Изгласан најтешкиот буџет од 6,5 милијарди евра – инвестициите во фокусот на забрзување на растот

По жестока комисиска расправа, експресно изгласан буџетот за 2025 година. И покрај тоа што се очекуваше дека собраниската расправа ќе трае подолго, сепак, беше донесен буџетот уште првиот ден. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, буџетот се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции, обезбедува непречено функционирање на институциите и на државата, редовно сервисирање на обврските и има развојна компонента преку поттикнување на реализацијата на значаен инвестициски циклус. Од друга страна, опозицискиот СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ скорила буџет од 6,5 милијарди евра, во кои нема пари за граѓаните

54

Владејачкото мнозинство во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, со 69 гласа „за“ и 5 „против“ го изгласа досега најголемиот буџет, кој тежи 6,5 милиони евра. Изненадува брзината на донесување на буџетот, поради фактот што опозицијата се закануваше дека нема да го поддржи ваквиот буџет, кој, според неа, е нереален и неразвоен. СДСМ поднесе над 200 амандмани во кои главниот фокус беше на зголемување на платите во јавниот сектор и на обезбедување подобри услови за работа и квалитетни јавни услуги.

И расправата за предлог-буџетот за 2025 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет помина тензично. Уште на првиот ден од комисиската расправа, малку недостигаше да се случи физичка пресметка меѓу пратениците Фатмир Битиќи и Бојан Стојановски.

Ова се случи поради тоа што Битиќи обвини дека предлог-буџетот за 2025 година не бил план за економски развој, туку план за комфор на елитата на власта и оти има повеќе пари за мебел и за возила, а нема за граѓаните, за здравјето, за образованието, за стандардот…

Инаку, во буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари, односно на 4 проценти од БДП, а планираниот раст на економијата е 3,7 проценти.

Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, буџетот се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции, обезбедува непречено функционирање на институциите и на државата, редовно сервисирање на обврските и има развојна компонента преку поттикнување на реализацијата на значаен инвестициски циклус.

Од друга страна, опозицискиот СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ скорила буџет од 6,5 милијарди евра, во кои нема пари за граѓаните.

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, потсети дека ВМРО-ДПМНЕ, во време на корона кризата во 2022 година, го оспоруваше буџетот од 4,4 милијарди евра, како нереално проектиран буџет.

-Буџетот во време на енергетската криза во 2023 година, од 5,3 милијарди евра, ВМРО-ДПМНЕ го оспоруваше како инфлаторен и неразвоен, а буџетот од 5,5 милијарди евра за 2024 година, односно во годината во која закрепнуваме од кризите, го етикетираше како напумпан. Сега, во 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ носи најголем буџет, гломазен, од 6,6 милијарди евра, и тоа без каква било кризна состојба. Ако предложениот буџет од 2024 година беше мегаломански, напумпан, расипнички за тогашната опозиција, а сегашна власт, тогаш со какви зборови да го опишеме овој, кој е за една милијарда поголем? – рече Лукаревска.

Според Лукаревска, иако провејува оптимистичка проекција низ целиот буџет, доколку се оствари таа, ќе има соодветно влошување на финансиската консолидација.

– На пример, раст од 13,1 % на приходите од данок на личен доход во 2025 година, во однос на планираните во 2024, е тешко да се оствари, затоа што имаме отсуство на даночна реформа, за која слушнавме дека ќе биде во 2026, во услови на ниска инфлација и на забавен раст на платите. Покрај ова, има даночни приходи, кои се проектирани да растат уште посериозно и од 19 или 20 %, како што се акцизите и царинските давачки – рече Лукаревска.

Претходно, со 74 гласа „за“, Собранието ја донесе и одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите.

Предложената одлука, како што истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, е за финансирање на обврските на буџетските корисници кои беа наследени од претходната власт, а средствата ќе бидат земени од ставките кои е јасно дека нема да бидат реализирани до крајот на годинава.

– Со предложената одлука, се врши релокација на 9,3 милијарди денари, од кои 2,2 милијарди се даваат на Фондот за пензиско осигурување, 1,9 милијарди за Министерството за социјална политика, демографија и млади, 1,2 милијарди денари во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, 1,16 милијарди денари за трансфери кон Фондот за здравствено осигурување, 873 милиони денари во МВР за реализација на проектот на „Сејф сити“ и други потреби, 656 милиони денари во Владата за финансиска поддршка на компаниите, 543 милиони денари во МОН за студентски и ученички стандард, 267 милиони денари за Министерството за дигитална трансформација, 203 милиони денари за Министерството за култура, 168 милиони денари за Министерството за транспорт, 130 милиони денари во Министерството за здравство, за лекови за пациенти со ретки болести, 94 милиони денари на Управата за извршување санкции, 50 милиони денари за АХВ, 35 милиони за МЖСПП – рече Јанкуловски.

ИЗДВОЕНИ