Зградите да се трансформираат во потрошувачи на нула енергија

15

 

Трансформацијата на зградите во објекти со потрошувачка на енергија близу до нула (nZEB) и бариерите и можностите за интеграција на системите за складирање енергија во згради со фотоволтаици се предизвиците со кои се соочува научната и стручната јавност. На оваа тема се дебатираше на работилницата “Бариери и можности за интеграција на системи за складирање енергија во згради со фотоволтаици и примена на nZEB стандардите” организирана од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

“Целите на европската политика за клима и енергија се јасно поставени – до 2050 година, целосна декарбонизација на производството на електрична енергија (без емисии на сткленички гасови, а тоа значи без фосилни горива) и намалување на емисиите на стакленички гасови од целокупниот енергетски сектор за 80% во однос на нивото во 1990 година. Во таков контекст, начините и технологиите за складирање на енергија добиваат се поголемо значење вели професор д-р Наташа Марковска од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при Македонска академија на науките и уметностите.

За професор Марија Кацарска од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, главни цели на проектот се подобрување на интеграцијата на фотоволтаици и системи за складирање на енергија во згради преку 5 пилот проекти, со што ќе се олесни транзицијата кон нЗЕБ, како и идентификување и справување со бариерите кои се појавуваат при инсталацијата на фотоволтаици.

Според професорот од ФЕИТ, Димитар Димитров, во последниве години, цените на компонентите на фотоволтаичните системи се значително намалени, што доведе до намалување и на производната цена на електричната енергија. Таа веќе го достигнува нивото на цените а од класичните извори.

Љупчо Димов од скопската општина Карпош објасни дека единиците на локалната самоуправа и според досегашните законски решенија, а посебно според новиот закон за енергетика и законот за енергетска ефикасност (во подготовка) имаат широк спектар на можности за примена на системите со фотоволтаици како поединечни извори на енергија.
“Според новиот закон сите индивидуални резиденцијални објекти може да инсталираат вакви системи до 4 киловати (словенскиот модел), а ќе бидат субвенционирани со 500 евра од државата, при што постапките ќе почнуваат и завршуваат во општините. Согласно европските директиви од 2018 година сите новоизградени јавни објекти во надлежност на општините треба да бидат енергетски независни – посочи Димов.

(В.Ма.)