Во годинава кога одбележуваме 120 години од славното Илинденско востание, и од загинувањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, како и 130 години од формирањето на ВМРО, антологиjата со македонски револуционерни народни песни „Јунак падна, бајракот не падна“, на проф. д-р. Марко Китевски, е убава посвета на сите познати и непознати херои од илинденскиот период. Тој е најпродуктивен македонски фолклорист, кој во својот работен век објави 70-ина книги како и околу 400 други прилози, објавени во периодиката во Македонија и во странство, кои имаат извршено влијание врз науката за фолклорот. Во предговорот на оваа антологија е истакнато дека песните што се поврзуваат со Илинден се создавани во период подолг од еден век, што зборува за односот на македонскиот народ кон Илинденското востание, еден клучен настан од нашата национална историjа. Овие песни го опеваат самото востание, подготовките за него, како и настаните што му следувале. Тоа значи дека опеваат период од дваесетина години, десетина години пред востанието и исто толку години потоа. Годините што му претходеле на востанието се карактеристични по тешкиот живот на македонскиот народ, репресалиите врз него, но се значаjни и по подготовките за востанието, нараснатата национална свест, свеста за потреба од организирана борба за ослободување. Колку песната им значела не само на востаниците туку и на обичниот народ може да се види по тоа што некои настани се опеани веднаш по крвавите борби. Во празничното интервју за весникот ВЕЧЕР со професорот разговараме за неговата најнова антологија за револуцинерните песни и за опеаните илинденци, за неговите истражувања во фолклористиката, но и за видувањата на моменталната општествено политичка ситуација во државава.
Елизабета АРСОСКА
Фото: Ѕ.ПЛАВЕВСКИ
-Професоре, во антологијата „Јунак падна, бајракот не падна“ испеана е пораката што ја испратил Александар Туртунџов од бесилка: „Ако ме мене обесат, нека се живи браќа ми, поарни ќе се од мене“. Дали ние, нивните потомци го заслуживме овој оптимизам?
Во друга песна се пее: „ќе настанат рожбите му,/ па ќе газат трагите му,/ па ќе носат бомбите му,/ па ќе носат пушката му,/ па ќе носат сабјата му…“ Итн. Иако оваа песна пее за, во крв задушеното Илинденско востание, иако опева многу жестоки битки со многу жртви, иако го опева загинувањето на најистакнатите херои од овој период, оваа песна не е песна на поразот и малодушноста, напротив, тоа е песна на оптимизмот и надежта. Е, сега, што се однесува до тоа дали ние го заслуживме овој оптимизам, можам да речам дека не само што не го заслуживме туку заслуживме да бидеме презрени и поругани, како што вели нашиот народ. Затоа што не ги почитуваме овие личности, не ги афирмираме нивните подвизи, нивното херојство, А тие момчиња, како што вели американскиот новинар и публицист Алберт Сониксен, умирале „не помалку драматично од првите маченици на христијанството“. Без нивната акција и без нивната саможртва, ние не ќе ја имавме денешнава држава и денешнава слобода. Ете, дојдовме до ова дереџе, некој да се мајтапи со патриотизмот, а ние тоа немо да го гледаме. Патриотизмот да се осудува, а предавството да се велича како патриотизам. Да доаѓаат од надвор разни натрапници, „лицем светци, срцем в’лци“ и кон нас да се однесуваат како кон идиоти. Да ни кажуваат што е подобро за нас како ние да сме малоумни. Еднаш да ни го вртат часовникот, друг пат да не советуваат да работиме на балкански начин, трет пат да не советуваат дека тоа што смрди треба да го голтнеме откако ќе ги затвориме очите и ќе си го затнеме носот. Но така е кога не се најде маж што ќе им каже дека најпрвин треба со личен пример да ни покажат како се прави тоа. Да замижат и да го голтнат тоа нешто што многу смрди.
–Што мислите, зошто се доведовме до оваа ситуација?
Затоа што дозволивме да нè раководат луѓе што одамна ги напуштиле основните човекови вредности – честа и достоинството. Луѓе што не си ја сакаат татковината. Затоа што дозволивме да ни го сменат името и да не натераат да се нарекуваме на прекар. А ете некои тоа со гордост го изговараат наместо да се срамат. Ми пречи кога некои лигуши ќе речат: што да правиме, тоа е реалност. Реалност било и отоманското ропство и окупацијата во Втората светска војна. Што ако луѓето го прифателе тоа како реалност?! Прославениот мариовски војвода Толе Паша на своите родители кои му зборувале: „Таков ви бил касметот: робје сте се родиле – робје ќе умрете, како ние и нашите дедовци“, им одговорил: „Робје сме се родиле, ама нема робје да умреме. Кој сака, море, нека умира роб, ама јас немам ниет роб да бидам до век“.
Затоа сите што се огрешиле кон татковината ќе бидат жестоко проколнати. Знаете, големиот Григор Прличев на едно место вели дека мајка е една, ама татковината е многу мајки. Татко е еден, а татковината се многу татковци. Знаеме колку е тешка родителската клетва, а колку ли е тешка клетвата на татковината! Клетвата стигнува до деветто колено. Тоа треба да го знаат сите, особено оние што се огрешиле кон татковината Македонија.
Затоа што дозволивме една комисија наречена историска, експертска или мултидисциплинарна да ни ја прекројува историјата и да ни ја крои иднината. Да ни пресудува што треба да пишува во нашите учебници во иднина. Што треба по децении да учат нашите внуци и правнуци.
-Јавно ја критикувате работата на Историската комисија, сметате ли дека други научници подобро ќе ја завршеа работата?
Се прашувам, кој им дал право на седуммина (колку ли се) сејачи на магла да му пресудуваат на цел еден народ. Која е таа дрскост од нивна страна. Дали се избрани од некоја научна институција, или од некоја мистична партиска структура во некое партиско дувло. А сè само за да потпишат нешто што им е напишано во некое министерство. Знаете, јас како научник би се срамел за своите истражувања да давам отчет пред некој премиер или пред некој министер. Научниот истражувач полага сметка само пред научната јавност. Пред никој друг. Во оваа колната Комисија, колку што ми е познато има само тројца историчари, а се донесуваат одлуки во врска со историјата. Тука нема експерт за античка Македонија, нема за средниот век, нема за Византија, можеби затоа така лесно и брзо ги продадоа античка Македонија, светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум, царот Самоил и целиот тој период. Меѓу членовите на таа Комисија нема истакнат истражувач. Нема автор со капитално дело, со дело што извршило влијание, или што оставило впечаток. Нашата историска наука има огромен број дела од сите приоди на нашето минато. Сето тоа овие натрапници го пуштија по Вардар, за да се прават големи научници. Нашиот народ вели „Кога стана поп, кога пушти брада“. Навистина претседателот на таа Комисија е академик, но тоа ништо не значи. И врапчињата по дрвјата околу МАНУ знаат дека единствен критериум за избор во оваа наша научна институција е лобирањето, а не научното дело. Нека ми простат неколкумина, кои тоа го имаат заслужено, но генерално така е. Како што објавија медиумите членовите на оваа Комисија се богато наградени, но тоа се арам пари, односно тоа се колнати пари. За таквите пари народот вели „Арам дојдено, арам појдено“.
-Кој лик од македонското револуционерно минато е најголемата инспирација на народниот пејач?
Ако зборуваме воопшто за македонското минато тоа е секако Кралот Марко. Тој е најопеаниот лик не само во македонската туку и во народната поезија на другите балкански народи. Но кога станува збор за револуционерниот, односно илинденскиот период, тоа секако е Гоце Делчев. Ако во одредени случаи и постојат дилеми по прашањето за интересот на народниот пејач кон некои личности, кога станува збор за Гоце Делчев и неговата застапеност во народните песни и во народните умотворби воопшто, тајни не постојат. Гоце Делчев е централната фигура во македонската револуционерна народна поезија зашто е и најпопуларната личност во македонското револуционерно движење во овој не само бурен туку и судбински период. Гоце е заштитник на народните маси, секогаш наоѓајќи се меѓу нив. Тој е идеолог и главен организатор на движењето и пламенен борец против секакви надворешни мешања, со јасна мисла што има и програмско значење дека „ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание.“ Инстиктивно претчувствувајќи го исходот од избрзаното востание Гоце неуморно ја крстосуваше Македонија, залагајќи се за негово одложување. И согоре во тој зафат.
Во време на засилен терор над народот, во време на подигнати слободарски стремежи меѓу народот, во време на активно дејствување на Внатрешната македонска револуционерна организација, народот бара јунак кој ќе може да ја изврши историската улога, да го откопа боздоганот и да ја измие сабјата на Марко Крале и да ги наплати многувековните долгови. А Гоце беше токму тој јунак што можеше да го направи тој историски подвиг, зашто само тој можеше да го даде ветувањето како што се пее во песните: „Јас ќе го запустам султанот, јас ќе го ослободам нашиот народ.“ И народот секогаш и безрезервно веруваше дека Гоце ќе го исполни ветувањето. Затоа народот го опеа во неколку стотини песни. Народната песна го опева целиот живот на Гоце, од раѓањето „Роди мајка машко чедо, па го крсти Ѓорѓи“, до загинувањето „Црна се чума зададе, там долу Македонија…“ Не е без значење, Гоце е една од ретките личности, ако не единствен, за кого песни се пееле уште додека бил жив.
-Според песните од Вашата антологија може да се заклучи дека Гоце бил, како што вели народот, човек со ѕвезда или харизматичен лик со модерен речник…
Гоце Делчев каде и да се појавел предизвикувал посебно внимание. Неговите зборови биле слушани и примани како од нов Крстител. Сведоштво за тоа е и пишувањето на еден негов современик за покрстувањето (зачленувањето) во Организацијата во едно село од егејскиот дел на Македонија. „Таа вечер во Гугово имавме селско собрание во црквата. Двата големи свеќници и кандилото пред распетието горат. Гоце застанал пред владичкиот трон. Ние сме се наредиле под него, свртени со лицето кон насобранио е народ. Загледани во таинствениот човек за кого слушале легенди, тие со напрегнато молчење чекаат тој да отвори уста. И со првиот збор „Браќа!“ којшто го изговараше со освојувачка, само нему својствена насмевка, само со тој збор тие се веќе заробени од неговата магија. Гласот на проповедникот удира во вековните ѕидови и се враќа право во срцата.“ Ете, затоа народот пеел за Гоцета, затоа уште пред историчарите да го вреднуваат неговото дело, народот веќе му подигнал велелепен споменик на својот син, а тоа е народната песна.
-Вашиот ракопис (Одбрани дела, том 3, Македонска борбена поезија; Јунак падна, бајракот не падна) е поддржан од Министерството за култура кое од прва одби да го вклучи во својата програма за финансирање проекти од национален интерес за 2023 година, кое беше образложението?
Да, најпрвин ракописот беше одбиен од Комисијата за издавачка дејност како што стои во образложението Комисијата до министерот за култура доставила Извештај со кој предложила „проектот да се одбие, односно да не се избере за проект од национален интерес од областа на културата за 2023 година од причини што проектот согласно извештајот доби помалку од 51 бод.“ А, замислете, бодовите ги дава самата Комисија! На ова Решение доставив Жалба која беше прифатена и проектот беше избран за „проект од национален интерес во културата за 2023 година“.
Како и да е јас сум задоволен и благодарен зашто овој обемен ракопис содржи мои петдецениски истражувања на македонската борбена народна поезија и една антологија на македонската револуционерна народна песна, која ги содржи најубавите илинденски македонски народни песни. Ќе бев многу несреќен ако овие значајни јубилеи 130 години ВМРО и 120 години од Илинденското востание и од загинувањето на Гоце Делчев не ги одбележев со еден ваков ракопис. Цели пет децении го истражувам македонскиот фолклор, а со тоа и револуцинерните песни, исто толку време ги одбирав најубавите песни за Гоце Делчев, Јане Сандански, Питу Гули, Апостол Петков, Јордан Пиперката и другите јунаци и сметам дека е и нормално и потребно да биде објавено едно вакво издание токму оваа година.
Во словото за свети Климента, Григор Прличев има кажано: „Неоти св. Климент има нужда од пофалби, неоти може некој достојно да го пофали, но должни сме да го пофалиме како што можеме и колку што допушта времето и местото. Добрината треба да ја слават и наведнатите старци и младенчињата што цицаат.“ Така е и со хероите на Илинден. Со својот подвиг тие ја победија смртта и станаа бесмртни. Ние, пак, сме должни да се сеќаваме на нив и да ги споменуваме по секој повод. А годинава имаме многу поводи.
-Културно-уметничките друштва го негуваат фолклорното наследство, но, сепак, повеќе од тоа е науката за фолклорот. Колку младите се заинтересирани за негово проучување и колку државата се грижи за македонскиот фолклор?
Во минатото, по војната, кога македонската литература не беше развиена во степен како сега, фолклорот ја пополнуваше таа празнина, во сите степени на образованието. Учебниците, буквари, читанки, лектири и друга литература беа преполни со народни умотворби: песни, приказни, пословици и сл. Денес колку што знам фолклорот скоро да е исфрлен од образованието. Штета, народните умотворби содржат не само образовни туку и воспитни аспекти. Тие треба да се афирмираат, да се искористат. Што се однесува, пак, до науката за фолклорот таа одамна е ставена на спореден колосек од државните институции. Во МАНУ од основањето до сега нема фолклорист. Ако тоа нешто значи. А не дека немало научници што тоа го заслужиле. Еве, да речеме професорот Кирил Пенушлиски.
Еве и нашиве мудреци што мудруваат околу нашиот идентитет, или тие што преговараат за него воопшто не го споменуваат фолклорот, а преку фолклорот најдобро се докажува нашата национална посебност, односно нашиот национален идентитет. Уште на времето Пеце Атанасовски велеше: „Ние нема што да го бараме нашиот идентитет, тој го имаме, тој е во нас, направете само споредба на звукот на македонската и на бугарската гајда, видете како е штимана македонската како грчката грнета, споредете ги српските со македонските ора, направете анализа на богатството на македонската носија со носиите на комшиските народи. Тоа е идентитетот и тоа е народна култура различна од тие што нè негираат.“
На националните институти долго време не им беа финансирани проекти со што беше оневозможено посериозно истражување. Знаете, помагањето на културно-уметничките друштва не е доволно да се рече дека државата се грижи за фолклорот. Науката за фолклорот е многу поважна. Ете зошто сосема мал е интересот на младите за истражувања на фолклорот. Научноистражувачката работа не е ефемерен процес. Тоа е еден вид маратон кој не може секој да го истрча. За тоа треба посветеност.
-Како гледате на општата состојба со науката и културата во државава? Како во денешнава општествено политичка ситуација звучат зборовите на великиот Блаже Конески „народ што создал такви прекрасни песни нема да заостане во разгрнувањето на својата уметничка литература, нема да заостане во изградбата на целокупната своја национална култура“?
Состојбата во науката и културата во државава ни е таква каква што ни е и државава. Дезориентирана, стихијна, без подолгорочни осмислени планови, во последно време без капитални дела. И, за жал, без надеж дека во догледно време нешто ќе се поправи на подобро.
Што се однесува до мислата на Блаже Конески, тој ова го напиша во предговорот на книгата „Збирка на македонски народни песни“, издание на Државното книгоиздателство на Македонија, Скопје 1945 година. Оваа книга спаѓа меѓу првите изданија по војната и токму се користеше во наставата. Инаку оваа пророчка мисла на Конески набргу се оствари. Кај нас се создаде богата литература (и поезија и проза) што беше респектирана во целиот свет. Но треба да се истакне и тоа дека таа литература израсна токму врз високите вредности на народната литература. Нашиот народен творец низ вековите создаде дела за восхит, дела што може да се мерат со најдобрите примероци од светската литература.
-Македонската реалност налага дека во 21 век сè уште се бориме за нашиот јазик, нација, етнос и идентитет. Го сменивме името, па ни го негираат јазикот и дијалектите, ни се топи идентитетот. Има ли надеж за македонизмот?
Жалосно е што и во 21 век мораме да докажуваме кои сме и што сме како што сме морале тоа да го правиме во минатите векови кога сме немале своја држава. Причината е во тоа што и денес има многу предавници од сортата на Коте од Руља, Митре Гинката, Петре Лигушот, Диме од Црнобуки и други. Пропагандите работат со полна пареа, а ние не можеме да се заштитиме. Знаете, уште големиот Филип Македонски има речено „на светот не постои тврдина со толку високи бедеми, која не може да биде прескокната од магаре натоварено со дисаги, полни со златни монети.“ Колку ли магариња со полни дисаги ја имаат прескокнато оваа и така несигурна македонска граница? Но и покрај се, надеж за македонизмот има. Македонија и Македонците опстојале и во многу потешки времиња. Македонија е света земја. Неа ја чува самиот Господ. Македонија и Македонците се запишани на впечатливо место во Светото писмо. Светиот апостол Павле бил повикан од Македонец (не човек од Македонија, како што некои сакаат да ги искривуваат работите) да го шири христијанството на овие простори. Македонија е вратата преку која христијанството стигнало до Европа. Овде тоа ги водело и ги добило првите битки со суеверието. Подоцна и светите браќа Кирил и Методиј во Европа покрстиле повеќе отколку самите господови апостоли. Затоа се прогласени за рамноапостолни. Затоа Европа треба да биде благодарна на Македонија. А Македонија од Европа секогаш доживувала страдања.