ИНСПЕКЦИЈАТА ГИ ПОТВРДИ НЕРЕГУЛАРНОСТИТЕ НА АЛИПАШИНАТА ЏАМИЈА: Изградбата на минарето запрена, инвеститорот казнет

252

Продолжувањето на изградбата на 32 метри високото минаре на Алипашината џамија во центарот на Охрид, кое изминатите две години предизвикува бурна реакција меѓу жителите на градот кои за денес најавија и мирни протести, е запрена од страна на инспекцијата на Управата за заштита на културно наследство. Како што ни посочија од оваа институција, инспекцијата која во петокот излегла на терен утврдила неправилности и отстапувања од конзерваторското одобрение поради што инвеститорот е и парично санкциониран.

“Проблемот е во тоа што инвеститорот не се придржува до конзерваторското одобрение и за џамијата и за минарето. По спроведениот надзор донесено е решение за запирање на работите. Иако инвеститорот тврди дека има анекс на конзерваторското одобрение, тоа не е доставено до нас и колку што знаеме, е предмет на Основното јавно обвинителство (ОЈО). Изградбата е стопирана и има парична санкција, што исто така беше направено и минатата година. Нашите ингеренции се до тука, а понатаму ингеренциите треба да ги преземе градежната инспекција”, вели Звонимир Николовски, раководител на секторот за превенција и инспекциски надзор на културното наследство, при УЗКН. Како што посочува Николовски, крајната цел е запирање на градежните активности со оглед дека, како што вели, неправилности има и во ентериерот на самата џамија.

“Се работи за објект од крајот на 15 и почетокот на 16 век и треба да се направи стручна експертиза од страна на професори, архитекти и градежници и да се утврди дали треба да се гради минаре со височина од 32 метри. Со Заводот и Музеј во Охрид, пак, инвеститорот требаше да се консултира за измените кои се направени во внатрешноста на џамијата, а кои не одговараат на издаденото одобрение”, додава Николовски.

Инаку, од Здружението “Совест” од Охрид кое повика на мирни протести против изградбата на минаре, велат дека се работи за итрина на инвеститорот кој не го почитува решението за запирање на градежните активности од март минатата година донесено од Управата.

“На објектот има заштитна мрежа од која не може да се види што се прави, но очигледно нешто се прави и има активности и покрај тоа што има решение за запирање на градежните работи”, велат од ЗГ “Совест”. Како што велат, тие со допис го информирале и Министерството за транспорт и врски, но и УНЕСКО од каде добиле одговор дека случајот ќе биде разгледан на 43. сесија на светската организација оваа година.

Како што е познато, конзерваторското решение за ревитализација на Алипашината џамија во Охридската чаршија издадено во 2016-та, според ЗГ „Совест“ не е веќе во важност, предвидуваше изградба на минаре високо 32 метри. Проектот го финансира турската вакуфска заедница.