За време на фестивалот ќе бидат запазени сите заштитни протоколи: просторот за седење ќе е заграден со специјални банкини од полиција, местата за седење ќе се со ограничен број за 60 посетители проследено со предвидената дистанца, температурата ќе се мери од страна на Црвен крст, дезинфекцијата ќе е задолжителна и ќе се делат бесплатни маски, вели директорот Трајковски за ВЕЧЕР
Кумановскиот фестивал „Тумба фест“ препознатлив по новосоздадени песни на кумановски дијалект и оваа година ќе го заживее градот во народниот мелос и шегобиски карактер. Осмото издание на фестивалот со ревијален карактер ќе се одржи на 23 септември пред платото на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово, со почеток во 20 часот. За жал, оваа година почитувајќи ги сите предвидени мерки за заштита од коронавирус бројот на посетителите ќе биде намален, а ќе се применат и сите здравствени протоколи. На сите присутни ќе им се поделат бесплатни маски, а љубители на нородна музика безгрижно ќе можат на уживаат во народни песни. Повеќе детали како ќе се спроведе единствениот фестивал каде акцентот е ставен на дијалектот на градот домаќин, имињата на учесниците и уште други детали, за весникот ВЕЧЕР ги открива директорот на фестивалот Игор Трајковски.
„Тумба фест“, кој се организираше до 2000 година се возобнови минатата година. Како и секогаш познати звучни имиња ќе ни пеат на кумановски, а со години и младите генерации ќе ги препејуваат.
– Минатогодишното возобновување имаше застој од 19 години, а ова е втора година како продолжува традицијата на „Тумба фест“. Ќе учествуваат и домашни и странски автори како и изведувачи. Оваа година имаме преку дваесет изведувачи од Македонија, Бугарија и Босна, а дваесет и четири автори на песни. Благица Павловска, Марјан Коцев, Душко Ѓорѓиески, Круме Спасовски, кумановските пејачи Нино Величковски, Лидија Спасовска, Челик Бенд и Босанецот диџеј Крмак се само дел од учесниците. За реализација на овогодишниот фестивал се вклучени преку 150 луѓе, вели директорот и додава:
– Годинава не бевме препознаени од релевантни структури за финансиска помош. Но, сакам да упатам голем поздрав до градоначалникот на градот Куманово, советот, секторот на Општината и фондацијата за култура за реализација на манифестацијата.
Сепак здравјето е секогаш на прво место, а со цел публиката да не биде лишена од идните хитови ќе се одржи во поинакво издание, поточно во согласност со епидемиолошки протоколи.
– За време на фестивалот ќе бидат запазени сите заштитни протоколи: просторот за седење ќе е заграден со специјални банкини од полиција, местата за седење ќе се со ограничен број за околу 60 посетители проследено со предвидената дистанца, температурата ќе се мери од страна на Црвен крст, дезинфекцијата ќе е задолжителна и ќе се делат бесплатни маски, вели Игор.
И покрај големите потешкотии организаторите и директорот со последни сили успеаја да ја зачуваат кумановската традиција и да ни остават белег од нови композиции.
Покрај тешките услови за организирање на фестивали смогнавме сила да го организираме „Тумба фест“ и да оставиме и оваа година уште нови 20 рефрени. Иако во градов Куманово се организираат повеќе манифестации кои ги нарекуваат фестивали, а на нив се интерпретираат веќе слушнати композиции и песни, со еден збор би се рекло дека тоа се концерти, а не фестивали. „Тумба фест“ секоја година остава и ќе остава најмалку дваесетина нови песни за кои е потребно да се издвојат средства за музика, текст и студио, а воедно е единствен фестивал на кој се пее на дијалект, во овој случај на кумановскиот и на шегобиен карактер, додава Трајковски.
Фестивалот на денот на одржување ќе се емитува во живо на ИН-ТВ и на Македонската радио телевизија. Организатор на фестивалот е Здружение за заштита на културно наследство „Етно ризница“ – Куманово. (М.А.)