За првпат – ќе се пеат „Песните на Тоше 2024“ на уникатен Меѓународен фестивал, во Скопје на 12 октомври

2837

За првпат, на 12 октомври оваа година, во НОБ во Скопје, ќе се пеат „Песните на Тоше“ во едно фестивалско издание. Организаторот е Марјан Катароски, инаку промотор на македонски таленти во светот и актуелен директор на Светската асоцијација на фестивали. Тој на нашите млади артисти им овозможува да покажат во меѓународни рамки, што се знаат и умеат, па и да освојуваат највисоки награди години наназад.

Тоа што во моментот го преокупира Марјан Катароски е подготовката на нешто  ново, што ќе ги разбранува емоциите кај публиката. Тоа е уникатен фестивал што е насловен како „Песните на Тоше“. Ќе се одржи на 12 октомври во Националната опера и балет во Скопје.

– Идејата за организирање на овој фестивал долго тлееше во мене и го чекаше вистинското време да се реализира. Целта е да продолжат да живеат песните испеани од Тоше Проески. Новите генерации да ги пеат, а истовремено да успееме да им дадеме на тие песни една друга димензија, енергија. Воедно, секој пејач ќе даде свој печат, а ќе се пеат, секако во живо, на јазикот на кој се снимени, покрај македонскиот. Ќе има учесници од Македонија, но и од целата екс-Југославија, и од подалеку, од Израел, Украина, Русија, Скандинавија….                                  Музичарите кои секаде го следеа Тоше Проески, најдобрите дваесетина учесници што ќе настапат на таа гала-вечер. Во публиката ќе има многу драги гости, а секако и членови на семејството на Тоше, со кои најпрво разговарав за овој проект.

Јас сум директор на фестивалот, а зад мене стои голема, професионална екипа. Верувам дека сите заедно ќе направиме еден од најубавите настани што воопшто се одржал кај нас. Низ песните ќе ја раскажеме и приказната за животот на нашиот Тоше Проески, вели Катароски, верувајќи во успехот. Тој додава дека очекува овој специфичен фестивал, од година во година да израсне во голема манифестација од неколку дена.

– Во врска со овој проект, кај сите во старт има добра енергија и поддршка, па затоа верувам дека фестивалот „Песните на Тоше“ со овие вонвременски мелодии уште долго ќе постои, посака Катароски.

И што е многу важно Фестивалот директно ќе го пренесува Македонската телевизија, така што и целиот свет ќе ужива во тие песни на нашиот музички ангел.