Редовен четиригодишен мандат или краткотрајна Влада која ќе ги чека локалните избори в година? Тесниот резултат и предноста со два пратеници на коалицијата на СДСМ, пред ВМРО-ДПМНЕ дава нова неизвесност во партиските наддавања за формирање владата, но и за тоа каков ќе биде нејзиниот опстанок. Партиските разговори кои официјално почнуваат од утре, не може да навестат каква коалиција може да се очекува, и колку време ќе биде потребно за да се договори новиот состав на „Илинденска„. Копјата за тоа какви поместувања ќе се прават, очекувано пак ќе ги кршат СДСМ и ДУИ.
Портпаролот на ДУИ не ја исклучува можноста за формирање мнозинство и со ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за косовска телевизија рече дека како партија не би имале ништо против идејата за ротационен премиер. Предлогот на ДУИ за прв премиер Албанец го опиша како симболичен.
Професорот Владо Бучковски во изјава за весникот Вечер коментира дека СДСМ заедно со неколку партии ќе формираат парламентарно мнозинство со 66 пратеници, а за двотретинските закони ќе се бара заеднички јазик и со ВМРО-ДПМНЕ.
-Јас очекувам Заев да направи Влада со ДУИ, ДПА и со Алтернатива. Тоа се 66 пратеника. За потсетување овие партии се застапени во владата во заминување (министерот за култура Исмаили е од Алтернатива). Ваков состав на Владата може да добива поддршка и од осумте пратеници на Алијансата на Албанците, за Закони кои се реформски. За двотретинските реформски закони ќе мора да се најде заеднички јазик и со ВМРО-ДПМНЕ. Локалните избори се за една година, резултатот од нив може да биде шанса за опозицијата (при евентуална нивна победа), да бара предвремени избори, смета Бучковски.
Колку би можела да опстане идната Влада, во овие услови не може да се предвиди, коментира професорот Светомир Шкариќ, кој потенцира дека широка, или концентрациона Влада повеќе може да содејствува во овие специфични услови.
-Во овие услови тешко може да се предвиди колку би можела да опстане идната Влада, тоа е поврзано политичкиот живот во земјава, а тоа во оваа ситуација е непредвидливо. Широка или концентрациона влада повеќе би содејствувала во ваква состојба особено поради корона-кризата и секако преговорите со Европската Унија – овие две состојби бараат повеќе концентрација и единство на политичките сили, кај нас за жал постојат длабоки поделби во политичките состојби што се граничат со нетрпеливост, додава професорот Шкариќ.
Ние и во техничката Влада, која всушност беше формирана за спроведување на фер и демократски избори, гледаме поделби и немаме среќа да размислуваме за обединување на силите, додава тој.
-Кај нас не можеше да функционира ни експертска влада во 91 година. Политиката во нашата земја ги држи сите процеси. Такво единство какво што споменуваме, единствено може да се очекува само во земјите со висок степен на демократија и толеранција, а кај нас засега такво нешто не е возможно, изјави Шкариќ за весникот Вечер.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски деновиве изјави оти не поддржува широка коалиција. Според него, таква влада би била неефикасна. Во однос на барањето на ДУИ за премиер Албанец, Мицкоски вели дека оваа реторика веќе бледнее и оти била искористена како фолклор за изборите. Тој рече дека повеќе поддржува преодна влада која би организирала нови парламентарни избори.
Мицкоски минатата недела изјави и дека не би го изненадило и доколку наесен се случат нови предвремени парламентарни избори ако не успеат ниту тие, ниту СДСМ, ниту друга партија да формира Влада.
На предвремените парламентарни избори, што се одржаа на 15 јули, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА. (Ј.Ц.Г. )