За мајмуните и лемурите – сладолед од овошје, за нилските коњи – лубеница за разладување

Не само луѓето, туку и животните тешко ги поднесуваат тропските горештини и екстремно високите температури. Но, вработените, поточно негувателите од скопската Зоолошка градина, се обидуваат да им ги направат топлите денови попријатни и поиздржливи.

Од Зоолошката градина велат дека на оние животни што не се месојади, особено на мајмуните и лемурите, им подготвуваат сладолед од овошје.

Поголемите животни, како што се слоновите и нилските коњи, се разладуваат со лубеница, додека лавовите и тигрите добиваат сладоледи од месо. Морските лавови се насладуваат со сладоледи од риба. На жештината, слониците Дуња и Даела најмногу сакаат да бидат прскани со вода од противпожарно црево, за што се грижат нивните ЗОО- негуватели.

Освен тоа, водата во базените во живеалиштата постојано се обновува. За да не ја чувствуваат топлината, сите алпаки добија нови фризури, односно добро се потстрижени.

(А.П.) Фото: П. Стојановски