Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола и група инженери во отворено писмо до премиерот Димитар Ковачевски образложуваат зошто проектот „ХЕ Чебрен“ не треба да го градат странци, туку во него треба да инвестира македонската држава. Тие наведуваат пет главни причини зошто сметаат така и план како да се спроведе тоа.

Сметаат дека во Македонија, која треба до 2030 година да ги затвори термоелектраните на јаглен со вкупен капацитет од преку 800 МW со цел да ja заврши зелената транзиција кон обновливи извори на енергија (ОИЕ), тогаш најголемо учество во идното генерирање електрична енергија ќе имаат фотонапонските електрични централи (ФЕЦ), следени од хидроелектраните и ветерните централи.

– Со цел да се заштити населението од високите и волатилни цени на енергијата на отворениот пазар, каде што би се набавувала и енергијата од домашните приватни електрани, градењето на државни ФЕЦ, хидро и ветерни електрани претставува императив. Цената на електричната енергија од државните електрани би можела и понатаму да остане регулирана и релативно постојана, изведена од инвестициските и други трошоци, цената на капиталот и периодот на експлоатација. Со почетно учество од 15 до 20%, државата би градела ОИЕ на кредит, при што отплатата би се вршела од приходите од произведената енергија. Со текот на времето би се вратило и почетното учество од државата – објаснува професорот.

Тие сметаат дека енергијата од ФЕЦ и останатите ОИЕ е временски непредвидлива.

– Познато е дека при наоблачување или по стемнување ,аутпутот (излезната моќност) на овие електрани нагло се намалува, па и сосема исчезнува, поради што е потребно складирање на енергијата произведена прекуден. Освен тоа, наглите варијации на аутпутот предизвикуваат неврамнотеженост (дебаланс) помеѓу производството и потрошувачката на електрична енергија во системот, за што е потребно негово врамнотежување (балансирање) – вели Трајковски.

Токму складирањето и балансирањето, според него, претставуваат главни предности на реверзибилните, односно пумпно-акумулациските хидроелектрани, каква што треба да биде предложената ПАХЕ „Чебрен“ и треба да има централно место во идниот електроенергетски систем на земјата, базиран на ОИЕ.

– Доколку државата инвестира во неа, би имале стабилно и предвидливо генерирање, складирање и балансирање – со еден збор, независен домашен електроенергетски систем, независен од неизвесноста на пазарот и интересите во партнерството, каде што грчката компанија би била доминантен партнер, а од нашата страна не би зависело ништо. Сè досега, додека имавме значително производство од домашните термоелектрани на јаглен, складирањето и балансирањето не претставувале важни фактори, поради што и немало голема потреба од изградба на реверзибилна хидроелектрана. Но, светот се менува, се појавува потреба за систем базиран на ОИЕ, така што без ПАХЕ „Чебрен“, новиот систем едноставно не би можел да функционира како единствена целина. Ова би бил првиот и најважен аргумент, несфатен од многумина, зошто досега не се градел ваков вид електрани, а зошто во иднина нема да можеме без нив – нагласува професорот.

Што се однесува до самата физичка изградба, македонската градежна оператива веќе докажала во минатото дека е способна за изградба на хидроцентрали, а државата може да формира и јавно претпријатие за изградба на новата електрана, иако останува можноста за ангажирање странски изведувач, независно од домашното инвестирање.

– Една од причините зошто проектот досега не бил економски физибилен, била ниската цена на електричната енергија, со која биле вршени финансиските анализи. Но, во последните 5 години, цената на електричната енергија пораснала од околу 40 евра/МWh на преку 100 евра/МWh. Всушност, цената по која ПАХЕ „Чебрен“ ќе ја продава својата енергија од протокот на Црна Река ќе биде уште повисока, бидејќи како и кај сите хидроелектрани – благодарение на акумулацијата на водата – ќе може да се продава по врвна цена, која во текот на годината изнесува просечно околу 150 евра/МWh – потенцира Трајковски.

Според тоа, тој констатира дека сите пресметки на профитабилноста многу се менуваат, па поранешните студии, иако изработени од реномирани странски консултантски компании, веќе се застарени и невалидни.

– Освен приходите од генерираната енергија од протокот на реката, многу поголеми ќе бидат приходите од складирање, а особено од балансирање, особено ако ПАХЕ „Чебрен“ го прави тоа за отворениот пазар. Цената на складирањето со реверзибилни електрани е моментално двојно пониска од цената на складирање со литиум-јонски батерии, без проблемите што ги носи рециклирањето на старите батерии. Бидејќи ПАХЕ „Чебрен“ би била исплатлива (иако минимално) само од производството на енергија од реката, трошоците за складирање изведени од инвестицијата се блиску до нула, така што при цена на складирање од 50 евра/МWh, колку што изнесуваат само трошоците кај батериите, реверзибилната електрана би остварувала значителен профит, за што имаме соодветни пресметки – вели професорот Трајковски.

Сосема накратко, тој прави пресметка за исплатливоста на проектот и нагласува дека доколку домашната ПАХЕ „Чебрен“ продава на отворен пазар, нето сегашната вредност на проектот за 60 години експлоатација би изнесувала 2,5 милијарди денешни евра, при индекс на профитабилност од 20,1 во однос на почетното учество во проектот од 20% од инвестициските трошоци, а модифицираната внатрешна стапка на принос би изнесувала 4,97%.

– Наспроти случајот на самостојна изградба, во случај на партнерство заложувањето на ХЕ „Тиквеш“ на 60 години само на грчката страна би ѝ носела 2/3 од 1 093 милиони денешни евра, но на нашата држава тоа би ѝ носело исто толкава директна загуба поради нереализирана добивка. На тој начин, смета Трајковски, нето сегашната вредност за сите 60 години, нето од приходите на ХЕ „Тиквеш“, би изнесувала одвај 251 милион денешни евра, односно точно 10 пати помалку од случајот на сопствено инвестирање.

– Освен тоа, со заложувањето на ХЕ „Тиквеш“, ние би губеле (според податоците на ЕСМ) до 150 GWh/годишно, а би добиле само 130 GWh/годишно (50 од ХЕ „Тиквеш“ и 80 од ПАХЕ „Чебрен“, односно 1/3 од нејзиното производство од протокот). Би добиле и околу 250 GWh/годишно складирање, но тоа не е примарна енергија, односно не би ја добиле доколку прво не ја произведеме неа со ФЕЦ или други ОИЕ. Со еден збор, партнерството ќе ѝ донесе на грчката компанија огромни добивки веднаш по отплатата околу 17-тата година од проектот, додека ние би биле во загуба цели 40 години поради загубите од нереализираната добивка од ХЕ „Тиквеш“. Грците би профитирале уште многу години по 17-тата година, а ние би профитирале минимално и тоа само по 40-тата година од партнерството. Накратко кажано, заложувањето на ХЕ „Тиквеш“ е причината за нашата непрофитабилност и мора да се избегне по секаква цена – констатира професорот.

Според неговите пресметки, доколку нашето учество во изградбата треба да го платиме со енергијата од ХЕ „Тиквеш“, тогаш по отплатата околу 17-тата година, ние би биле рамноправни партнери и би требало да си ја вратиме ХЕ „Тиквеш“ назад.

– Недопустливо е Грците незаслужено да профитираат од неа уште 50 години, а ние да трупаме загуби. Да не зборуваме за нашето учество со изградбата на пристапен пат, трафостаница и експропријација, што дополнително ќе го забрза нашето израмнување во партнерството. Најлошото е што наместо да ги имаме сите 750 GWh/годишно за складирање, би имале само 250, а со примарната енергија од протокот би биле во минус, и тоа 20 GWh/годишно. Тоа дури ни одмогнува во зелената транзиција, односно само попусто би ја изгубиле Црна Река – вели тој.

Трајковски нагласува дека грчкиот партнер ќе има право да инсталира и турбоагрегати за производство на електрична енергија од акумулацијата „Орлов Камен“, што ќе им донесе 2/3 од околу 75 GWh/годишно, колку што ќе изнесува производството од оваа хидроцентрала (половина од годишното производство на ХЕ „Тиквеш“).

– За 60 години, тоа би им донело уште нови 300 милиони денешни евра. Зошто тој приход да не го искористи државниот ЕСМ, со минимално дополнително вложување за агрегат од само 12-20 МW? – прашува професорот Трајковски.

Тој потенцира дека може да се изнесат слични анализи и за градежните, економските, водостопанските, метеоролошките, климатолошките, земјоделските, одбранбено-воените и археолошките аспекти.

– Од сите аспекти, партнерството е неповолно за државните интереси, поради што би сакале уште еднаш да Ве замолиме, со својот авторитет и функција на прв меѓу еднаквите во Владата, да не дозволите склучување на предложеното партнерство со грчката компанија за ПАХЕ „Чебрен“ – вели Трајковски и ја повикува Владата порешително да инвестира во изградба на две реверзибилни хидролектрани со капацитет за складирање од најмалку 1.400 GWh/годишно, односно два пати колку ПАХЕ „Чебрен“.

Според Трајковски, доколку Македонија ја заложи ХЕ „Тиквеш“ како сопствено учество во партнерството, таа не би смеела да остане ни еден ден подолго откако ќе биде отплатен кредитот и почетното учество на Грците, односно откако парично ќе се порамниме во сооднос 33%:67%.

– Од тој ден понатаму, партнерството исклучиво би требало да профитира од самата ПАХЕ „Чебрен“, а никако и од ХЕ „Тиквеш“. Според моите пресметки, тој момент би настапил помеѓу 17. и 20. година од нултата година на проектот – вели тој.

Професорот вели дека ни грчката компанија нема да вложи една милијарда евра (во износот се вклучени околу 430 милиони евра камати), туку само 15-20 проценти учество за кредитот од околу 570 милиони евра, т.е. само 110 милиони евра. Отплатата би се вршела од приходите од ПАХЕ „Чебрен“, но и од ХЕ „Тиквеш“.

– Не смееме да им овозможиме на Грците незаслужено да профитираат од ХЕ „Тиквеш“ уште 50 години, а ние уште 50 години да трупаме загуби поради нереализирана добивка. Овозможувањето на противправна корист на други лица претставува и кривично дело според Кривичниот законик (чл. 247, 287 и 354). Казниво е и лажното прикажување и прикривање факти, нешто што во моментот се прави. Нé убедуваат дека не сме губеле ништо со заложувањето, иако пресметките кажуваат поинаку. Впрочем, без никакви пресметки, јасно е дека кредитот и инвестицијата ќе бидат отплатени долго време пред истекот на рокот на партнерството од 60 години, бидејќи во спротивно, Грците не би инвестирале – смета Трајковски.

Тој оценува дека казнив е дури и самиот обид за ова кривично дело, што веќе е направен.

– Доколку потпишат ваков штетен договор, особено со заложување на ХЕ „Тиквеш“, идната власт со полно право веднаш ќе може да ги обвини сторителите и да ги осуди на затворска казна до 10 години. Нека размислат добро дали им се исплати тоа. За еден месец, тие нема да бидат власт и нивната сила ќе исчезне – дециден е тој.

Министерката за животна средина Каја Шукова во петокот, по завршување на состанокот со претставници на грчката компанија „Архиродон“, изјави дека им е продолжен рокот за изградба на ХЕ „Чебрен“ и најави дека до крајот на годинава ќе има конкретни информации дали ќе продолжи постапката за изградба на „Чебрен“ или не.

Жалбената постапка е запрена и повторно ги разгледувавме жалбените наоди и нивната оправданост. Тоа не значи дека постапката за Чебрен престанува, односно значи дека продолжува – рече Шукова.

Таа нагласи дека избраната компанија со одлуката за избор од 14 септември годинава ќе биде информирана дека треба да пристапи кон исполнување на обврските од веќе донесената одлука.

– Се жалеа на содржината на одлуката, бидејќи согласно Законот за води, прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија.  Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму – појасни Шукова.

Меѓутоа, како што кажа, во случајов Законот за води е „lex specialis“ во однос на Законот за јавни набавки и Законот за концесии.

– Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција е до крајот на годината и ако ја продолжат ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот – истакна Шукова и додаде дека до крајот на годината ќе има информации во која насока ќе оди постапката.

(С.Бл.)