Целта на нападите од бугарската страна е  тотално лишување од историја, историски развиток и континуитет на македонскиот народ, со што ќе дојдеме во ситуација македонскиот народ да биде лишен од државотворен легитимитет, а тоа е увод во деструктивни процеси, не сакам ни да мислам на тоа, вели академик  Катица Ќулавкова во интервју за весникот ВЕЧЕР

 

Денес сме неми сведоци на претворање на демократијата во црн пазар и задоволување на партиски и картелски интереси, кога поедини претставници на политичката номенклатура, во дослух со одредени поддржувачи од академската сфера, го занемаруваат општоприфатениот уставен, научен, наш, македонски пристап во толкувањето на статусот и функцијата на македонскиот јазик, го делегитимираат официјалниот македонски наратив за јазикот, создаваат крупни проблеми и по однос на надворешната позиција на Македонија и по однос на внатрешната позиција на етничките Македонци и на македонскиот јазик, тврди во интервју за весникот ВЕЧЕР Катица Ќулавкова, академик, универзитетски професор, книжевен теоретичар, есеист, антологичар, поет и раскажувач која јасно и гласно зборува за досега невидениот парадокс што се случува со негирањето на постоењето на македонскиот јазик, но и за други актуелни прашања.

Во услови кога Бугарија ултимативно, арогантно и безобѕирно го негира постоењето на македонскиот јазик, во земјава се создава психоза на притиснати до ѕид. Бугарската академија на науките мавта со книжуле кое неодамна го издаде, верува дека ќе ја убеди светската јавност дека сега и јазикот не е наш, македонски. Како да се одбраниме од нападите?

Најдобра одбрана на македонскиот јазик е: прво, живата македонска реч, виталноста на македонските народни говори или дијалекти, широката употреба на стандардниот македонски книжевен јазик меѓу Македонците, каде и да живеат во регионот и во светот, како и меѓу севкупното население на Македонија кое го прифатило македонскиот јазик како државен јазик на Р Македонија и како наследен јазик на разбирање. Второ, науката за јазикот, историјата на македонскиот јазик, дијалектологијата, стилистиката, граматиката, компаративното проучување на македонскиот јазик во време и простор, славистиката, палеославистиката и трето, македонската книжевност и добрите преводи од македонски на други јазици, па и од други јазици на македонски; четврто, солидното образование на сите степени на образованието и соодветно инвестирање во кадри на матичната катедра за македонски јазик и книжевност во Македонија и на лекторатите во светот; поставување на македонскиот јазик и научното проучување на македонскиот јазик како дејност од посебен национален и стратешки интерес на Македонија; промоција на македонскиот јазик и неговата современост и историја на интернет; дигитализација на книги на и за македонскиот јазик; негување на книжевниот македонски јазик на сите масовни медиуми, портали и мрежи, филмот, музиката, театарот.

И сега, кога ги имаме овие напади кои се проблематични од научна гледна точка, од политичка гледна точка, од дипломатска гледна точка, како тајминг и како ултимативно условување од страна на еден сосед, чијшто интерес би било да се признае и да се афирмира македонскиот јазик и култура, а со нив и особеностите на македонскиот народ, повторно наша најголема одбрана е научната претстава за македонскиот јазик, неговото потекло, неговиот историски развиток и неговиот современ систем. Проблемот се јавува што поедини претставници на политичката номенклатура, во дослух со одредени поддржувачи од академската сфера, го занемаруваат општоприфатениот уставен, научен и, конечно, наш, легитимен, македонски пристап во толкувањето на статусот и функцијата на македонскиот јазик, и со тоа го делегитимираат официјалниот македонски наратив за јазикот. Тие создаваат крупни проблеми и по однос на надворешната позиција на Македонија и по однос на внатрешната позиција на етничките Македонци и на македонскиот јазик. Тие ја игнорираат севкупната научна мисла за македонскиот јазик како јазик со долга традиција, чиишто почетоци се наоѓаат во старословенскиот јазик, во неговите темели, јазик кој е кодифициран 863/4 година а кој бил жива народна говорна практика, жива реч неколку века порано.

Ако Кирил и Методиј го зеле за основа на црковнословенскиот јазик јазикот на Македонските Словени од Солунско како општословенска јазична матрица од којашто произлегле сите словенски јазици на територија која покрива повеќе од половина од европската територија, тоа значи дека тој јазик уште во 9 век бил доволно богат за да можат да ја устројат глаголицата не само како азбука за административна и образовна употреба туку и како сакрална азбука со длабока христијанска и универзална симболика. Тоа духовно јазично наследство им припаѓа на сите словенски народи, па не може да не им припаѓа на Македонците на коишто таа говорна матрица им била мајчин јазик. Впрочем, се смета дека солунското јужномакедонско наречје на Македонските Словени бил мајчин јазик и на светите браќа Кирил и Методиј, јазик на нивната мајка Марија, родум (славјано) Македонка. Го користам изворниот термин од 9 век за Словените/Славјаните од Македонија, од Јужна Македонија или т.н. Македонски Словени, назив потврден во славистиката и историографијата. Се соочуваме, значи, со невиден парадокс: сите словенски народи, па и несловенски, да имаат право да ја поврзуваат генезата на своите матични национални јазици со (генезата и кодот) на старо-црковно-словенскиот јазик, само македонскиот народ да нема такво право.

Бугарската страна тврди дека македонскиот јазик е создаден од уредба.

Нема јазик кој е створен механички со одлука на нечија државна институција. Не можете да кодифицирате јазичен систем кој нема своја жива народна реч, свои говори, свои функционални стилови, своја јазична меморија, свој поглед на свет. Таков квазинаучен и недипломатски политички став на бугарските државни институции и на БАН е израз на еден еклатантен јазичен експанзионизам, втемелен врз начелото на ексклузивниот пристап кон културното наследство, а јазикот е без двоумење една од најважните одлики на културното наследство (и духовно, и материјално). Културното, а особено духовното наследство, не познава државни граници и во таа смисла може да се посматра како „споделено добро“.

Бугарите имаат право да се повикуваат на општословенскиот јазик кодифициран од Кирил и Методиј во една империјална и христијанска византиска мисија, ние тоа не им го порекнуваме. Имаат право, но треба да се знае дека славјано-бугарското јазично искуство се поврзува со Македонските Словени, затоа што протобугарското население го прима словенскиот јазик дури во контакт со словенското население при нивната христијанизација (покрстување) по 865 година (во времето на кнезот Борис и подоцна на неговиот син – кнезот, па царот Симеон), значи откако Кирил и Методиј ја устроиле глаголицата. Впрочем, глаголицата како писмо создадено од Кирил и Методиј не е приопштено од бугарското кнежевство и царство, па тие многу брзо, веќе 893 година, кога се одржува Преславскиот црковно-народен собор, одлучиле да ја воведат во употреба кириличната азбука која била адаптација на грчкиот алфабет.

И денес, која иронија, Бугарија го претставува бугарскиот јазик како стожер на Кирило-Методиевата глаголичка азбучна, преводна и книжевна традиција, а Македонците, кои ја задржале во употреба глаголицата во редовна употреба во Охридскиот и другите книжевни центри до 12 век, а почесно и свештено и многу подоцна, треба да прифатат теза дека македонскиот јазик е западна норма на бугарскиот јазик, значи дека произлегува од бугарскиот, а не од општословенскиот, и не од сопствениот јазичен и духовен дом.

 

Кои се нашите црвени линии кога е во прашање македонскиот јазик?

Македонскиот народ е трауматизиран од фактот дека сите црвени линии, зацртани во Уставот на Р Македонија од 1991, па и во 1945 година, се прекршени, повредени, ревидирани, обесчестени. Како да зборувам за црвени линии јас како писател, на пример, или како академик од 2003, време кога заправо сум повеќе сведок на нивното бришење одошто почитување. Кога и да сме реагирале, поединечно и како институција, никогаш нашето мислење не било уважено. Многу ставови сум искажала во моите есеи, анализи, студии и книги, ама тоа не стига до свеста на оние кои одлучуваат.

Почнувајќи од 2001 и промената на Уставот под воен и надворешен притисок, преку промената на топонимите со превод од изворниот и вековен македонски јазик на албански (а, да не заборавиме!) топонимите се доказен материјал, сведоштва на меморијата на територијата и на културата и јазикот на населението кое живеело на таа територија!), преку територијалната реорганизација, несоодветниот закон за средно образование, законот за јазикот од 2008 и подоцна од 2018, преку преструктурирањето на македонската држава во мултиетничка со што се наруши нејзината унитарност, а постепено и нејзината сувереност, преку Преспанскиот договор и маргинализацијата на македонската култура и наука, немаше резултат.

Македонија треба да биде демократска а не етнократска држава која ги поткопува демократските начела по сите основи. Денес сме неми сведоци на злоупотребата и претворањето на демократијата во црн пазар и задоволување на партиски и артелски интереси. Како да зборуваме за црвени цивилизациски и национални линии во таков општествен и политички амбиент?

Познавачите на актуелните состојби сметаат дека нападот врз македонскиот јазикот е тактичка игра на бугарската страна за уште поголем притисок врз комисијата за „пеглање” на историски прашања и личности, особено по цврстиот став на македонската комисија за македонскиот револуционер Гоце Делчев. Можно ли е да ни се случи: ви го даваме јазикот, ви го земеме Гоце Делчев?

– Целта е „тотално лишување од историја, историски развиток и континуитет на македонскиот народ, со што ќе дојдеме во ситуација македонскиот народ да биде лишен од државотворен легитимитет, а тоа е увод во деструктивни процеси, не сакам ни да мислам на тоа. Значи, Бугарија нема да поштеди ни еден сегмент од македонскиот идентитет, посакува сè, ама на еден хипокритичен начин: тие ја признаваат современоста и фактот дека денес и тука има некои луѓе таму, граѓани на Северна Македонија кои се чувствуваат за Македонци, ама де факто тие луѓе таму се Бугари по потекло, како и нивниот јазик, култура, традиција, историја, етнографија, дијалекти, малцинства, сè е бугарско. Македонскиот и бугарскиот народ имаат специфични традиции кои во одредени историски периоди биле во контакт, ама по многу нешта се разликуваат доволно за да секој од нив си има своја историја јазик и култура. Ни, Македонците историјата на Бугарија до крајот на 9 век не ја ни познаваме ни чувствуваме за своја. Тие пак нити ја знаат нити сакаат да ја знаат македонската историја што не можат да ја фалсификуваат и да ја присвојат (Пулевски, Чуповски, на пр.). Целата бугарска негаторска и присвојувачка теза, во таа смисла и интерпретација на македонската историја, всушност е заснована врз искази на македонски и преродбеници од 19 век, кои, борејќи се против елинизацијата и грчкиот експанзионизам, се надевале дека братскиот бугарски народ ќе им помогне. Притоа не бирале средства и методи, главно преку просветни и црковни инсталации остварувале систематска денационализаторска пропаганда, вршеле притисоци и го злоупотребиле широкиот поим „бугари“ за денес да ни подметнуваат докази дека не сме Македонци. Беда на интелигенцијата. Читајте го на пример Крсте Мисирков, или Димитрија Чуповски и документите на неговото друштво во Петроград, или, на пр. колумните на Димитар Талев, јасно се кажува дека македонскиот народ безусловно сака автономна македонска држава и дека под бугари најчесто подразбираат надетничка категорија на население кое говори сродни словенски јазици, сродни, но не и исти народи, а некогаш е тоа назив и за „раја“ за христијанските маси во рамки на Отоманската Империја.

Се добива впечаток дека земјава да стане членка во големите меѓународни политички и економски асоцијации како најмногу да  одредуваат прашања од културата и историјата кои другата страна сака да ги  решава со „некултурни методи”. Парадокс или?

– Националниот идентитет, кој не постои независно од културниот, не се решава на преговарачка маса, со ултиматум и со комисиски договор зад којшто стојат вулгарно-прагматични и геостратешки интереси. Денес и нема што да се решава, македонскиот јазик е признат и ценет во светот, не само како современ жив јазик туку и како систем на дијалекти, како историја, како книжевност, како државен и национален јазик. Историјата треба да се проучува без табуа и забрани, слободно, нема зошто сега некој да парафира чија сопственост е македонската или бугарската историја. Слободата на мислење и на толкување на фактите е загарантирана ако се почитува здравиот разум и цивилизациските придобивки. Не може да биде европска вредност негирање на историјата на македонскиот народ, култура и јазик. Таков систем на вредности ни признавам, ни прифаќам. Тоа не е ни варварски систем на вредности тоа е културна агресија над македонскиот идентитет и тука нема преговори. Кога ќе бидат сите субјекти рамноправни и суверени, тогаш можеме заедно да истражуваме или да соработуваме и да живееме слободно и цивилизирано.

МАНУ како највисоко научно-образовна институција во земјата, некако каска кога е во прашање јавно изнесен став со големи национални прашања. Дали тоа е претпазливост, бавност поради структурата на членството или дистанцирање?

– Проблемот беше што извесен период во МАНУ некои колеги – академици не беа сензибилизирани за националните, културни, историски и јазични прашања на Македонците како прашања од посебен и стратешки интерес. Повеќе доминираше толеранцијата на владејачките развојни политики и политичката коректност. Но, во принцип, МАНУ секогаш имала такви научни и уметнички проекти, дела и резултати кои се референтни за науката и за македонската држава. Во најново време раководството внесува и нов метод на работа врз актуелност комбинирана со стратешките цели, вклучително и на прво место, националните интереси сфатени и во нивната надетничка/трансетничка, граѓанска, но и во нивната етничка, македонска димензија.

Лилјана Грџо Дамовска