ЕКСКЛУЗИВНО СО АНА СИНИЦКИ: Калеш Анѓо и Јовано Јованке често ги пеам на моите концерти

6

Ана Синицки, светски познатата оперска пејачка со македонско потекло, која живее во Белград, а настапува ширум Европа и Америка, за “Вечер” ја откри својата емотивна врска со Македонија. “Секогаш кога сум во Македонија се чувствувам како дома и само најубави емоции ми се будат затоа што сум меѓу луѓе со кои се разбирам и ги чувствувам како свои најблиски”, вели Синицки која зборува осум јазици и има завршено три факултети. Сепак, оперското пеење стана нејзина професија…

Синоним сте за успешен уметник, поточно оперски пејач кој плени и освојува со својот моќен глас. Кој беше мотивот да започнете да се занимавате со оперско пеење?
Од најраното детство се занимавав за музика која во нашиот дом беше секогаш доста застапена. Од родителите кои се музички образовани а доктори, наследив љубов кон сите врсти на музика и често кај нас дома се пее и радува покрај музиката. Желбата за усовршување на гласот ме одведе до мојата прва професорка по пеење која веднаш препозна во мене талент за оперско пеење, но јас во почеток не бев сосема убедена дека тоа е мојот пат и студирав на три факултети истовремено. Со време работите се изменија и се повеќе бев одлучна да тргнам сосема професионално по музичкиот пат. Дипломирав на музичка академија, а потоа и магистрирав оперско пеење на Универзитетот Јејл во САД. На тој начин, другите два факултети на кои дипломирав (Менаџмент во уметноста, како и Банкарство и трговија) станаа само вид на додатно усовршување кое секако ми значи и денес во музичката каријера.

Што ве врзува за Македонија и какви чувства буди во вас?
За Македонија пред се ме врзуваат моите гени: по мајка и делумно по татко сум Македонка. Но исто така, ме врзуваат и најубави спомени од Битола каде што ги поминував сите лета и зими како дете. Секогаш кога сум во Македонија се осеќам како дома и само најубави емоции ми се будат затоа што сум меѓу луѓе со кои се разбирам и ги чувствувам како свои најблиски.

На што најмногу се сеќавате од своето детство поминато во Битола?
Битола е градот на моите родители, таму се уште го осеќам оној стар градски дух и се сеќавам на сите прекрасни луѓе кои влијаеја и на моето растење, се сеќавам на убавото друштво кое го имав како дете, трчање со нив низ маалата кај баба ми и тетките на мајка ми, многу топли лета и уште поладни зими. Секогаш кога сум повторно во Битола се осеќам како пак да имам шест години. Денес најчесто одам поради професионални обврски и имам малку време да уживам во Македонија, но се надевам наскоро ќе си дозволам повторно да бидам она мало девојче кое трчаше низ маалата во Битола…

Настапувате во Белград, но и насекаде во Европа и Америка. Со оглед на вашата исклучително успешна кариера дали имате време за настапи во Македонија?
Секогаш се радувам кога добивам повик за настап во Македонија токму поради таа емотивна врска која ја имам со Македонија и секогаш се трудам тие настапи да се реализираат какви и да се можностите.

Минатата година го издадовте својот прв албум, на кој освен класичната има и популарна музика. Кажете ни нешто за албумот и зошто се решивте на ваков микс?
Поради тоа што отсекогаш бев опкружена со разни видови на музика, имав желба да направам еден албум на кој ќе ги вклучам сите жанрови кои и приватно ги слушам и пеам. Затоа и албумот го нареков “Ми алма”, на шпански “Моја душа#. Тоа е спој на мојот оперски глас и популарна музика со интересни аранжмани, и него го нарекуваат Цроссовер или “премин преку”, од класика во популарна музика и обратно. На овој албум имаме брзи шпански песни, руски цигански, диско во стилот на Холивуд, француски шансони, песни во стилот на Бочели, италијански модерни, англиски балади и др. На седум јазици, песните се авторски со две обработки на една стара македонска песна “Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо# и “Париски локал# од Корнелије Ковач кој ми укажа голема чест со тоа што само на две пејачки пред мене им даде дозвола да ја снимат оваа песна, а мене како трета ми овозможи на мој начин да ја отпеам.

Вие сте истовремено и композитор и текстописец. Може ли да очекуваме ваша композиција врзана за Македонија и имате ли некоја македонска песна која најрадо ја потпевнувате, па дури и изведувате на сцените во светот?
Се трудам секогаш нови композиции да компонирам каде и да сум, и секако имам во вид и една нова македонска песна со интересни ритми. Од веќе познати македонски песни најмили ми се старите изворни песни, како Калеш Анѓа, Зајди зајди, Јовано Јованке и др., а исто така и популарни како што е Молитва од Виолета Томовска. Сите нив со голема радост ги влукучувам повремено на моите концерти, посебно кога настапувам надвор од Балканот.

Наскоро македонската публика ќе има можност да ве види и слушне, овој пат како учесник на музичкиот спектакл кој ќе се случи на 20 и 27 во Македонската опера и балет. За што всушност се работи и како дојде до соработката?
Тоа ќе биде исклучително интересен настан. Ќе настапам со кубански фламенко оркестар Ecos Company и ќе изведиме популарни шпански песни како и една интересна оперска арија. Ваков спој на кубански фламенко оркестар со оперски глас секако ќе биде несекојдневен. Со мене ќе настапат и Васил Хаџиманов, Тони Китановски и Бени Шакири. За сите нас ова ќе биде посебно искуство. Настанот во МОБ е овозможен од страна на MACUBA,, здружението на пријателство помеѓу Македонија и Куба.

Кој е вашиот следен чекор на музички план?
Следен чекор се настапи низ Европа и Америка, а исто така планираме снимање на нови и веќе познати песни со уште поинтересни аранжмани во кои секој ќе најде нешто за себе. (Д.Т.)