Индијци ни ги молзат кравите, Турци ни градат згради, Албанци ни ги берат јаболката

Албанците веќе одамна се присутни во земјоделскиот сектор и со години наназад доаѓаат на берба на јаболка во Ресен, слична е ситуацијата и со турските работници кои најчесто се присутни во градежниот сектор, а од неодамна почна да доаѓаат и работници од Индија, кои работат во земјоделскиот сектор. Бизнисот се приспособува на ситуацијата со недостиг на работници и бара начини како да ја пополни „дупката“ од недостиг на работна сила

946

Додека Македонците масовно се селат и одат на работа во странство каде што најчесто работат во градежништвото или во други области, кои барат физичка работа, за тие работи во нашата држава постои недостиг, а „дупката“ се пополнува со работници од странски земји. Албанците веќе одамна се присутни во земјоделскиот сектор и со години наназад доаѓаат на берба на јаболка во Ресен, каде што имаат платено сместување, храна и дневница. Слична е ситуацијата и со турските работници кои најчесто се присутни во градежниот сектор, а од неодамна почна да доаѓаат и работници од Индија кои работат во земјоделскиот сектор.

Индијците веќе работат во повеќе фарми низ државата, а тука имаат обезбедено сместување, храна, плата, здравствени прегледи, визи… И сточарите, кои, исто така, се борат со недостиг на работна сила во сточарството, го поздравија овој чекор на Владата за увоз на работна сила.

– Голем дел од сточарите имаат проблем со наоѓање овчари, мандраџии и работници за преработка на млеко и производство на сирење. Апелираме до државата ако сака да се задржи сточарството да овозможи увоз на работна сила од Индија. Индијците се вредни луѓе и би сакале да работат како овчари. Ние ќе ги обучиме и ќе им дадеме храна, плата, сместување… Порано ангажиравме овчари од Албанија, но тие не се сигурни бидејќи често знаат да си отидат од државата и да не се вратат, изјави за весникот ВЕЧЕР, Митко Јанков, претседател на здружение на овчари „Агроцентар“.

На ова неодамна укажа и Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија кој рече дека во млечната индустрија има дојдено работна сила  од Индија, а во градежништвото веќе одамна има работници од Турција и далечниот Исток.

-Сите големи странски градежни компании кои градат во Македонија најголем дел од работниците го обезбедуваат од надвор. Јас мислам дека исто ќе се случи и со сега најавуваните градби на автопатиштата. Затоа што е факт дека Македонија нема работна сила. Ние имаме фиктивен број на невработени што, во суштина, не сакаат да работат, особено не во овие гранки, како што е земјоделството, градежништвото, текстилот итн., изјави Димитров.

Со сличен став е и претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија, Миле Бошков, кој за весникот ВЕЧЕР вели дека ние во сезона губиме 15.000 работници кои се приспособуваат во сезонските работи градежништво, земјоделие, туризам…

-Потребно е да се отвори државата за увоз на работна сила однадвор, не само потребите на работодавачите туку и за развој на многу други сектори. За таа цел треба да се зголемат квотите за увоз на странски работници, бидејќи работниците кои се пријавува во Агенција за вработување не одговараат на потребите на пазарот, а голем дел од нив или се надвор од државата или работат на црно, изјави Бошков.

На ова неодамна укажа и бизнис секторот кој побара либерализација на пазарот на трудот и зголемување на квотата на странски работници од 5.000 на 10.000 или 15.000 работници годишно.

Годишно на бизнисот му недостигаат околу 10.000 работници, од кои најмногу во туризмот и градежништвото. Податоците покажуваат дека до крајот на март годинава над 3.000 странски граѓани добиле дозвола да работат во Македонија, а меѓу нив има и работници од Непал и Пакистан.

(А.С.)