Зголемување на цената на свинското месо за 5 отсто ќе ја намали загубата на производителите

15

Домашните производители на свинско месо бараат зголемување на цената за 5 отсто, бидејќи сегашната цена од 80 денари за килограм жива мера е нерентабилна и работат со загуба

Цената на свинското месо се уште е непроменета и изнесува 80 денари за килограм жива мера свинско месо, која е иста како производната и не е рентабилна за производителите на месо. И покрај тоа што тие се надеваа дека по новогодишните и божикните празници таа ќе се зголеми, сепак тоа се уште не се случи. Причината за ниската цена на свинското месо е поради увозот од Србија и Европа кој ја диктира цена и домашните производители не можат да одат над таа цена. Тие бараат зголемување на цената на свинското месо за 5 отсто за да не работат со загуба.
– Сегашната цена на свинското месо од 80 денари за килограм жива мера е нерентабилна, но не можеме да ја промениме додека тоа не го направат Србија и Европа. Пазарот е отворен и слободно се увезува месо. Со Србија имаме договор за слободна трговија, а со Европа договорени квоти за увоз. Не можеме да ја качуваме цената бидејќи тоа не зависи од нас, а од друга страна ќе бидеме неконкурентни со цената, вели претседателот на Асоцијацијата на земјоделци и одгледувачи на свињи, Ефтим Шаклев.
Тој се надева дека ќе има зголемување за 5 отсто, бидејќи производителите на месо засега со овие цени работат со загуба.
– Имаме доволно свинско месо да ги задоволиме потребите на домашниот пазар, додека пак пилешко и јунешко месо нема доволно и затоа мораме да увезуваме, додава Шаклев.
Што се однесува до барањата на Асоцијацијата на земјоделци и одгледувачи на свињи за заштита на македонското свежо месо, засега ни едно не е прифатено. Барањата треба да обезбедат поголема заштита на производителите и на потрошувачите, како и поголема контрола на свежото свинско месо во продажба за да се види да не е претходно замрзнато. Исто така, тие бараат во угостителските објекти да се декларира какво е местото, односно дали е замрзнато или свежо.
Во моментов во земјава се одгледуваат околу 200.000 свињи, за зголемување на производството може да размислуваат по 2020 година, кога се очекува да заврши вакцинирањето на свињите од болеста свинска чума. Засега македонските производители не можат да извезуваат на пазарите во земјите на ЕУ, но откако ќе заврши вакцинацијата ќе има и преоден период, кога ќе ја добијат дозволата ќе можат да размислуваат и за зголемување на производството. (А.С.)