. И да се предложи една изборна единица, големите партии, кои само во овој случај настапуваат како сложни браќа, ќе инсистираат на невозможен праг од 3 до 5%. За Македонија, природниот праг е 0,8%. До последен момент ќе манипулираат, ќе изигруваат големи демократи, а, всушност, никогаш нема да сакаат да отстапат ни малку од тоа што буквално го узурпираат со децении. Македонија по секоја основа е заробена држава. Затоа и оди сè подолу на секое поле.
– Партиите минатиов месец објавија бројни афери за корупција, но не е поднесена ниту една пријава до надлежните институции. Функционерите се недопирливи или обвинувањата се лажни?
Точно е дека се отвораат бројни корупциски афери. Воопшто не се сомневам дека има подлога за нив. А, зошто не е поднесена пријава? Па кој може да му верува на ДУИ-зираното судство? Одговарал некогаш некој нивни функционер за криминал? Го нема? Ако пријавите афера, можете самите да завршите на обвинителна клупа. Секоја власт кај нас става шака врз Обвинителството и судството, но сега, како што предупреди, конечно, и американската амбасадорка, криминалот е во високите ешалони на власта и никој не мисли да се зафати со негово расчистување. Наместо тоа, се даваат инфантилни изјави (како онаа на г-ѓата Славица Грковска, задолжена за „добро владеење“, што и да значи таа измислена функција) дека требало да се работи на интегритетот на луѓето во правосудството. Работа што не може да се измери или да се промени. Не се споменуваат криминогените закони, кои треба итно да се менуваат, не се споменуваат законите од областа на корупцијата, кои недостигаат. Корупцијата им е начин на живот. И тоа не се само тендерите, рекетот, провизиите туку и секое партиско вработување.
– Jавноста се занимава со скандали во кои се вклучени или политичари или членови на нивните потесни семејства, но сите тие се „чудо за три дена“… А, во меѓувреме, тонеме во ѓубре, дишеме загаден воздух, нема систем за решавање на бездомните животни… Мислат ли политичарите на граѓаните само пред избори?
Да, многу пати сум направила споредба на нашата меморија со онаа на рибата во аквариум. Рибата ќе заврти еден круг, не се сеќава и повторно се изненадува. Така и ние, само ги препокриваме старите со нови афери. Отрпнавме, нè анестезираа низ деценииве наназад. Што сакаме уште да ни се случи, па да реагираме? Малку е што ни изгоре болницата за три минути со пациентите внатре? Одговараше некој за квалитетот на материјалот? Малку е што секој генерален секретар на Владата мести тендери? Малку е што жени, синови на највисоките функционери имаат енергетски компании (за купи-продај струја, не за производство) среде енергетска криза? Малку ни беше што специјалната јавна обвинителка тргуваше со тајните материјали? Малку ни е непотизмот во судството, што е, исто така, криминал? Веројатно, чекаме метеор да ни падне, па да реагираме. Во меѓувреме, сме без градски превоз, се душиме без никој да ги испита изворите на загадување, без леб сме. Немаме леб. Веројатно, сме единствените што ќе ја контролираме инфлацијата само со замрзната цена на лебот. Цените дивеат. Поскапувањата во просек се 33,3 %. Некои производи и повеќе од 100%. Како ќе издржи овој сиромашен народ? Имаме најлоша можна инфраструктура. Еден пат не се направи. А, Владата ќе нè носела кон Европа. Не, благодарам. Ни треба Влада што ќе работи за доброто живеење на граѓаните, сега и веднаш. Европа е далеку од нас и да престанат да се возат на таа, за долго време отсега, недостапна линија.
– Реална ли е европерспективата на Македонија?
Независно од Бугарија и срамните вета со кои се заканува, Македонија нема никакви шанси во догледно време (децении од денес) да влезе во ЕУ. Каде добивме гаранции дека и Грција утре нема да стави вето? Тоа е лага со која се манипулираше и манипулира само да се остане на власт. Тоа е алиби за неработење. Тоа е алиби за заложениот суверенитет. Некој друг ги носи одлуките место вас. Некој друг ќе нè образува додека ние ги уништуваме и последните остатоци на нашето образование, некој друг ќе нè лекува, бидејќи имаме пропаднато здравство, каде што имате недоучени доктори (постарите учени генерации одат во пензија), некој друг ќе ја плаќа огромната администрација што ја растеме по партиски потреби, некој друг ќе ни ја спречува корупцијата, а ние ќе крадеме колку што се може, некој друг… Како во бајка. А ,се будиме со нозете откриени. Прекрасен мандат си истераа, сè на една карта. Без работа, без одговорност, но со ветување за „светла“ иднина.
– Важите за женска партија. Како го оценувате препукувањето меѓу власта и опозицијата на сметка на изгледот на пратеничките?
Ние сме партија на еднакви можности на жените и на мажите. На листите на минатите избори имавме точно 50 % жени. Во Претседателството на партијата имаме повеќе жени. Тој избор се наметна како природен, а не како административен и маркетиншки. Едноставно, жените се покажаа како вредни, умни, чесни и заинтересирани за промени. Тука не сакам да ги навредам мажите, бидејќи, како што реков, изборот оди исклучиво по јасни критериуми.
Што се однесува до навредите кон пратеничките, немам зборови. И јас кога бев пратеничка, имаше груби навреди кон жени. Дури и во сиве овие години, на пример во ТВ-дебатите, жените имаат поинаков третман. Многу полесно се осмелуваат мажите отспротива да ве навредуваат. Или водителите да им даваат предност во време, подобар однос, итн. Јас никогаш не го дозволувам тоа и си го барам своето право. Не влегувам во лични навреди, бидејќи на универзитетски професор кој извел генерации студенти, не му личи тоа. Но, оставам публиката самата да заклучи за каков примитивизам станува збор. Инаку, просто како анегдота, кога го напуштав Собранието, вработените ме испратија со зборовите: „Бевте поголем маж од мажите пратеници“. Никогаш не сум се чувствувала инфериорно пред некој само затоа што е маж. Ценам ум, храброст, чесност, работливост, независно дали е во прашање маж или жена.
Нашите градски советници се принципиелни, а не нечија гласачка машинерија!
– Како се подготвува Глас за Македонија за избори? Имате ли некој скриен адут?
Глас за Македонија не престана да работи во целиов период. Тоа е партија на чесни, писмени и зрели луѓе, кои можат да носат која било одговорна функција. Нашите советници во градовите се едни од најдобрите, и луѓето го оценуваат тоа. Зошто? Бидејќи работат не по партиски директиви, туку во блиска соработка со луѓето кои реално имаат проблеми. Принципиелни се, а не нечија гласачка машинерија. Единствена партија сме што одби директорски места, бидејќи сметаме дека департизацијата е, можеби, најважниот процес за нормализација на државата. За наредните избори, правиме консултации како ќе настапиме и конечниот збор ќе го има нашето собрание.
Кога ме прашувате за скриениот адут, да, го имаме.