Во галеријата на македонскиот Културно –информативен центар во Софија е отворена изложбата „Панта реи“ на македонскиот уметник и скулптор Марјан Стојаноски.
Ова е прва самостојна изложба на Стојаноски во Софија, која е составена од ротирачки скулптури изработени со метални и дрвени елементи. Делата се создавани од Стојаноски во изминатите две години, а годинава беа претставени и во Скопје.
Изложбата ја отвори директорот на македонскиот КИЦ во Софија, Сашко Насев, кој изјави дека скулптурите ја отсликуваат визијата на авторот за светот и неговиот одраз. Стојаноски, пак, рече дека името на неговата изложба „Панта Реј“ доаѓа да покаже дека треба да бидеме поблиску до уметноста, бидејќи таа е ненадминлива и вечна. Посочи дека уметноста може да ги зближи двете соседни земји и да отвори нови хоризонти за уметниците да се запознаат и подобро меѓу себе да комуницираат.
На изложбата, кој ќе биде отворена за посетителите до 31 август, присуствуваа странски амбасадори и бугарски интелектуалци.
Стојаноски е роден во Прилеп во 1983 година, по што средното образование го завршил во Уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а потоа студирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Ибрахим Беди.