ЗА НАЈЛУДАТА НОЌ: Нашите кријат, а Лепа Брена, Мара Шерифовиќ, Лукас, Бреговиќ, Чолиќ, Сека и Северина…..пеат за 40 до 80 илјади евра!

5

И, ете така, додека се наближува најлудата ноќ во годината, естрадните ѕвезди задоволно си ги тријат дланките. Повторно на нивните трансакциски сметки ќе легнат многу евра, франци, фунти, долари, динари или можеби и денари. Поранешните југословенски пејачи, пред се оние од Србија, Хрватска и Босна од големината на новогодишните хонорари не можат од силна возбуда ни да ја дочекаат славеничката ноќ, кога ќе им се радуваат на парите, како деца на пакетчиња. А, дали е среќата во парите, тие најдобро си знаат.

Со оглед на тоа дека парата им овозможува убав живот неоптеретен со сиромаштија и неизвесност, сфатливо е зошто ги викаат парољупци, а потоа и забавувачи. Па, доколку сте подготвени да ве забавуваат во ноќта кога стрелките ќе се поклопат, еве кои на пример од тие пејачи најмногу ќе се омрсат? Српските пејачи Јелена Карлеуша, Аца Лукас, Марија Шерифовиќ и Аца Пејовиќ успеале да договорат високи хонорари, па за една вечер ќе заработат меѓу 30.000 и 40.000 евра. Радиша Трајковиќ Џани, Сека Алексиќ и Ана Бекута за една вечер ќе заработат 25.000 евра. Додека пак Дара Бубамара, Катарина Грујиќ и Милица Павловиќ ќе пеат за 15.000 евра. Здравко Чолиќ, Горан Бреговиќ, Бајага, Бора Чорба, Мирослав Илиќ, Шабан Шаулиќ, Лепа Брена, Цеца Ражнатовиќ, Жељко Јоксимовиќ, Весна Змијанац, Ана Николиќ, Владо Георгиев…..и уште многу други ќе пеат за сума од 20 до 80 илјади евра. Точно погодувате дека најдобро платена тезга искеширала легендарната Цеца иако се зборува дека ќе остане дома со своите.

Звучи парадоксално, но е жива вистина дека сите тие ќе пеат на овие наши балкански простори, кој во самата Србија, кој кај нас во Македонија, кој во Босна или на црногорското приморје. Српските менаџери тоа го објаснуваат со лошата состојба во дијаспората во која дојде до смена на генерациите, која се помалку е подготвена на популарните пејачи да им исплаќа ненормален износ на пари. Кај нас во Македонија ситуацијата е обратна. Скоро сите се залетале во македонската дијаспора во која уште има пари. И тоа воглавно фолк-елитата. Забавњаците многу послабо се таму барани. Но никој од нив не се изјаснува за износот на хонорарите, па се претпоставува дека или се толку мали што срам им е да зборуваат или ги кријат од Управата за јавни приходи?

Нашите пејачи веќе имаат договорено голем број новогодишно-божиќни тезги во странство во Германија, Италија, Швајцарија, па и подалеку во Канада и Америка. Ретко кој останува дома за лудата ноќ, бидејќи во Македонија владее сиромаштија и многу мал број газди на кафеани и ресторани се подготвени да им плати по пет до десет илјади евра за една до две вечери. И во и од Хрватска како и во Босна пејачите исто така ќе бидат многу добро платени.

Се разбира најплатена ќе биде Северина, а во чекор ја следат Јелена Розга, Џибони, Младен Грдовиќ, “Магазин”, Тони Цетински, Томпсон, Даниела Мартиновиќ, Петар Грашо, Борис Новковиќ, Дорис Драговиќ, Жељко Бебек….а, од Босна тоа се Дино Мерлин, Ханка Палдум, Хари Мата Хари, Халид Бешлиќ, Харис Џиновиќ, Халид Муслимовиќ, Селма Бајрами,….
Д.М.