Четири лица настрадаа, а 48 се повредени синоќа во експлозија на годишниот фестивал што го организира Друштвото на Црвениот крст во градот Умфанг во провинцијата Так во Тајланд, соопшти тајландската полиција.
Полицијата соопшти дека привела две лица осомничени за учество во бомбашки напад на северот на земјата што се случи во петокот непосредно пред полноќ, кога експлозивна направа беше фрлена врз толпа луѓе собрани на отворено на годишен фестивал, објави Nationthailand.com .
Во експлозија на импровизирана експлозивна направа две лица загинале на лице место, а уште две жртви им подлегнале на повредите во болницата во Умфанг, додека меѓу повредените има и 14-годишно момче.
Полицајците ги испрашуваат сведоците за деталите на сторителот, кој беше забележан како фрла бомба кон група луѓе кои присуствуваа на фестивалот, а инспекторите изразија уверување дека бомбашот не бил обичен граѓанин, бидејќи обемот на експлозијата сугерира дека биле користени експлозиви од воено одделение.
Портпаролот на Министерството за одбрана, Танатип Саванганг, изјави за АП дека локалната полиција соопшти дека пред експлозијата избила тепачка меѓу ривалски групи мажи и дека форензичките докази покажале дека експлозивната направа била рачно изработена бомба.
Провинцијата Так има силно воено присуство во нејзините погранични области, вклучително и во Умфанг.
Премиерката Паетонгтарн Шинаватра изрази сочувство до жртвите и нивните семејства и им нареди на безбедносниот персонал и на релевантните агенции во областа да истражат и да им помогнат на погодените, соопшти владата.