Заев – Петричек: Напредокот ќе биде вреднуван во јуни со почеток на преговори со ЕУ

3

Во јуни ќе биде вреднуван напредокот на земјава со почеток на преговори со Европската унија, е очекувањето што беше изразено на денешната средба на премиерот Зоран Заев со чешкиот министер за надворешни работи, Томас Петричек.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, е поздравен постигнатиот Договор од Преспа и отворените НАТО перспективи, резултатите на нашата држава на економски план во последниот период и реформскиот процес.

Премиерот Заев рече дека со политики на дијалог во државата, на изградба на иднина со соседите и охрабрувањето од пријателите од меѓународната заедница, доаѓаат резултатите.

-Адаптиравме голем дел од донесената легислатива во реформскиот процес и очекуваме заокружување во претстојниот период на реформите во правосудството, борбата против корупцијата, безбедносните служби, јавната администрација, низ отворена соработка со опозицијата. Подготвени сме како држава да одиме напред. По 14 години од добиениот кандидатски статус, во јуни очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската унија, рече Заев.

Тој посочи дека позитивните промени во државата, во последните 20-тина месеци ги покажуваат првичните резултати во квалитетот на живот на граѓаните и економијата, кон чие што обезбедување е насочена Владата.

-По два месеца од постигнатиот Договор во Преспа има само позитивни ефекти. Двојно се зголемени странските инвестиции за само една година, има раст на бруто домашниот производ, од минусното салдо што беше затекнато, сега имаме намалување на невработеноста, раст на платите. Евро-атлантската иднина на Република Северна Македонија значи стабилност и безбедност за нашата држава и за регионот, но и економски развој, рече премиерот.

На средбата е констатирано дека постојат пријателски односи помеѓу нашата земја и Чешката Република што овозможуваат интензивирање на соработката. Премиерот Заев се заблагодари за чешката финансиска помош во областа на безбедноста и споделените искуства при справувањето со бегалската криза. Воедно, на чешкиот министер Петричек му врачи официјална покана за премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш, за негова посета на земјава.