Исланѓаните имаат одлични ракометари, повеќето играат во Бундеслигата, а стилот на игра што го форсираат е класичен – скандинавски. Исклучително цврста одбрана, одлични дефанзивци и брзи контри преку крилните играчи. Исландската ракометна репрезентација има искусни ракометари, а една од главните ѕвезди е голманот Бјоргвин Пал Густафсон (38). Необична личност, многу популарна во својата земја, која нема ни 400.000 жители.
Имено, пред почетокот на Европското првенство во Германија, медиумите од Исланд објавија дека Бјоргвин Пал Густафсон планира да се кандидира за претседател на државата. Изборите се во јуни, а Густавсон веќе одржа неколку политички конференции на кои ја презентираше програмата. Голманот на репрезентацијата ги исполнува сите услови за поднесување кандидатура, има над 35 години и е државјанин на својата земја. Но, кога директно го прашаа дали ќе поднесе кандидатура за претседател на Исланд, голманот на тимот Валур од Рејкјавик дипломатски одговори:
– Има уште време! Немам донесено никаква одлука.
Бјоргвин порасна во градот Копавогур, во големо семејство. Тој има двајца браќа, Акел Биргир и Маргеир Феликс, како и две сестри Берглинд Сиф и Хелга Линд. Тој е особено приврзан за неговата сестра Берглинд, која го инспирирала да се занимава со спортска кариера. Поради неа тој почна да тренира ракомет на девет години.
По печалбата во Данска и Германија, тој се вратил на Исланд во 2020 година со сопругата и нивните три деца поради ковид. Тој изгради своја сала за да може да се одржува во форма.
– Исланд е земја на вулкани, а јас гол вулкан! Емоциите се суштински во спортот, тие нè водат сите во Исланд.
Со репрезентацијата на Исланд, овој 193 сантиметри висок голман, освои два медали на големите натпреварувања. На Олимписките игри во Пекинг 2008 година сребро и на ЕП 2010 бронза. На ОИ во Кина, Исланд во финалето беше поразен од Франција со 23:28, а Бјоргвин Пал Густавсон беше најдобар голман на турнирот со 75 одбрани.
– Тоа беше мојот прв турнир. Да се започне со сребрен медал на Олимписките игри е прилично добар почеток за 23-годишен дечко – рече Бјоргвин и додаде:
– Ние Исланѓаните не живееме со тоа што сме најдобри ракометари, но нашата работна етика е над нормалната. Се држиме заедно, работиме напорно. И ние сме секогаш оптимисти. Не се работи само за талент, туку за емоции, работна етика и тоа никогаш нема да го изгубиме.
Пред три години, Бјоргвин објави книга за неговата борба со менталните здравствени проблеми во последните неколку години. Го проучувал влијанието на дишењето.
– Оваа книга зборува за моето тешко минато и за тоа како се борев. Сега сум на подобро место отколку што некогаш сум бил. Кога бев во ментална установа решив дека сакам да бидам славен затоа што ако станам познат луѓето ќе ме слушаат. И јас го постигнав тоа – изјави Густавсон.
Минатата година објави уште една книга наречена „Детето што стана претседател“. Ова алудира на неговата политичка кариера.
– Тоа е резиме на мојата автобиографија, но повеќе за деца. Тоа е прилично тешка приказна за шестгодишно дете кое го гризе својот учител, осумгодишно дете кое е извадено од училиште и сместено во психијатриска установа во детска болница и дванаесетгодишно дете на кое му е кажано дека е тешко да се сака. Тоа е тешка приказна, бидејќи имав тешко детство. Бев многу лут и ракометот и луѓето околу мене ме променија на подобро – изјави Бјоргвин Пал Густавсон.
Голманот сè уште не размислува за пензија, но размислува за тоа од семејни причини.
– Сакам да бидам совршен татко! Сè уште сум млад голман, имам уште неколку години пред мене. Мислам дека сепак можам да станам подобар голман и подобар човек секој ден – заврши Исланѓанецот.