„Сите активности од изминатите две години, кои меѓу другото опфаќаат и статичка и сеизмичка анализа, се основа за реализација на проектот „Аквадукт во Скопје“ и воедно чекори за негова целосна заштита. Проектот во понатамошниот период опфаќа и негова ревитализација преку хортикултурно уредување и сите придружни содржини, со што Аквадуктот ќе влезе во туристичката мапа не само на градот Скопје, туку и на Република Северна Македонија како дел од културното наследство“, вели Коле Чапкановски, директор на Конзерваторскиот центар Скопје
“Идејниот проект за конзервација на Аквадуктот е завршен, а основниот ќе биде готов за две недели“, објави деновиве министерката за култура Ирена Стефоска, која претходно најави дека заштитата на културното наследство ќе биде приоритет во текот на нејзиното раководење со министерството. Таа потенцираше дека лично го посетила Градскиот конзерваторски центар со цел да се информира за предвидените активности поврзани со овој импозантен објект во близина на Скопје. Оставен на забот на времето Аквадуктот, за кој се смета дека е изграден во времето на Јустинијан, во 6 век, со децении наназад пропаѓа поради што е руиниран на повеќе места. Минатата година во октомври беа направени и дополнителни оштетувања од страна на непознат сторител, кога десетина носечки столбови на Аквадуктот беа оштетени во долниот дел. Дополнително руинирање на објектот, според стручните лица, се појавуваше и од подземните води.
Дека се преземаат конкретни чекори за реставрација на аквадуктот потврдуваат и од Конзерваторскиот центар Скопје.
„Во изминатите две години се направени огромни чекори да се дојде до реализација на основниот проект „Аквадукт во Скопје“. Изработен е идејниот проект, елаборат за ревалоризација, како и основниот градежен проект кој во себе ги содржи градежните активности (определување динамички карактеристики на Аквадуктот со теренско мерење на амбиенталните вибрации , статичка и сеизмичка анализа, геотехнички истражни работи со лабораториски испитувања на јакоста и деформабилни карактеристики…). Сите овие работи се основа за реализација на предвидените активности и воедно чекори за заштита на Аквадуктот како целосен Проект, кој во понатамошниот период преку хортикултурно уредување и сите пропратни содржини ќе го ревитилизира овој простор и ќе влезе во туристичтата мапа на градот Скопје, но и на Република Северна Македонија како дел од културното наследство“, вели Коле Чапкановски, директор на Конзерваторскиот центар Скопје.
Тој потврдува дека основниот проект “Аквадукт во Скопје“ кој опфаќа конзерваторско-реставраторски работи и санација на оштетените делови од Аквадуктот ќе биде завршен во предвидениот рок .
“Реализација на проектот се очекува да започне во 2021. Стручен тим од НУ Конзерваторски центар ја сведува при крај пресметката колку ќе чини реализацијата на проектот, но ќе се оди етапно и во неколку фази, токму од тие причини што не може со сигурност да се предвиди целосната финансиска конструкција. Проектот “Аквадукт во Скопје“ е од капитално значење и вклученоста во делот на финансирањето го раководи Министерството за култура“, додава Чапкановски.
Инаку, за периодот на изградбата на Аквадуктот многу историчари го цитирале Прокопиј (познатиот хроничар на владеењето на Јустинијан), според кој водоводот бил подигнат во периодот од 527 до 565 г. Се верува и дека поради сличноста со техниката на градење на Аквадуктот со Куршумлиан во Скопје, тој не потекнува од византискиот период туку бил граден во текот на 15 век, кога градот Скопје започнал интензивно да се зголемува заедно со новите исламски градби: амами и џамии, за кои биле потребни големи количества чиста вода.
За стариот скопски водовод – Аквадукт во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 пишувал и македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Тој запишал дека водоводот започнувал од самото подножје на Скопска Црна Гора на два ипол часа растојание од Скопје и над самото село Глуво. Во текот на својата историја, голем број на патници, историчари и писари кои пишувале за Аквадуктот сепак не се согласувале околу бројот на неговите лакови. Според некои тврдења нивниот број бил 200, па 60, а бројот од 55 лакови е забележан и во „Енциклопедија на ликовните уметности“, објавена во Загреб во 1960 г. Според податоци од 1514 г., кога се смета дека бил изграден Аквадуктот, тој содржел 55 лакови кои се потпираат на масивни столбови со квадратна основа, а вкупната негова должина изнесувала 386 метри. Според описот на Ѓорче Петров, пак, од 1896 а, мостот на Аквадуктот имал 62 столбови, од кои секој висок 6 метри, долг 5 метри, а широк 4 метри… (Д.Т.)