Извонредни независно каде и со кого настапуваат и чии дела изведуваат: Овации за наше македонско, а светско!

2

Импресивните музички изведби во кои настапија македонски уметници од светско реноме изминативе денови се случуваа во црквата Св. Софија во рамките на Охридско лето. И изведбата на “Радомировиот псалтир” на Димитрије Бужаровски, но и изведбата на хрватскиот камерен концерт во кој членуваат музичари од Македонија, беа музички празник за присутните во Охрид

Воодушевена публика и овации, наше, а светско! Вака накратко можат да се опишат импресивните музички изведби кои минативе денови се случуваа во црквата Св. Софија во рамките на Охридско лето, а во кои настапија македонски уметници. И изведбата на “Радомировиот псалтир” на Димитрије Бужаровски, но и изведбата на хрватскиот камерен концерт во кој членуваат музичари од Македонија, беа музички празник за присутните во Охрид.

Она на што секако треба да се гордееме е што токму македонските уметници познати и признати во домашни и светски рамки ја покажаа својата музичка големина која со право е ценета низ светот, независно дали се работи за изведба на дела од домашни или странски композитори, дали се соработува со колеги од земјата од каде потекнуваат или со странските уметници. Едно е сигурно, кога настапуваат македонските уметници публиката е задоволна, а емоциите се присутни. Така беше и на концертот во предворјето на црквата „Света Софија“ каде врвните македонски сопрани Весна Ѓиновска-Илкова и Славица Петровска-Галиќ, тенорот Благој Нацоски, басот Владимир Саздовски, настапија заедно со оркестарот и хорот на Македонската опера и балет и детскиот хор „Пиколо“ подготвен од Весна Димчевска, изведувајќи го ораториумот “Радомировиот псалтир” под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Задоволен од настанот беше и самиот композитор на делото, Димитрие Бужаровски, звучно име во светот на музичката уметност, кој истакна:
“Навистина сум горд што сите имаа можност да уживаат во еден семакедонски производ. Прво, текстот кој е мошне значаен во македонската култура од 13 век, е последниот текст кој е сочуван во старата кирилометодиевска традиција. Потоа јас како композитор, македонски ансамбл, македонски изведувачи, македонски хор…”, вели композиторот Бужаровски. Тој објасни дека токму овој проект, во 1999, првобитно бил замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“, а по 19 години конечно е изведен за каде е и наменет.

Вистинско уметничко доживување со класична и неокласична музика приреди и ансамблот на „Игњац Фукс“ од Хрватска во кој членуваат и тројца македонски уметници, виолинистката Фросина Богдановска која работи во Австрија, контрабасист Илин Диме Димовски кој работи во Загрепската филхармонија и пијанистка Јана Павловска-Молц која живее и работи во Чикаго.

Тие заедно со српскиот кларинетист Александар Тасиќ, обоистот Дарио Голчиќ од Хрватска и хрватскиот уметник Хрвоје Филипс – виола, пред публиката во Св. Софија имаа извонредна изведба на делата од Прокофјев, Арутиуниан, Мулер и Хајдн.
Ансамблот на „Игњат Фукс“ е формиран годинава, специјално по повод 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс.
“Тоа е една од причините за обединувањето на еден ваков состав, но од друга страна, на овие простори недостасува ваков ансамбл од мешовит тип кој може да се прилагодува на каков било концерт и настан”, ќе посочи Димовски.

Ансамблот составен од извонредни уметници од поранешните ју-простори, во текот на наредната година ќе се вклучи во одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Игњац Фукс (1819 -1854) чие вистинско име е всушност Ватрослав Лисински.

Викендов украински музичарки и босански севдах

Во рамките на Охридско лето викендов ќе бидат изведени два концерта. утревечер (11 август) во 21 часот во црквата “Св. Софија” ќе настапат украинските музичарки Жана Марчинска – виолончело и Гана Гусиева – пијано. Тие во рамките на програмата ќе изведат дела од Равел, Лисенко, Пјацола, Шопен…

В недела, пак, исто така во црквата Св. Софија (21 часот) ќе се претстави “Амира трио” со босански севдах, а ќе бидат изведени и неколку познати македонски народни песни.