Избирачкиот список „дежурна тема“ во секој изборен циклус

23

Јавноста во Македонија повторно се сензибилизира. Во парламентот вчера почна пратеничката општа расправа за владиниот предлог за утврдување на потребата од уставни измени, согласно преземените обврски од Договорот со Грција за промена на името и забрзаните евроинтегративни провеси, што следат со овој пакет. Од друга страна, во очекување на неуспех на пратеничкото изгласување на уставните измени, се погласно се најавува уште еден, засега, само можен изборен предизвик. Следната недела ќе биде јасно дали ќе има двотретинско мнозинство за уставни измени согласно Договорот од Преспа или ќе се оди на нови предвремени парламентарни избори што би се организирале со скратени рокови. Тоа ќе значи помалку денови за кампања, за увид во Избирачкиот список, но и за сите останати законски пропишани процедури поврзани со изборите.

Во таква ситуација, на површина повторно испливува прашањето што со Избирачкиот список? Ќе се прочистува ли повторно? Ќе се подготвува согласно досегашната методологија? Иако и по референдумот од 30 септември, како и по речиси секој изборен циклус во изминатите десетина години, се укажува за потребата од промени. Пред се, за да се врати неговата кредибилност.

Граѓани што ги нема во Избирачкиот список, повеќе гласачи запишани на иста адреса, неможност да се ажурираат податоци во Избирачкиот список по завршување на увидот и заклучувањето на списокот пред избори или референдум и на денот на гласање, немање точна евиденција за македонските државјани кои подолго време живеат во странство и нивната адреса во Македонија, се само неколку од проблемите што се адресираат.

Она што можат граѓаните да го направат, а на што упатуваат од ДИК, но и експертите, е тие да ги проверат и да ги ажурираат своите податоци во Избирачкиот список без разлика дали ќе има или ќе нема избори. Граѓаните, исто така, во МВР треба да ја пријавуваат секоја промена на нивните лични податоци.

Пред предвремените парламентарни избори во 2016 година се направи прочистување на Избирачкиот список, но сепак повторно имаше реакции поврзани со него.

Бројките на избирачи во ИС, од година в година се разликуваат, а во него се содржани сите полнолетни државјани на Република Македонија.

За референдумот на 30 септември 2018 година, ДИК го заклучи Избирачкиот список и констатира дека вкупниот број на избирачи изнесува 1.806.336. Во изводите од Избирачкиот список во Македонија беа запишани 1.725.913 гласачи. На посебните изводи за лицата кои согласно евиденцијата се на привремена работа или престој во странство, а не поднеле пријава за гласање во ДКП беа запишани 76.060 избирачи, додека 2.694 избирачи беа запишани во посебните изводи за гласање во 33 ДКП и конзуларни канцеларии, 1.558 избирачи во 13 казнено-поправни установи, 104 избирачи членови на избирачки одбори кои го споредуваа гласањето во ДКП и седум внатрешно-раселени лица.

За споредба, на локалните избори во 2017 година во Избирачкиот список беа запишани вкупно 1.814.644 гласачи, од кои 1.735.682 беа запишани во посебните изводи на лица на привремен престој или работа во странство, како и 1.882 лица во казнено-поправните домови.

На предвремените парламентарни избори во 2016 година, пак, право на глас, според Избирачкиот список, имаа 1.784.416 избирачи. Од нив 1.531.368 запишани во изводите во Избирачкиот список, 230.122 избирачи запишани во посебните изводи во ИС за гласање во ДКП-та и конзуларните канцеларии, а 2.015 во казнено-поправните домови.

Дали може со ваков Избирачки список да се оди на следни избори?

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски вели дека во изминатите години се одеше на избори со истиот Избирачки список и оти и сега може да се оди на избори.

– Македонија во изминатите години одеше на избори со истиот список и сега може да оди на избори. Потенцирам дека не може да се споредува бројот на жители во државата со бројот на државјани. Избирачкиот список се содржи од сите државјани на Република Македонија кои во моментов се некаде над 2.465.000 и кои имаат државјанство на Република Македонија, што значи кога ќе ги одземете малолетните државјани, ќе дојдете до бројката што ја има Избирачкиот список, вели Деркоски.

Укажува дека секогаш во Избирачкиот список, како динамична материја, ќе има проблеми од процедурален карактер.

– Ние како ДИК податоците ги добиваме од надлежниот орган за водење на евиденцијата, а тоа е МВР. Таму се водат управни постапки што можат да траат пократко, можат да траат подолго за промена на адреси, на живеалиште, на брачна состојба и.т.н. Органот што е задолжен да ги води тие постапки ги води соодветно во одреден временски период и како ги завршува така ги доставува податоците до нас за ние да го ажурираме Избирачкиот список, појаснува претседателот на ДИК.

За референдумот во Избирачкиот список ги немаше претседателот на Собранието Талат Џафери и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, за што Деркоски рече дека одговорно тврди оти тоа е од процедурални причини. Старите лични исправи им биле со изминат рок, а додека траел увидот не било побарано да бидат запишани во Избирачкиот список.

Деркоски нагласува дека граѓаните немаат само права туку и обврски и апелира секоја промена во рок од 15 дена да ја пријават до надлежниот орган, во случајов МВР. Сепак, посочува дека не станува збор за некоја голема бројка што може да не загрижува и дека целата слика за Избирачкиот список е во ред.

– По вкрстеното проверување во 2016 се увиде дека Избирачкиот список е тој што е. Се ажурира редовно. На месечна основа ние добиваме податоци од МВР така што мислам дека нема некои посериозни проблеми, тврди Деркоски.

Во деновите по референдумот имаше реакции во врска со Избирачкиот список, меѓу другото, и од владини претставници кои посочија дека ќе иницираат интервенции во него.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски тогаш кажа дека постојат повеќе сегменти што треба да се адресираат и оти дел од нив се должност на Владата, а дел се должност на други институции.

– Во Македонија од 2002 година немаме попис, но во моментот течат подготовките во Државниот завод за статистика за одржување на попис. Наследени се повеќе проблеми што треба да се адресираат и да се решат. Свесни сме сите и дека над 400 илјади наши сограѓани не живеат во Македонија, а ги имаме на Избирачкиот список дека живеат во Македонија. И ова си има импликации на сите изборни и рефередумски процеси. ДИК во наредниот период најверојатно ќе интервенира во однос на Избирачкиот список, меѓутоа сите институции треба соодветно да ги адресираат овие ситуации и да се решат, рече Бошњаковски.

Претседателот на ДИК Деркоски за овие најави на Владата вели дека тоа се политички изјави кои не би можел да ги коментира.

– Тоа се политички изјави што јас не би можел да ги коментирам. Тие се со одредена намена, значи од политички претставници. Јас ви кажувам она што кажува Законот и согласно Законот како треба да се работи, вели претседателот на ДИК.

Неговиот предлог, како што рече како граѓанин, не како претседател на ДИК, е доколку сакаат политичките партии да го прочистат Избирачкиот список веднаш да предложат измена на Законот за државјанство и да се утврди само дека државјанин на Република Македонија може да има само едно државјанство.

– Ќе видите како веднаш ќе го прочистиме Избирачкиот список, вели тој.

Според Деркоски, Избирачкиот список може да се прочисти само со дополнување на одредени законски норми што ја утврдуваат матичната евиденција, Законот за лични исправи, стекнување на државјанство и.т.н. се со цел поажурно да се добиваат податоците.

Според поранешниот претседател на ДИК Александар Чичаковски спроведувањето на изборниот процес, пред се, зависи од довербата на политичките актери кои учествуваа во тој процес, дали тие имаат доверба во Избирачкиот список, во изборната администрација… за да одат на брзо спроведување на избори.

Чичаковски вели дека за подобрување на Избирачкиот список е потребен системски пристап од повеќе релевантни институции и оти претходно е потребно да биде извршена реформа во изборното законодавство во кое е утврдена Методологијата за водење и ажурирање на Избирачкиот список.

– Актуелниот избирачки список е резултат на постојната правна рамка и податоците кои се добиваат од релевантните институции. За системско подобрување на Избирачкиот список е потребно време. Во нашиот случај, во 2016 година, времето ни беше најлош сојузник и сметам дека реформата во Избирачкиот список мора да биде преземена стратешки, да се има стратегија и фазно, повеќе години, да се работи на негово подобрување. Тоа е динамична материја, податоците се менуваат на дневна основа…, посочува Чичаковски.

Реформата, нагласува тој, е долготраен процес независен од изборните циклуси во кои треба да бидат вклучени поголем број институции и експерти.

Системските решенија би подразбирале интервенција во правната рамка, а можеби, вели Чичаковски ќе биде потребна и интервенција во Уставот.

– Пред се треба да се преиспита статусот, начинот на евиденција и остварување на избирачкото право на нерезидентните избирачи. Тоа е најпроблематична категорија на избирачи која е предмет на дискусија во целиот изминат период. Станува збор за државјани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство или пак имаат живеалиште подолг период во странство, а имаат барем еден од важечките лични документи во Република Македонија лична карта или пасош. Треба, пред се, да се преиспита правната рамка – Изборниот законик која што ја утврдува методологијата како се евидентира и како се остварува нивното избирачко право и евентуално да се преиспита уставната одредба од која што произлегува нивното избирачко право, вели поранешниот претседател на ДИК.

Потребата од изборна реформа во насока на подобрување на Избирачкиот список, како што нагласува неминовно ќе се појави во процесот на преговори за пристапување во ЕУ.

– Граѓаните на Република Македонија, хипотетички, кога ќе стане членка на ЕУ, ќе имаат право да гласаат на изборите за Европски парламент и тогаш ќе се појави всушност реалниот проблем што го имаме. Како на пример, ќе гласаат државјани на Република Македонија кои имаат живеалиште во друга европска земја, а во ист момент имаат пасош и државјанство од некоја од соседните земји, вели Чичаковски.

Препораки на ОБСЕ/ОДИХР и домашните набљудувачи

Во Изјавата за прелиминарните наоди и заклучоци за референдумот на 30 септември на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР се наведува дека сите нивни соговорници невеле дека „долготрајните проблематични прашања во врска со точноста на избирачките списоци и структурните недостатоци идентификувани во претходните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР остануваат нетретирани.

– Сепак, и покрај релеватноста на прагот на излезност за референдумот, соговорниците не ја наведуваат точноста на Избирачкиот список како голема причина за загриженост, се посочува во прелиминарната изјава на ОБСЕ/ОДИХР.

Во прилог на ова, пак, се додава дека „законските одредби што го регулираат адресниот регистар, вклучувајќи го и ажурирањето на документацијата, бришењето на иселените адреси и превенирање регистрирање на адреси со недоволен доказ, се недоследни, како што се и дефинициите на времено и трајно живеалиште на граѓаните кои живеат во земјата и во странство. Покрај ова, правилото што бара лицата да пријават промена на адреса не се спроведува, посочуваат во својата прелиминарна изјава од ОБСЕ/ОДИХР.

Граѓанската асоцијација МОСТ по референдумот во однос на Избирачкиот список наведе дека бројот на гласачи кои не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список не влијаел на излезноста, но предупреди дека ваквата појава присутна на повеќе гласачки места низ државата, остава можност за сомнеж во веродстојноста на податоците во Избирачкиот список. Се укажува на системски проблеми во ажурирањето на Избирачкиот список.

Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов во изјавата за МИА потсетува дека оваа граѓанска асоцијација го следи ова прашање веќе подолго време и оти во периодот кога за првпат целиот Избирачки список беше објавен јавно на интернет, пред изборите во 2016 година, се увиде дека во него има многу неточности, од кои дел се резултат на долгогодишни системски проблеми, како и на начинот на водење на базите на податоци за граѓаните кои првенствено произлегуваат од МВР.

– Овие системски проблеми се однесуваат на честата промена на имињата на улиците, спојувањето на две улици во една, начинот на кој се запишани адресите на избирачите, а особено куќните броеви итн. Друг аспект е живеалиштето на граѓаните, односно разликата помеѓу граѓаните кои живеат во РМ и оние кои престојуваат во странство. Во јавноста често доаѓа до забуна, па се мисли дека оние кои се иселиле треба да бидат избришани од Избирачкиот список, што е погрешно, посочува Алексов.

Тој укажува дека она на што треба да се обрне внимание е како да се обезбеди реалната бројка на оние кои се иселиле, и на кој начин да се регулира нивното гласачко право. Постојат држави во светот, вели тој, кои го ограничуваат правото на глас на државјаните кои живеат во странство, односно после извесен период на престој во странство истите или го губат правото да гласаат во матичната земја или потребно е да иницираат некаква постапка за да го искористат за да може да гласаат.

– Што се однесува до изборите, факт е дека ниту една политичка партија не го оспори Избирачкиот список на локалните избори во 2017 година, рече Алексов.

Препораката на МОСТ е граѓаните редовно да ги проверуваат своите податоци во Избирачкиот список, дури и во период кога нема избори, и доколку е потребно да извршат промена во истите.

– Она што јавноста треба да го знае е дека промени во Избирачкиот список може да се вршат во текот на целата година, а не само кога има избори, потенцира Алексов.

ЦИВИЛ во соопштението од 9 октомври, по референдумот реагираше на „грубата повреда на правото на глас, што се должи на лошиот Избирачки список и ригидноста на институциите“. Од таму, меѓу другото, повикувајќи се на нивните набљудувачи на референдумот дека ако гласач го нема во Избирачкиот список не може да гласа, без оглед на тоа што некои од нив биле во него при електронската проверка, а некои не можеле да гласаат затоа што истекол рокот на важноста на нивниот документ за идентификација, иако биле на Избирачкиот список. Во истото соопштение, како што се наведува во пресрет на изборните процеси, без оглед на тоа дали се работи за предвремени или редовни избори или референдуми, се бара од институциите и од политичките партии, да не дозволат повреда на правото на глас никогаш повеќе.

Елизабета Вељановска Најдеска